Европа
(Видео) Невролозите објаснуваат зошто Путин секогаш оди со вкочанета десна рака

Многумина забележале дека рускиот претседател Владимир Путин има многу необичен начин на одење – додека неговата лева рака слободно се ниша, десната останува речиси неподвижна. И додека некои го припишуваат ова на карактеристиките на личноста или здравјето, експертите веруваат дека причината лежи на друго место.
Според експертската теорија, движењето на Путин има корени во неговото минато – особено во обуката што ја поминал како агент на поранешната советска КГБ.
Професорот по неврологија, Бастијан Блум, и неговите колеги од Медицинскиот центар при Универзитетот „Радбауд“ во Холандија детаљно го анализираа одењето на Путин и го објавија своето истражување во 2015 година во онлајн-изданието на Британскиот медицински журнал.
„На неколку последователни снимки забележавме дека претседателот на Русија покажува јасно намалено замавнување на десната рака додека оди“, напишаа тие. Во потрагата по можни објаснувања наишле на прирачник на КГБ, во кој пишувало дека оперативците биле обучени да го држат оружјето во десната рака како стандардна положба додека се движат за да може бргу да реагираат во случај на опасност.
„Сметаме дека оваа шема на одење, која ја нарекуваме од на револвераш, може да биде последица на однесување стекнато за време на обуката за оружје“, заклучија тие.
Путин не е единствениот висок руски функционер со ова карактеристично одење. Слична шема беше забележана и кај поранешниот премиер Дмитриј Медведев, поранешниот министер за одбрана Анатолиј Сердјуков, високиот функционер Сергеј Иванов и кај поранешниот генерал Анатолиј Сидоров.
„Овој феномен е силно поврзан со воена или разузнавачка обука, каде што безбедноста и брзата реакција имаат предност пред дури и навидум незабележливите гестови“, додаваат професорите по неврологија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Русија: Полјаците не ни доставија никакви докази дека дроновите се од наше потекло

Москва тврди дека Полска не доставила никакви докази што покажуваат дека беспилотните летала што биле соборени во Полска се од руско производство.
Вршителот на должноста амбасадор на Русија во Полска, Андреј Ордаш, потврди за новинската агенција „РИА новости“ дека бил повикан од полското Министерство за надворешни работи по инцидентот.
Ова е првиот коментар на Русија по инцидентот, кој се случи преку ноќ.
Европа
Објавена фотографија од руски дрон во Полска

Порталот Defence24 објавува дека руски дрон е пронајден во градот Чешники, во близина на Замошќ и на 40-ина километри од границата со Украина.
Читател ја испратил фотографијата од леталото до редакцијата, а според неофицијални информации, станува збор за дрон од типот „Гербер“, кој Русија го користи за преоптоварување на украинската воздушна одбрана.
Во текот на ноќта Русија изврши масовен напад врз Украина, а повеќе од десет дрона влегоа во полскиот воздушен простор. Полската војска потврди дека оние што претставуваа директна закана биле соборени. Бројот и начинот на движење на леталото, според Defence24, укажуваат на намерна руска провокација.
фото: принтскрин
Европа
Објавена мапа од синоќешниот руски напад врз Украина: прикажани и дроновите што влегле во Полска

Украинските медиуми објавија мапа на која се прикажани беспилотните летала што учествуваа во синоќешните руски напади врз Украина. Главни цели беа Донбас и регионите Ивано-Франкивск, Лавов, Луцк, Одеса, Виница и Житомир. Некои од беспилотните летала го напуштија украинскиот воздушен простор и влегоа во Полска. Според украински извори, дури 14 руски беспилотни летала влегоа во Полска.
Полска потврди дека повеќе од десетина беспилотни летала влегле во нејзиниот воздушен простор за време на нападот врз Украина. Оние што претставуваа непосредна закана беа соборени, а во акцијата учествуваа и неколку холандски борбени авиони „Ф-35“.
Во Полска, во регионот Лублин, беспилотно летало удри во куќа, но немаше повредени. Во источна Полска, во градот Вирики, беспилотно летало или објект сличен на беспилотно летало удри во станбена куќа – покривот беше оштетен, но исто така немаше повредени.
Полскиот премиер Доналд Туск го опиша инцидентот како чин на агресија и нагласи дека НАТО реагирал активно вклучувајќи распоредување холандски борбени авиони и привремено затворање на аеродромите, вклучувајќи го и тој во Варшава.
фото: принтскрин