Економија
Министерството за финансии: Ќе се складираат 1.300 тони ориз, со кои се покрива 60-дневна потрошувачка

Во Собранието вчера беше усвоена Програмата за дополнување на Среднорочната програма за формирање, чување, обновување и користење на стоковните резерви, предложена од Министерството за финансии.
Во стоковните резерви ќе се складираат 1300 тони ориз, односно 2400 тони оризова арпа, со коишто се обезбедува 60-дневна потрошувачка, а за што се потребни околу 100 милиони денари, извести Министерството за финансии.
Оризот како култура која е од исклучително значење за населението во земјата и погодна за чување како стоковни резерви е опфатен со последните измени и дополнувања на Законот за стоковните резерви.
Стоковните резерви се формираат од производи кои се од исклучително значење за животот на населението во РС Македонија и се користат во случај на воена состојба, вонредна состојба, елементарни непогоди, еколошки катастрофи, како и при поголемо нарушување на пазарот.
Стоковните резерви ги сочинуваат: пченица, пченка, јачмен, оризова арпа, прехранбена сол, сурово сончогледово масло, нафтени деривати, лекови и медицински средства.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
ВМРО-ДПМНЕ: Грантови од 10 илјади евра за младите земјоделци, субвенции за млекопроизводителите

„Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ секојдневно докажува дека работи за иднината и за младите да останат во својата татковина и да го поминат својот живот тука во земјата во која се родени и растени. Ако изминативе 7 години, земјоделството беше заборавено од страна на минатата власт на СДС и ДУИ, сега тоа е спротивно“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Се вложува во секоја пора на општеството. Се вложува многу и во земјоделството. Покрај помошта која што сточарите, оризопроизводителите, лозарите ја добија, сега и млекопроизводителите го добија заслуженото.
4574 млекопроизводители беа исплатени од државата со вкупен износ од 292.614.813,00 денари.
Се изврши исплата по основ на произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко по Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година за периодот јули-декември 2024 година.
Во однос на младите, се оформи повик за млади земјоделци кои ќе добијат грантови од 10 илјади евра за започнување на производство на квалитетна и органска храна. На овој начин ќе се стимулираат младите да се насочат кон земјоделието и ќе ја обезбедиме иднината на македонското земјоделство.
Иднината е во младите. Владата помага преку проекти и субвенции за оваа гранка од општеството. Што повеќе задоволни земјоделци, толку повеќе квалитетна македонска храна на трпезите.
Земјоделците нема да бидат заборавени, како што биле во минатото. Тие ја имаат безрезервната поддршка на Владата и тоа ќе продолжи во иднина!“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Економија
Исплатени околу 4,7 милиони евра субвенции за млекарите

Во текот на вчерашниот ден се исплатија 4.574 млекопроизводители со вкупен износ од 292.614.813 денари, информира Министерството за земјоделство.
„Извршената исплата е по основ на произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко по Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година за периодот јули-декември 2024 година. Висината на директните плаќања изнесува 5 денари по литар за кравјо млеко и 6 денари по литар за овчо и козјо млеко“, се наведува во соопштението.
Со ова, велат од МЗШВ, субвенциите по основ на произведено и предадено млеко за 2024 година се целосно исплатени.
Економија
Хонда префрла дел од своето производство во Америка

Јапонскиот автомобилски гигант Хонда најави дека производството на својот хибриден модел Civic со пет врати, наменет за американскиот пазар, ќе го пресели од Јапонија во САД.
Според портпаролот на компанијата, производството на тој модел во фабриката „Јори“, во близина на Токио, најверојатно ќе заврши во јуни или јули.
Одлуката доаѓа во контекст на тарифата од 25 отсто воведена од администрацијата на Доналд Трамп за возила произведени надвор од САД и наменети за американскиот пазар, давачка што тешко ја погоди Хонда, како и други производители на автомобили надвор од САД.