Свет
Во Оман започнаа посредничките преговори меѓу Иран и САД

Иран и САД, кои немаат дипломатски односи од 1980 година, денеска започнаа ретки „индиректни“ преговори во Оман, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи.
Разговорите меѓу министерот за надворешни работи на Иран Абас Рагши и претставникот на американскиот претседател Стив Виткоф „почнаа благодарение на посредништвото на министерот за надворешни работи на Оман Бадр ал-Бусаиди“, изјави Есмаил Багаи на социјалната мрежа Х.
Портпаролот рече дека преговорите ќе се одржат на местото што го планира оманскиот домаќин, дека претставниците на Иран и САД ќе седнат во салите и ќе си ги пренесат своите ставови преку министерот за надворешни работи на Оман.
Иранскиот министер за надворешни работи Арагши им рече на иранските новинари дека „ако има доволно волја од двете страни, ќе одлучиме за календарот, но се уште е рано да се зборува за тоа“.
„Сега е јасно дека преговорите се индиректни и според нас само за прашањето за иранската нуклеарна програма и ќе се водат со желба да се постигне договор кој е еднаков и води кон обезбедување на националните интереси на иранскиот народ“, рече Арагши.
Американскиот претседател Доналд Трамп и амбасадорот Виткоф овие преговори ги нарекоа „директни“.
Не се очекува веднаш да има генерален договор, но влогот е многу голем за двете земји кои се непријателски речиси половина век, пишува агенцијата АП.
Трамп постојано предупредуваше дека би можел да нареди бомбардирање на нуклеарни постројки во Иран доколку не се постигне договор, а иранските власти предупредија дека може да започне со изградба на нуклеарно оружје од залихите на ураниум.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
НАТО цели кон зголемување на бригдите за околу 50 отсто, тврди воен претствник

НАТО ќе побара од Германија да обезбеди уште седум бригади, односно околу 40.000 војници, за одбрана на Алијансата, во рамките на новите цели за вооружување и бројот на војници за кои министрите за одбрана на земјите-членки ќе се договорат следната недела, пренесува Ројтерс повикувајќи се на извори.
Неименуван висок воен претставник рече дека целта на земјите-членки на НАТО во иднина ќе биде да обезбедат меѓу 120 и 130 бригади.
Тоа би значело зголемување за околу 50 отсто во однос на сегашната цел од околу 80 бригади, вели изворот.
Портпаролот на Министерството за одбрана во Берлин рече дека не може да потврди какви одлуки ќе донесат министрите за одбрана на НАТО следната недела, како и лидерите на НАТО на самитот во Холандија на крајот на јуни.
„Покрај тоа, целите на планирањето и капацитетот на силите на НАТО се доверливи од безбедносни причини“, додаде портпаролот.
НАТО не одговори веднаш на барањата за коментар. Во 2021 година, Германија се согласи да обезбеди десет бригади единици, кои обично броjат околу 5.000 војници, за НАТО до 2030 година, а моментално има осум бригади и гради деветта во Литванија, која ќе биде готова од 2027 година.
Се проценува дека обезбедувањето дополнителни 40.000 активни војници ќе биде голем предизвик за Берлин, бидејќи германските вооружени сили, Бундесверот, сè уште не ја исполниле целта од 203.000 војници поставена во 2018 година, а според податоците на германското Министерство за одбрана, моментално имаат недостиг од околу 20.000 редовни војници.
Свет
Аргентинскиот претседател досега укина 48.000 работни места во јавниот сектор

Аргентинскиот претседател Хавиер Милеи тврди дека речиси 48.000 вработени во јавниот сектор во Аргентина се отпуштени откако неговата администрација ја презеде функцијата пред 17 месеци, пишува Буенос Аирес Тајмс.
Севкупно, бројот на вработени беше намален за 9,6 отсто како дел од таканаречената политика за штедење на Милеи со „моторна пила“, еден од неговите главни пристапи за управување.
Ова резултираше со годишни заштеди од околу 1,89 милијарди американски долари (1,67 милијарди евра), според извештајот на Министерството за дерегулација и државна трансформација објавен оваа недела. Околу 942 милиони долари (834 милиони евра) се однесуваат на неисплатени плати, а слична сума се припишува на „инфраструктурните трошоци на работното место“.
Не е јасно дали таа сума ги вклучува трошоците за отпремнина на отпуштените работници.
Најголеми намалувања се забележани во Националната јавна администрација и државните претпријатија
Според извештајот доставен од единицата за оцена на влијанието на Министерството, меѓу декември 2023 година, првиот месец на функцијата на Милеи, и април 2025 година, 47.925 работни места биле отстранети од државниот платен список.
Анализирајќи ги податоците, најголеми намалувања се забележани во Националната јавна администрација (АПН) и државните претпријатија, со пад од 13,7 отсто, односно 16,4 отсто.
Бројот на постојани и привремено вработени опадна за осум проценти, додека бројот на лица вработени според Рамковниот закон се намали за 20 проценти, а бројот на хонорарци се намали за 55,2 проценти.
Министерството за дерегулација и трансформација на државата изјави дека овие податоци „ја одразуваат заложбата на Владата за намалување на јавната потрошувачка и решеноста да ги исполни ветувањата за ефикасност и заштеди во јавната администрација.
Министерството, на чело со Федерико Стурценегер, рече дека пристапот на Милеи со „моторна пила“ ќе биде засилен оваа година со дополнително намалување на несуштинските одделенија.
На натамошните отпуштања веројатно ќе се спротивстават вработените во јавниот сектор, од кои многумина излегоа на улиците оваа година во знак на протест против мерките за штедење. Синдикалните организации организираа серија генерални штрајкови откако Миллеи дојде на власт во декември 2023 година.
Минатата година земјата го забележа првиот буџетски суфицит по една деценија, а неконтролираната инфлација значително падна, но куповната моќ, вработеноста и потрошувачката паднаа.
Свет
Трамп: Не можам да кажам дали Путин сака крај на војната, но наскоро ќе дознаеме

Американскиот претседател Доналд Трамп вели дека не може да каже дали Владимир Путин сака крај на војната во Украина, но најави дека ќе дознае за околу две недели.
„Моите пораки до Русија зборуваат гласно“, рече Трамп и предупреди дека ќе реагира поинаку ако открие дека Путин само го завлекува.
„Наскоро ќе дознаеме дали нè користи или не, а ако нè користи – ќе реагираме малку поинаку“, им рече Трамп на новинарите пред Белата куќа.
Тој додаде дека е разочаран од она што се случува во Украина, повторувајќи ги критиките упатени кон Русија по големите ракетни и беспилотни напади минатиот викенд.
На прашањето зошто сè уште не вовел санкции кон Русија, Трамп одговори дека не сака да ја уништи шансата за мировен договор, додавајќи дека е подготвен да седне со украинскиот претседател Володимир Зеленски и со Владимир Путин, доколку е потребно.
Русија денеска и предложи на Украина датумот и времето на новата рунда преговори, тоа е 2 јуни и повторно во Турција.