Македонија
(Видео) „Сите идеали не се вредни колку солзите на едно дете“ со насолзени очи советничка во Кочани си поднесе оставка
Советничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Кочани, Кристина Атанасова Арсова, денес на седницата за избор на в.д. градоначалник си поднесе оставка и низ солзи ја напушти говорницата.
„Проектите кои им ги ветивме на граѓаните на изборите не беа погодни за раководството на мојот општински комитет, кои понесени од функцијата тргнаа по патот на своите амбиции“, рече Атанасова-Арсова.
Таа како советник им се извини и побара прошка од граѓаните што не успеала да го реализира она што им ветувала во кампањата.
„Пред граѓаните на Општина Кочани дадов заклетва дека ќе ги застапувам нивните интереси. Но, најпрво ќе барам прошка и извинување. Барам прошка и извинување на сите граѓани затоа што не успеав многу работи да реализирам а им имам ветено. Имав храброст и визија, но бев сама. Тоа не беше погодно за челниците на мојот општински комитет. Тие водени од своите суети и понесени од моќта на функциите, кои за прв пат во животот им се случија, тргнаа по патот на сопствените амбиции, притоа заборавајќи ја доктрината на нашата партија донесена 2021 година. За кандидатите имам да го кажам следново. Едниот својот кредибилитет го гради само преку медиумиски ситни реклами. Сите овие години не се запрашал за правилностите или неправилностите на дискотеката, веројатно му годела збавата во објектот по користење на забранети супстанци. Другиот зедно со своите блиски другарчиња, кој пропагира чесност и солидарност, понесен од влијанието на позицијата, тргна по осовојување на било која функционерска позиција со физички напади и јадење на живи луѓе и не го гласаше буџетот, а сега сака да раководи со него. Сметам дека е коректно, функцијата треба да ја превземе претседтелот на општинскиот совет. Мојот здрав разум и заклетва не ми дозволува ниту еден кандидат“, рече таа.
„Во оваа прилика сакам да ја доставам мојата оставка. Мислам дека ова е страшно недостојно и понижувачки. Оние кои ме познаваат знаат зошто го правам ова. Следниот период ќе се посветам на син ми кој е се уште во болница по несреќата. На сите деца кои треба да се вратат и да се рехабилитираат, тоа им е потребно. Периодот ќе биде многу долг. Јас ќе се борам за нив со сите мои сили. Сите идеали на овој свет не се вредни колку што се солзите на едно дете, рече Атанасова Арсова и во солзи ја напушти говорницата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во крводарителска акција во Велес собрани 99 крвни единици
Во акцијата за доброволно дарување на крв што по 7. пат ја организира Здружението „Велес бајкинг“ во соработка со Општинската организација на Црвен крст Велес денеска во Театарот во Велес, беа собрани 99 крвни единици што е рекорд за оваа веќе традиционална акција. Инаку лани беа собрани 68, а во 2023 година 76 крвни единици.
Орце Николов секретар на ООЦК Велес, оцени дека оваа е најуспешна акција досега. Воедно се заблагодари на Здружението „Велес бајкинг“ што ја иницираа и организира и сите велешки крводарители што се вклучија во неа, како и на медицинската екипа на Институтот за трансфузиона медицина од Скопје која ја реализира.
Во денешната акција 10 велешани за првпат даруваа од драгоцената течност. Меѓу крводарителите беше и д-р Кирил Лазов, актуелен директор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат и специјалист по трансфузиона медицина кој денеска по 51. пат даруваше крв.
Македонија
Обвинение добија три лица кои му се заканувале на градоначалникот Митко Јанчев
Основното јавно обвинителство Кавадарци до надлежниот суд поднесе обвинени против три лица за кривично дело – Загрозување на сигурноста од член 144 од Кривичниот законик, додека првообвинетиот од нив се товари и за продолжено – Ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од член 394-г.
Тој подолг временски период на неговиот личен профил на Фејсбук пишувал објави со говор на омраза, навреди и повици за насилство и закани насочени кон оштетениот градоначалник на Кавадарци, Митко Јанчев, поттикнувајќи омраза врз основа на политичка припадност и општествен статус. Обвинетиот 32-годишник објавувал и фотографии од оштетениот и неговите малолетни деца, заканувајќи се и кон нив, а како потврда за сериозноста на заканите споделувал и видеа во кои самиот пукал со автоматска пушка и пиштол.
Од јули годинава започнал и преку телефонска апликација да се јавува кај градоначалникот, лично и преку пораки да се заканува по животот на оштетениот и неговото семејство.
Второобвинетиот, исто така телефонски, пренесувал дел од заканите и пораките во име на првиот обвинет. Третиот обвинет, пак, коментирал на Фејсбук објавите на првиот обвинет, заканувајќи се со убиство на оштетениот градоначалник.
За првообвинетиот, кој има двојно македонско и бугарско државјанство, јавниот обвинител процени дека постои реален ризик од бегство и опасност да го изврши делото со кое се заканува, па до судијата за претходна постапка од Основниот суд во Кавадарци поднесе и посебен предлог за определување мерка притвор.
Македонија
Сиљановска Давкова учествуваше на Дипломатскиот хуманитарен базар
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска учествуваше на Дипломатскиот хуманитарен базар, кој под покровителство на амбасадорот на Република Австрија, Мартин Памер се одржа во Скопје по повод Светскиот ден на детето. На настанот на претседателката и беше врачена благодарницата за нејзиниот придонес.
-Годинава, во раскошот на меѓународната разноликост, Дипломатскиот добротворен базар повторно беше место каде што солидарноста ги поврзува културите. Уживав во културното шаренило: во масичките преполни со уметнички предмети по коишто се препознаваат државите, во уникатните производи, во вкусната храна, но најмногу, во насмеаните детски лица, веселите луѓе и убавата музика. Благодарницата за мојот скромен придонес, од „Добредојде“ и Амбасадата на Австрија, ме потсети дека суштината на хуманоста најсилно се изразува кога е упатена кон децата. Импресивно е кога празничната магија добива длабока човечка димензија!, објави претседателката на Фејсбук.

Дипломатски хуманитарен базар, кој привлече голем број посетители, имаше за цел собирање средства за подобрување на хигиенските услови во две основни училишта, за сите ученици, вклучително и децата со попреченост.

На настанот беше посочено дека иницијативата е од исклучителна важност за заедницата и дека дипломатската заедница заеднички придонесува кон создавање на подобри и подостојни услови за развој на децата.

Голем број амбасади имаа свои штандови, каде што посетителите можеа да ги пробаат традиционалните јадења од различни земји, како и да купат автентични подароци, ракотворби, приврзоци и други уникатни предмети. Меѓу учесниците беа амбасадите на Австрија, Германија, Италија, Шпанија, Турција, Јапонија, Кина, како и Делегацијата на Европската Унија и Институтот „Конфучие“.

