Македонија
„Скајтракс“ го рангира скопскиот аеродром меѓу првите 10 во Источна Европа
Реномираната авијациска организација „Скајтракс“ (Skytrax) го рангира Меѓународниот аеродром „Скопје“, управуван од „ТАВ Македонија“, подружница на „ТАВ аеродроми“, меѓу најдобрите 10 во регионот на Источна Европа во рамките на својата програма наречена „Светски аеродромски награди“ (Skytrax World Airport Awards).
Наградите што „Скајтракс“ ги доделува според гласовите на патниците беа објавени на авијацискиот саем „Пасинџер терминал експо“, кој се одржа во Мадрид, Шпанија, каде што се собраа над 2.000 професионалци од авиоиндустријата од повеќе од 120 земји во светот. Најдобрите аеродроми во Источна Европа за 2025 година, според „Скајтракс“, се: 1. Будимпешта; 2. Софија; 3. Тбилиси; 4. Талин; 5. Рига; 6. Кутаиси; 7. Белград; 8. Букурешт; 9. Батуми; 10. Скопје.
„Како ‘ТАВ Македонија’ оваа година ја славиме нашата 15-годишнина, што значи дека веќе 15 години посветено работиме со цел да им го понудиме најдоброто патничко искуство на нашите патници. Во рамките на ‘Светските аеродромски награди’ на реномираната организација ‘Скајтракс’, оваа година со Меѓународниот аеродром ‘Скопје’ влеговме меѓу најдобрите 10 аеродроми во Источна Европа. Навистина сме среќни поради ова признание и ќе продолжиме да работиме на подобрување на квалитетот на аеродромските услуги и на целокупното патничко искуство“, изјави Неџат Курт, генерален директор на„ ТАВ Македонија“.
Покрај Меѓународниот аеродром „Скопје“, уште 7 други аеродроми управувани од „ТАВ аеродроми“, членка на групацијата АДП, беа признати меѓу најдобрите аеродроми во светот во рамките на наградите. Тоа се аеродромите во: Алмати – Казаxстан, Анкара и Измир – Турција, Батуми и Тбилиси – Грузија, Рига – Латвија и Медина – Саудиска Арабија.
Наградите на „Скајтракс“ (Skytrax), наречени „Светски аеродромски награди“ (World Airport Awards), се одредуваат преку резултатите од истражувањето за мислењето на патниците, кое беше направено од август 2024 до февруари 2025 година, односно во период од шест месеци. Притоа луѓе од над 100 националности оценуваа 575 аеродрома во светот преку клучни индикатори за квалитет опфаќајќи го патничкото искуство од услугите и од производите што се нудат на аеродромите.
„Светските аеродромски награди“ се независна програма на авијациската организација „Скајтракс“, кои функционираат од 1999 година и претставуваат глобален репер за совршеност на аеродромите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мухамет Хоџа и Беким Сали се новите министри во Владата
Собранието ги избра Мухамет Хоџа за министер за животна средина и просторно планирање и Беким Сали за министер за европски прашања.
Новите министри доаѓаат на местата на Изет Меџити и претходно разрешениот Орхан Муртезани.
Образложувајќи ги предлозите пред пратениците, премиерот Христијан Мицкоски истакна дека изборот е направен со цел целосно и функционално екипирање на Владата и обезбедување континуитет во работата на клучните ресори.
„Денес пред вас го доставувам предлогот за избор на двајца министри, со цел целосно и функционално екипирање на Владата и обезбедување континуитет во работата на клучни ресори од извршната власт“, рече Мицкоски.
За Хоџа, премиерот посочи дека располага со долгогодишно искуство во државната управа и во извршната власт, со ангажмани во повеќе институции и раководни позиции.
„Министерството за животна средина и просторно планирање има важна улога во креирањето и спроведувањето на политики поврзани со одржливиот развој, рационалното користење на просторот и заштитата на животната средина“, изјави Мицкоски.
Во однос на Беким Сали, Мицкоски нагласи дека неговото претходно искуство како министер и актуелниот ангажман во законодавната власт се значајни за координативната улога на овој ресор.
„Ресорот европски прашања бара систематска работа, усогласување на институциите и следење на обврските што произлегуваат од националните и европските документи“, рече премиерот.
Тој се заблагодари и на досегашниот министер за европски прашања Орхан Муртезани, посочувајќи дека ќе продолжи да биде дел од неговиот кабинет и ќе го координира процесот на следење на исполнувањето на реформската агенда.
Изборот на новите министри во Владата следува по локалните избори одржани во октомври. По тие избори, Изет Меџити ја презеде градоначалничката функција во Општина Чаир, откако претходно ги извршуваше должностите прв вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање. Во меѓувреме, Собранието го разреши досегашниот министер за европски прашања, Орхан Муртезани.
Македонија
Две обуки за инклузивен и училишен спорт се одржаа денеска во Кисела Вода
Денеска во Општина Кисела Вода се одржаа две значајни обуки насочени кон развој на инклузивниот и училишниот спорт на локално ниво.
Првата обука, во рамки на проектот „Движење за сите: Како да создадеме инклузивна настава во училиштата“, беше наменета за наставниците по физичко образование од основните училишта. Наставниците преку соработката со Факултетот за физичко образование, спорт и здравје добија практични и теоретски насоки за работа со деца со попреченост и унапредување на инклузивната настава. На настанот присуствуваа проф. д-р Влатко Неделковски, декан на факултетот, заедно со проф. д-р Андријана Зафировска Мисовски, продекан, и проф. д-р Јасмина Трошанска како стручен обучувач.
Втората обука, „Обука за спортска администрација и развој на спортот на локално ниво“, се одржа во соработка со Македонскиот олимписки комитет (МОК). Настанот го отвори градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, а на обуката присуствуваа и претседателот на МОК, Даниел Димески, и д-р Сашо Поповски, раководител на Сектор за меѓународна соработка и комуникации. На дебатата се разговараше за развој на училишниот спорт, улогата на наставниците и локалната самоуправа, како и за идни проекти заедно со МОК.
-Денес, преку овие две обуки, ја потврдуваме нашата заложба за инклузивен и квалитетен спорт за сите деца. Наставниците се опремуваат со знаења и практични вештини за работа со деца со попреченост преку соработката со факултетот, а преку соработката со Македонскиот олимписки комитет го јакнеме училишниот спорт и развојот на локалниот спорт. Во април повторно ќе се одбележи Светскиот ден на олимпизмот, а сите училишта ќе добијат спортска опрема како донација. Ова се инвестиции во здрави, активни и еднакви можности за секое дете- изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.
Македонија
Министерката Божиновска не поседува бугарски пасош, велат од ВМРО-ДПМНЕ
СДС се загубени во времето и сигурно по зборовите на Заев си го бараат семето, па наместо да бидат вистинска опозиција решија да бидат жолта штампа, со лаги и невистини, за кратки сензации, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Министерката Сања Божиновска не поседува бугарски пасош, тоа е лага од кујната на СДС, која мислат дека ако илјада пати ја повторат некој ќе поверува. Жално е како СДС се претвори во таблоид партија, каде редовен фолклор се црвени наслови по примерот на нивните белградски ментори. Очигледно нема дно кое СДС не може да го пробие, па само ја срамат некогаш големата партија. Дали Филипче има контрола и гледа што пишуваат, или сам дал дозвола да го носат кон дното не знаеме, ниту не интересира, но факт е дека не му мислат добро“, се наведува во реакцијата.

