Регион
(Видео) Огромна акција во Турција против наркомафијата, уапсени 234 лица, известена е и македонската полиција

Турските власти објавија дека 234 лица се уапсени во пет земји во голема меѓународна акција против организации за трговија со дрога.
„Уапсени се 234 високорангирани членови на организирани криминални групи, 225 во земјата и девет во странство“, изјави турскиот министер за внатрешни работи, Али Јерликаја, додавајќи дека апсењата се извршени во Холандија, Германија, Шпанија и во Белгија.
Меѓу целните групи се членови на организации вклучени во трговијата со кокаин, хероин и „екстази“ на неколку континенти, рече Јерликаја.
View this post on Instagram
Запленети се повеќе од 21 тони наркотици и имот во вредност од 13 милијарди турски лири (речиси 300 милиони евра), додаде Јерликаја.
„Се соочуваме со голема меѓународна структура“, рече турскиот министер нагласувајќи дека осомничените се обвинети за широк спектар на кривични дела – од трговија со дрога до убиства и перење пари.
„Како дел од оваа операција, информации и документи беа споделени со полициските сили во Франција, Англија, Австралија, САД, Грција, Србија, Азербејџан, Косово, Бугарија, Северна Македонија, Бразил и во Иран“, рече Јерликаја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Хрватска ќе ги евакуира своите дипломати од Израел и од Иран

Хрватскиот министер за надворешни и европски работи, Гордан Грлиќ-Радман, најави евакуација на хрватски дипломати од Израел и од Иран.
„Со оглед на тоа што и други земји ги евакуираат своите дипломати и претставништва од Техеран, одлучено е дека ќе ги евакуираме и амбасадорот и персоналот на Амбасадата од Техеран преку безбедни гранични премини што ги користат други дипломати. Таква евакуација ќе се спроведе и за Амбасадата, односно за вработените од Тел Авив“, изјави Грлиќ-Радман за новинарите по владина седница.
На прашањето кога ќе почне евакуацијата од Тел Авив, тој рече дека Министерството е во постојан контакт со амбасадорот и со вработените.
„Видовте што му се случи на колега во станбена зграда, каде што неговиот стан беше целосно уништен. Таа ужасна експлозија се случи на три метри од него. Генерално, чудо е што воопшто преживеал толку разорна експлозија“, рече Грлиќ-Радман.
Министерот зборуваше за хрватскиот конзул Ивица Сертиќ и за неговата сопруга Катица, кои беа лесно повредени во првиот ирански одговор на израелскиот напад. Тие поминаа со гребнатини и со исеченици. Нивниот стан беше целосно уништен.
Министерот исто така нагласи дека се работи на евакуација, односно репатријација на хрватските граѓани од Израел и од Иран.
„Со оглед на фактот дека воздушниот сообраќај е затворен или во голема мера ограничен, главно се користат копнени патишта и комуникација преку безбедни земји, како што се Египет и Јордан“, објасни тој.
Регион
Трагедија во Грција: Србинка пронајдена мртва на плажа во Олимпискиот Регион

Српска државјанка е пронајдена во несвест во вторникот наутро на плажата Макригијалос во Пиерија (Катерина), Олимпискиот Регион, соопшти денес грчката крајбрежна стража, објави српски „Блиц“.
73-годишната жена со возило на брзата помош била пренесена во Здравствениот центар во Егинио, каде што била констатирана смрт, јавува агенцијата „Ана“.
Како што е наведено, во тек е истрага од страна на Централната пристанишна управа на Солун во Грција.
Пред две недели исто така тело на жена од Србија беше пронајдено во морето кај Касандра, а брзата помош констатира смрт.
Регион
Србин ликвидиран во вила на Бали, неговата сопруга била сведок на убиството

Австралискиот државјанин со српско потекло Живан Радмановиќ (32) е убиен во вила на Бали, додека неговиот пријател е тешко повреден. Индонезиската полиција верува дека станува збор за пресметка помеѓу криминални банди.
Австралиските медиуми објавија дека индонезиската полиција верува дека ги идентификувала маскираните напаѓачи одговорни за смртта на Радмановиќ, австралиски државјанин кој дошол на Бали од Мелбурн.
Радмановиќ бил убиен во бањата, додека неговата сопруга се криела од напаѓачите под прекривките на креветот во спалната соба, пренесе Н1.
Пријателот на Радмановиќ, Санар Ганим, бил претепан и застрелан со неколку куршуми во нападот, но успеал да преживее.
Индонезиската полиција соопшти дека сопругата на Радмановиќ среде ноќ ја разбудиле врисоците на нејзиниот сопруг. Како што рекла, се сокрила под покривката, а додека ја покривала главата здогледала маж во светло портокалова јакна со темен шлем на главата.
Таа на полицијата и кажала дека додека ѕиркала, видела како маж пука во нејзиниот сопруг во бањата пред да побегне. Набргу потоа слушнала друга жртва, Ганим, како вреска и истрели од неговата соба.
Истрчала од спалната соба и го затекнала пријателот на нејзиниот сопруг како крвари, а нејзиниот сопруг лежел на подот во бањата.
Австралиските медиуми јавуваат дека Радмановиќ и неговиот пријател во последните неколку месеци живееле на Бали, а веќе и биле познати на полицијата во Викторија.
Вилата во која се случило злосторството имала три соби и вкупно пет гости во моментот на нападот. Покрај жртвите, биле и нивните сопруги и уште еден непознат.
Полицијата нападот го третира како нарачано убиство, а се претпоставува дека напаѓачите се од Австралија. Се сомневаат дека избегале од Бали, но дека се уште се во Индонезија каде доколку бидат уапсени и осудени им се заканува смртна казна.