Спорт
КФСМ: Додека клубовите не си ги намират договите, кошарка нема да се игра
Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ) со официјално соопштение објасни зошто викендов нема да започе плеј-офот во домашното првенство. Федерацијата се огласи со и изнесе интересни детали откако претходно судиите започнаа штрајк поради неисплатени долгови.
Од Федерацијата посочуваат дека не добиле ниту денар од Министерството за спорт и дека не биле исплатени програмските средства, ниту средствата од игрите на среќа.
„Кошаркарската Федерација на Македонија сака да ја информира јавноста за последните случувања во рамки на организација на натпреварите во сите лиги, а во врска со одлуката на Судиската Комисија при КФСМ и нејзините членови – судиите за бојкотирање на натпреварувањата во сите категории поради неисплатени средства.
Раководството на Кошаркарската Федерација изминатата седмица одржа два состанока со претставници од Судиската Комисија. На последниот состанок, Претседателот на КФСМ, Перо Антиќ предложи да се подмират 50 % од тековните долгови кон судиите и натпреварувањата во сите категории, сениорски и младински, машка и женска конкуренција, да продолжат да се одвиваат непречено како и досега. Навидум, се постигна договор и зачудувачки е како после тој постигнат консензус, се промени ставот на Судиската Комисија со изговор дека доколку дојде до промена на раководните структури тие долгови би останале неподмирени што е комплетен апсурд.
Од страна на Судиската Комисија се побара комлетно подмирување, а не етапно како што впрочем секогаш била праксата. Во сите изминати сезони досега темпото на подмирување секогаш било исто како и оваа натпреварувачка сезона. Од страна на Кошаркарската Федерација беа извршени напори за пронаоѓање на дополнителни средства за исплата, беше даден предлог со конкретен план на исплата, но, повторно членовите на Судиската Комисија не беа задоволни и одлучија, ненадејно, да го променат својот став.
За реализација на дејностите, целите и задачите Кошаркарската Федерација, како институција се финансира од соодветен државен орган – Министерство за спорт, од котизации за учество во лигите и од спонзорски договори.
Од Министерството за спорт, Кошаркарската Федерација нема добиено никаков финансиски стимул освен субвенциите (ваучерот) кон крајот на минатата календарска година, којшто всушност беше за претходната година. Не се исплатени ниту програмските средства, ниту пак средствата од игри на среќа. Дел од одредени кошаркарски клубови чијшто долг кон Федерацијата продолжува да се зголемува добија никаква или делумна финансиска помош поради ‘одредени критериуми’, а дел од клубовите кои добија повеќе средства пак, ги добија со инструкции да не ги подмируваат своите долгови.
Ова се однесува на клубовите од Првата лига мажи за кои по долги години, КФСМ обезбеди спонзор со кој се олесни функционирањето на клубовите за тековната натпреварувачка сезона односно комплетно се отстрани финансиската обврска за котизација за учество во лигата. Единствена нивна финансиска обврска којашто останува се лиценците за странски играчи и евентуалните казни по билтен. Доколку сите клубови ги добијат средствата кои им следуваат од соодветните државни органи, тогаш ќе можат да ги покријат своите финансиски долгувања од тековната натпреварувачка сезона кон Федерацијата со кои ќе се докомплетира исплатата на сите долгови. Раководството на Федерацијата имаше разбирање кон ваквите клубови, но злоупотребата на довербата придонесе за кулминација со бојкот на натпреварувањата.
Кошаркарската Федерација останува на ставот дека сè додека сите клубови не ги подмират своите финансиски долгувања нема да продолжи натпреварувачката сезона.
Јавноста и понатаму ќе биде транспарентно известувана за одредени настани кои се случија во изминатиот период, со дополнителни докази и факти“, се вели во соопштението на КФСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Норис прв ќе стартува во спринт трката, Антонели втор, Пајстри трет
Ландо Норис го освои првото место во квалификациите за спринт на Големата награда на Бразил во Сао Паоло.
Британецот во Мекларен блескаше во квалификациите, првото место го избори со резултат 1:09.243. Норис моментално е лидер во шампионатот.
Второто место изненадувачки го освои Андреа Кими Антонели зад воланот на Мерцедес, додека Австралиецот Оскар Пјастри, колегата на Норис заврши на третото место. До него ќе стартува возачот на мерцедес Џорџ Расел.
Макс Верстапен, актуелниот шампион, беше само шести, иако имаше најдобро време во првиот сектор, потоа направи грешка, па ќе стартува зад Фернандо Алонсо кој имаше одлично квалификации со Астон Мартин.
Спринтот е закажан за сабота во 15 часот. Главната трка ќе се вози во недела од 16:30 часот.
Спорт
Ваноли ја презеде Фиорентина
Паоло Ваноли официјално стана шеф на стручниот штаб на Фиорентина.
Ваноли потпиша договор до крајот на оваа сезона, а постои можност договорот да се продолжи за уште една година доколку раководството биде задоволно од работата на тренерот.
Ваноли е човек кој веќе бил на стадионот „Артемио Франки“, играл како фудбалер за Фиорентина од 2000 до 2002 година, одиграл 61 натпревар, постигнал три гола.
Овој стручњак нема клуб откако го напушти Торино ова лето, а интересно е што беше под договор со „биковите“ до 2026 година, а го раскина дури вчера.
Сега немаше повеќе проблеми и пречки, па Ваноли е новиот тренер на Фиорентина.
Да ве потсетиме дека тој ќе го замени Стефано Пиоли кој немаше добар почеток во Фиренца. Во првите десет рунди, Фиорентина не забележа победа и со само четири бода се наоѓа на последното место во Серија А.
Во својата кариера, Ваноли ги водеше италијанските репрезентации до 16, 18 и 19 години, Спартак Москва, Венеција и Торино.
Спорт
Познато е кој ќе игра во НБА Европа
Челниците на НБА Европа ги открија првите работи поврзани со ова натпреварување.
Џорџ Ајвазоглу, директор на НБА Европа, во интервју за „Газета дело Спорт“ откри дека овој проект ќе започне во октомври 2027 година.
Во првата година, лигата ќе има 12 тима од: Рим, Милано, Лондон, Манчестер, Париз, Лион, Мадрид, Барселона, Берлин, Минхен, Атина и Истанбул.
Грција и Турција би дале по еден клуб, а Италија, Англија, Франција, Шпанија и Германија по два. Сè уште не е познато дали ќе се формираат нови тимови или ќе се активираат некои постоечки.
„Моментално, има многу дискусии за екосистемот и градовите на учесниците, како и за тоа како изгледаат арените во кои ќе играат. Разговараме со претставници на постоечки тимови, фудбалски тимови кои немаат свое име во кошарката, а ќе има и градови од кои ќе почнеме од почеток. Ќе биде полуотворено натпреварување. Формат со 16 тима, од кои 12 се постојано таму, а четири доаѓаат од Лигата на шампионите на ФИБА“, вели Ајвазоглу.

