Македонија
(Видео) Манасиевски: Филипче беше фатен жив во шема за земање провизија за вакцини во аферата „Стабри“, тој нема никаков кредибилитет, да си поднесе оставка
Венко Филипче беше фатен жив во шема за земање провизии за вакцини против коронавирусот во аферата „Стабри“, тој нема никаков кредибилитет, да си поднесе оставка, побара Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Венко Филипче сакаше да набави кинески вакцини против коронавирусот во ек на кризата преку фирма регистрирана за тргување со банани и јужно овошје. Оваа фирма со име ‘Стабри’ е формирана само 3 месеци откако СДС дојде на власт во 2017 година. Коинциденција или не?
Филипче како министер сакаше да ги купи вакцините преку „Стабри“ за цена од 62 долара во услови кога другите држави ги купуваа по најмногу 30 долари. 200.000 вакцини, кои Филипче сакаше да ги набави, ќе беа платени 6 милиони долари поскапо“.
Според него, за тоа каде требаше да завршат овие 6 милиони долари, Филипче и ден-денес молчи.
Овој сериозен криминал во обид, како што оценува, беше спречен единствено со огромниот медиумски притисок и со притисокот на ВМРО-ДПМНЕ и јавноста.
За Манасиевски, тоа што „овој криминал во обид беше спречен, не е олеснителна околност за Филипче како политичар, кој мора да одговори: Каде требало да завршат 6 милиони долари од набавката на вакцините? Дали фирмата ‘Стабри’ има врски со СДС и со него лично, со оглед на тоа дека е формирана само 3 месеци откога тие дошле на власт?“
Оваа афера, истакнува тој, покажува дека Венко Филипче нема кредибилитет. Додава дека ова е доказ за што се бори Филипче и зошто е во политиката.
Филипче, оценува тој, се надева на власт и на можност повторно да прави вакви шеми.
„Венко Филипче е без кредибилитет и прочитан од народот. Венко Филипче веднаш да си поднесе оставка“, бара Манасиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска се обрати на свечена академија по повод 105 години од основањето на Филозофскиот факултет во Скопје
105 години Филозофски факултет значат повеќе од еден век умствен и духовен раст, традиција, научна извонредност и општествено созревање. Тоа е наследство што мора да го чуваме и да го негуваме. Верувам дека оваа институција и понатаму ќе биде водилка на општествената и на хуманистичката мисла, бранител на критичноста и чувар на академската слобода, рече министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на свечената академија со која високообразовната установа го одбележа големиот јубилеј.
„Факултетот не придонесува во развојот на државата само преку образованието и науката, туку и преку својата силна стратешка улога во креирањето на националните политики. Тука се раѓале концепти и научни согледувања што го обликувале образовниот систем, културните политики, социјалните институции и многу од современите професионални практики во државата. И во овој период, Филозофскиот факултет е активно вклучен во изработката на клучни национални стратегии“, рече Јаневска изразувајќи благодарност до сите поранешни и активни професори, истражувачи и вработени на факултетот за нивната посветеност, научен придонес и визија за општеството.

Министерката потенцираше дека иако по однос на неколку теми за време на нејзиниот мандат, ставовите на МОН и факултетот се разликувале, токму таквите јавни дискусии доведуваат до креирање на најдобрите решенија за обезбедување на поквалитетно национално образование. Очекува, како што рече, Филозофскиот факултет да остане меѓу најсилните партнери на државата кои отвораат пат кон нови образовни подвизи.
Јаневска изрази уверување дека буџетот за образование ќе продолжи да се зголемува, а со тоа ќе се зголемува и поддршката за развој на високото образование и науката.
„Држава која вложува во високото образование вложува во сопствената иднина – ја јакне својата конкурентност, го унапредува демократскиот капацитет и го поттикнува општествениот развој. Продолжуваме да креираме политики што обезбедуваат автономија, дигитализирани процеси, подобра научна инфраструктура и поддршка за младите истражувачи“, рече министерката.

Освен Јаневска, на свечената академија се обратија и ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Биљана Ангелова и деканот на Филозофскиот факултет, проф. д-р Оливер Бакрески кои се согласија дека академскиот простор мора да остане место каде знаењето се претвора во визија, а визијата во општествена вредност.
Македонија
Делови од Илинден, Аеродром, Чучер Сандево и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 15.00 часот, корисниците од ул. 27 во село Белимбегово, општина Илинден;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од бул. Видое Смилевски Бато бр. 8А, општина Аеродром;
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците кои се напојуваат од изводот кој започнува од Рибилимус и продолжува во правец на Горно и Долно Оризари, општина Чучер Сандево;
– во периодот од 11.00 до 15.00 часот, корисниците од село Бардовци лоцирани кај Машинац зградите, општина Карпош.
Македонија
Магла во утринските часови, сончево со умерена облачност преку ден
Во утринските часови наместа ќе има појава на магла, а во текот на денот сончево со умерена облачност и претежно тивко. Во северозападните делови повремено ќе има зголемена облачност со услови за слаб дожд.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 1, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде умерено до значително облачно и претежно тивко.
Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредниот период
Продолжува периодот стабилно и претежно тивко време. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини ќе има појава на магла

