Спорт
Христов: Нема повеќе да има притисоци врз селекторите, во малдинските категории ќе играат најдобрите
Фото/ ffm.mk
Три месеци по неговото назначување за технички директор во ФФМ за развој на младинскиот фудбал, Ѓорги Христов на брифинг со претставници на медиумите даде видување за досегашната своја работа.
„Оваа функција носи голема одговорност, но и привилегија. Од првиот ден сум присутен на терен, заедно со колегите, постојано следејќи ги натпреварите и развојот на младите фудбалери ширум државата“, изјави Христов.
Во изминатиот период, воспоставена е стабилна структура со назначување на координатори по генерации. Артим Шаќири и Сашо Милошевски се назначени како координатори за категориите од 2007 до 2012 година. Тие го следат секое дете, ќе бидат директна поддршка за селекторите и ќе обезбедат квалитетна анализа за секоја генерација.
Новитет во системот е и воведувањето на видео анализа – област што досега воопшто не беше дел од младинските селекции.
Ангажирани се поранешните репрезентативци Никола Глигоров и Филип Ивановски, кои ќе го подигнат нивото на подготовка и детална анализа на играта.
Посебно внимание се посветува на Детската лига, како основа за фудбалскиот развој.
„Децата на таа возраст се како сунѓери – сè прифаќаат. Затоа, воведовме нови правила со цел тие да играат „фудбал по земја”, од „нога на нога”, да научат да ја изнесат топката организирано, а не сè да зависи од тоа дали голманот ќе центрира до другиот крај на теренот. Сакам да создаваме фудбалери кои размислуваат на теренот.“
Во однос на скаутирањето, пристапот е избалансиран и фокусиран на квалитетот.
„Имаме таленти тука, во Македонија – прекрасни деца, вредни, посветени. Затоа и нашата главна концентрација мора да биде тука. Но, тоа не значи дека нема да ги следиме децата со македонско потекло надвор од земјава. Напротив, сите што имаат квалитет и можат да направат разлика на натпреварите, се добредојдени. Единствениот критериум е квалитетот.“
Христов отворено зборува и за состојбата со Академијата на ФФМ.
„Ако Академијата функционираше како што треба, денес немаше да селектираме повеќе од 150 деца од терен. Фактот дека тие деца не се натпреваруваат во официјален систем е парадоксален. Академијата треба да биде пред репрезентативна селекција, а реалноста е далеку од тоа. Веќе две години тие немаат одиграно ниту еден натпревар и искрено, не гледам смисла да продолжиме во истата форма. Ќе видиме каква ќе биде одлуката, но вака – не оди.“
Техничкиот директор откри и со какви притисоци се соочувале во минатото селекторите на младинските категории.
„Селекторите во минатото се жалеа на директни притисоци од раководството, од политичари, бизнисмени, од доктори и новинари. Тоа време заврши. Секој селектор кој ќе почувствува притисок од било кого треба веднаш мене да ми пријави. Мора,е да ги искорениме сите форми на влијание. Шанса ќе добие секое талентирано дете, ќе играат само најдобрите, без разлика на потекло, врски или препораки“, додаде Христов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Џабе го поврзуваат со Реал, Клоп нема намера да работи како тренер
Реал Мадрид, вчера го изненади фудбалскиот свет со одлуката, спогодбено да се раздели до тренерот Чаби Алонсо. Тимот го презеде, Алваро Арбелоа, тренер на Б-тимот на Реал.
Многу работи не се движеа во вистинска насока во Реал. Допрва работите ќе излегуваат на виделина, но јасно е дека Алонсо не само што ја немал поддршката од соблекувалната, туку исто така и клупските челници не биле на негова страна.
Флорентино Перез реши да се раздели со тренерот, откако Реал во неделата, доживеа пораз од Барселона, во Суперкупот на Шпанија.
Првиот човек на Реал, наводно сака да го донесе Јирген Клоп. Славниот Германец веќе 18 месеци не работи како тренер, тој е директор на фудбалските операции во Ред Бул.
„Тоа нема никаква врска со мене. Не барав работа и немам планови да се вратам на клупата таму“, изјавил Клоп и потврдил дека воопшто не му недостига тренерската работа.
