Македонија
Четворица повредени во пожарот во Кочани ќе бидат отпуштени од болницата во Софија

Четворица пациенти, кои се лекуваат во болницата „Пирогов“ во Софија, Бугарија, денеска ќе бидат отпуштени од болница, изјави Маја Аргирова, раководител на Клиниката за изгореници и пластична хирургија. Сите четворица се во добра состојба.
„Дадени се инструкции, во тек е лабораториско следење на нивната клиничка состојба, а во зависност од нивната состојба, ќе се проценува евентуална нова хируршка фаза“, додаде таа.
Во софиската болница на лекување остануваат уште четворица други пациенти.
Во пожарот што избувна во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март загинаа 61, а речиси 200 лица беа повредени. Некои од повредените се пренесени на лекување во други земји. Во Бугарија се хоспитализирани 16 повредени – од нив, осум во болницата „Пирогов“ и по тројца пациенти во болниците во Пловдив и во Варна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево и топло време за Велигден

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд и услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11, а максималната ќе достигне од 19 до 23 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот ќе има врнежи од дожд и услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 23 степени.
До петок ќе се задржи променливо облачно и нестабилно време со повремени локални врнежи од дожд, наместа поројни, проследени со појава на грмежи и засилен ветер. Во деновите од викендот времето ќе биде стабилно, сончево и топло.
Македонија
Антикорупциска со низа замерки за Законот за угостителска дејност

Државната комисија за спречување на корупцијата утврди низа пропусти во законите за угостителска дејност,инспекциски надзор и законот за заштита и спасување. Од таму бараат измена и ревизија, а ова доаѓа по катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Меѓу слабостите е уписот на физички лица во Регистарот за вршење угостителска дејност без претходна проверка од надлежен орган за исполнетоста на минимално техничките услови и постапката и условите за давање лиценца
ДКСК утврди слабости и кај казнивоста односно висината на казните не е сразмерна со тежината на можните последици особено кога прекршувањата се однесуваат на заштитата на животот, здравјето и безбедноста на луѓето.
Според антикорупционерите, исто така, неопходно е прецизирање на законските членови со кои се уредува издавањето лиценци за угостителските објекти, бидејќи според нив има недоречености, нејасни правила, судир меѓу законите и недозволени дискрециони овластувања.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје

СВР Скопје ги известува граѓаните дека утре, 16 април, со почеток во 20.00 часот поради одржување на меѓународен фудбалски натпревар на Националната арена „Тодор Проески“, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот на улиците околу арената.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите што ќе ги даваат полициските службеници.