Македонија
Јаневска: Зајакнување на позицијата на жената во секој сегмент на општественото дејствување
Силно зајакнување на позицијата на жената во секој сегмент на општественото дејствување, како основа за просперитет и одржливост, е програмски фокус на оваа Влада. Во рамки на реформите на образованието, со цел да одговори на барањата на пазарот на труд, посебно внимание посветуваме на зголемување на пристапот на девојчињата кон стручните знаења и вештини, затоа што, не само што по завршувањето на средното образование нудат сигурна работа, туку и го олеснуваат нивниот упис на СТЕМ, ИКТ и техничките студиски програми.
Ова го нагласи министерката за образование и наука Весна Јаневска на економскиот форум „Зајакнување на работоспособните жени: Стратегии за отклучување на потенцијалот и зголемување на продуктивноста“, во организација на Finance Think – Институт за економски истражувања и политики, Скопје.
Јаневска рече дека бројот на девојчиња во средно стручно образование од година во година расте, и оваа учебна година споредено со 2021/22 запишани се околу 1.000 повеќе, односно во средните стручни училишта има 20.150 ученички.
„На овој план, сакам да нагласам дека го зајакнуваме кариерното советување во училиштата, како процес кој покрај придонесот кон градење поквалитетен кадар, ни овозможува да делуваме на разбирање на можностите, рушење на стереотипите и градење самодоверба кај девојчињата, со цел тие да ги препознаат своите таленти, способности и потенцијали. Градиме кариерно советување како алатка која ќе им помогне на девојчињата да изберат професии кои ќе значат нивна реализација, што, од друга страна, носи позитивни промени во општеството. За оваа цел, во Законот за основно образование предвидовме училиштата да реализираат програма за професионална ориентација на учениците, а во средните училишта ќе има кариерни советници. Европската тренинг фондација ќе ни помогне во нивната обука за стекнување соодветни компетенции“, појасни министерката.
Во основното образование, стратегија е во што поголем број училишта да се воведе едносменска настава и продолжен престој на ученици и на наставници во училиштата, како суштински предуслов за поквалитетно образование.
„Ако учениците поминуваат повеќе часови на училиште, време што нема да биде исполнето само со класично учење туку и со воннаставни активности кои значат стекнување нови знаења и вештини, тоа значи дека учениците добиваат повеќе време да се посветат на своите интереси и личниот развој. Дополнително, едносменската настава придонесува за создавање еднакви можности за сите ученици, овозможувајќи подеднаква достапност до образовните ресурси и активности“, укажа министерката Јаневска.
Информираше дека во моментов 150 училишта имаат едносменска настава, а за целосна оптимизација на училишната мрежа и воведување работа во една смена во сите училишта, согласно направената анализа на МОН и Светска банка потребно е да се доградат 300 училници и 70 санитарни јазли, што е инвестиција од околу 8 милиони евра.
Концептот на подолг престој на учениците во училиште има повратно позитивно влијание и врз градењето околина која е поттикнувачка за жените да добијат повеќе време за професионален напредок, без да ја жртвуваат улогата на родител. Јаневска рече дека во основа на посветеноста кон намалување на бариерите што ги кочат жените, е идејата дека отклучувајќи го потенцијалот на жените, всушност го отклучуваме потенцијалот на целото наше општество, што води кон заеднички просперитет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Прекин на патот Македонски Брод – Скопје поради одрон
Поради одрон патот Македонски Брод – Скопје е во прекин.
„Во 08:40 часот на регионалниот пат Македонски Брод-Скопје, поточно кај резерватот Јасен сообраќајот е во прекин поради одрон на патот“, информира АМСМ.
Македонија
ЦУК: Добиени се повеќе пријави за свлечишта и одрони на патот
Во текот на вечерните и утринските часови, како последица на обилните врнежи кои го зафатија западниот и југозападниот дел, на единствениот повикувачки број за итни повици 112 се добиени повеќе пријави за свлечишта на земја и одрони на патот, поточно кај местата Дебар-Струга кај местото Џепчиште и кај патот Кичево – Охрид кај место Извор, известија од Центарот за управување со кризи.
Оперативниот центар при ЦУК веднаш стапи во контакт со дежурните служби на Македонија пат, кои веднаш се вклучија во отстранување на свлечиштата и одроните кои предизвикуваа опасност по сообраќајот, додаваат од ЦУК.
Македонија
„Влен“: НАИ како коалиција без кауза веќе се распаѓа
„Коалицијата НАИ, изградена без кауза, без визија и без јасна политичка ориентација, влегува во фаза на неизбежно распаѓање. Она што се случи вчера со заминувањето на АА на Зијадин Села и заминувањето на Кренар Љога од оваа коалиција јасно ја покажува длабоката внатрешна криза, недостатокот на кохезија и неуспехот да се изгради одржлива политичка понуда“, велат од „Влен“.
„Нивниот континуиран недостаток на координација веќе стана модел на неуспех, не само што не успеваат да обликуваат заедничка насока, туку секој ден докажуваат дека оваа коалиција функционирала само како засолниште за тесни лични интереси, а не како политички проект за Албанците.
ВЛЕН останува единствената консолидирана сила, со програма, со визија и со јасна структура за градење држава. Додека НАИ се распаѓа дел по дел, граѓаните и важните политички личности се враќаат таму каде што се наоѓа стабилност, сериозност и вистинска перспектива.
ВЛЕН ќе продолжи да работи одговорно и транспарентно, заштитувајќи го општиот интерес и градејќи сигурна иднина за граѓаните, додека други ќе се справуваат со распаѓањето на коалиција која никогаш немала своја кауза“, се наведува во соопштението на „Влен“.