„Не ми недостига стоењето на дожд, два и пол до три часа, не ми недостига одењето на прес-конференции три пати неделно, 12 интервјуа неделно, не ми недостига, не ми недостига. Не ми недостига да бидам во соблекувалната, успеав да одиграм околу 1080 натпревари, па многу бев во соблекувалната. Не сакам да умрам во соблекувалната затоа што не е убаво таму, смрди.“
„Можеби нешто ќе се случи, имам 58 години, би можел да донесам одлука за неколку години… Не знам. Дали треба денес да донесам одлука дека повеќе нема да бидам тренер? Фала му на Бога што не морам, можам само да видам што носи иднината. Сега сум во проект што навистина го сакам, сакам да го правам она што го правам токму сега“.
Foto/ depositphotos
Спорт
Руиз ќе го продолжи договорот со ПСЖ
Фудбалскиот клуб Пари Сен Жермен и Фабијан Руиз се согласија за сите услови во врска со продолжувањето на соработката.
Новинарот Матео Морето, денес потврди дека сè е подготвено Фабијан Руиз да потпише до летото 2029 година.
Репрезентативецот на Шпанија беше поврзан со бројни клубови, го канеа во Турција, дури и Реал Мадрид беше споменат претходно, но впечатокот е дека на Руиз му е најдобро во Париз.
Тој пристигна во ПСЖ, во летото 2022 година за 22.500.000 евра од Наполи и сега е легенда на „Светците“. Одигра 155 натпревари за ПСЖ, постигна 16 гола со 24 асистенции и ги освои сите можни трофеи.
Заедно со Витиња и Жоао Невес, тој е дел од трио во средината на теренот и Луис Енрике не сакаше да го остане без сонародникот.
Договорот на Руиз истекува во летото 2027 година, и затоа ПСЖ сакаше да ја затвори приказната на време, за да не му дозволи да влезе во последната година по завршувањето на сезоната.
Foto/ depositphotos
Спорт
Ал-Итихад му нуди на Меси бланко чек
Претседателот на саудискиот клуб Ал-Итихад, Анмар Ал Хаили, повторно ја изрази својата желба да го доведе Лионел Меси, наведувајќи дека е подготвен да му понуди на аргентинскиот фудбалер бланко чек. Светските медиуми објавуваат изјави во кои Ал Хаили истакнува дека парите нема да бидат пречка за реализација на овој трансфер.
Ал Хаили наводно е подготвен да му дозволи на Меси самиот да ги одреди финансиските услови и времетраењето на договорот.
„Доколку Меси сака да потпише за Ал-Итихад, ќе му дадам бланко чек на кој може да напише која било сума, со договор за кој било период што ќе го избере, дури може договорот да биде доживотен“, рече Хејли.
Тој додаде дека доаѓањето на Меси би било од големо значење за клубот: „Доколку Меси го носи дресот на Ал-Итихад тука во Саудиска Арабија, парите немаше да ми значат ништо. Ќе ја славевме лигата пред да започне, бидејќи ќе го имав најдобриот играч во историјата на фудбалот.“
Претседателот на Ал-Итихад потврди дека веќе се обидел да го ангажира Меси претходно, по неговото заминување од Париз:
„Да, го контактирав кога му истече договорот со Париз и му понудив договор од 1,4 милијарди евра, односно 88 милиони евра годишно, но тој одби без дури ни да ја слушне понудата бидејќи неговото семејство ја претпочиташе Америка. Го почитувам тоа и вратите на Ал-Итихад секогаш му се отворени кога и сака да дојде“, рече Ал Хаили и дополни:
„Повеќе нема да се насочуваме кон бројки, едноставно ќе му дадам на Меси бланко чек да напише што сака. Тоа е најдобриот начин“.
И покрај великодушната финансиска понуда, се смета дека преселбата на Меси во Саудиска Арабија е малку веројатна. Аргентинскиот фудбалер се прилагоди на животот во Соединетите Американски Држави, каде што живее со своето семејство, а неодамна тој го продолжи договорот со Интер Мајами.
Foto/ depositphotos

