Свет
ЕУ се заканува со царини на тоалетна хартија, шминки и други производи од САД

Европската унија се закани дека ќе воведе тарифи за американската тоалетна хартија, соја, сенки за очи и стотици други производи доколку пропаднат трговските преговори со Соединетите држави, пишува Си-Ен-Ен.
ЕУ објави сеопфатна листа на американски производи кои би можеле да се соочат со царини од 25 отсто доколку не се постигне договор.
Ова е уште еден потег во трговската војна што американскиот претседател Доналд Трамп ја започна со воведување високи царини за стоки од десетици земји. Економистите предупредуваат дека последиците може да ги турнат американската и другите економии во рецесија.
ЕУ ги одложи своите први контрамерки за 90 дена, откако Трамп, исто така, привремено ги повлече најавените тарифи што ги претстави претходно овој месец. Европските тарифи требаше да стапат на сила во вторник како одговор на американските царини од 25 отсто за целиот увезен челик и алуминиум.
На списокот на ЕУ има околу 400 американски производи кои би можеле да подлежат на повисоки царини веќе во средината на јули. Други 1.300 производи би можеле да бидат погодени истовремено или во подоцнежна фаза.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Мерц разговараше со Нетанјаху: „Ги повика Израелците да бидат умерени“

Германскиот канцелар Фридрих Мерц разговараше по телефон со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. За време на разговорот, Мерц повика на умереност во кампањата на Израел против Иран, изјави извор од германската влада за Ројтерс.
Мерц ја изрази принципиелната поддршка на Германија за израелските воени напади врз иранската нуклеарна инфраструктура, но нагласи дека е важно да се бараат дипломатски решенија за конфликтот, рече изворот.
Германија планира да одржи нуклеарни разговори со своите европски партнери и иранскиот министер за надворешни работи во својата постојана мисија во Женева во среда, со цел да добие гаранции од Иран дека неговата нуклеарна програма се користи исклучиво за цивилни цели.
Свет
Извори: Трамп верува дека нема многу избор со Иран

Американскиот претседател Доналд Трамп смета дека е неопходно да се онеспособи нуклеарниот погон Фордо на Иран, објави „Си-би-ес Њуз“, повикувајќи се на повеќе извори.
Според овие извори, Трамп е свесен за ризиците и придобивките од евентуално бомбардирање на постројката и неговиот став е дека „нема многу избор“.
„Тој верува дека нема многу избор“, изјави еден извор за „Си-би-ес“. „Завршувањето на работата значи уништување на Фордоу“, додаде тој.
Како што претходно објавија американските медиуми, Трамп со денови ја разгледува евентуалната вмешаност на САД во ескалирачкиот конфликт. Во среда, тој им рече на новинарите дека сè уште не донел конечна одлука.
„Си-би-ес“ додава дека Трамп, според информациите од четврток наутро, сè уште разгледува опции и сè уште не донел цврста одлука.
Свет
Иранскиот министер за надворешни работи им порача на Израелците: Немојте да се приближувате до воени локации

Министерот за надворешни работи на Иран ги повика Израелците да избегнуваат да бидат во близина на „воени и разузнавачки локации“ додека Иран продолжува да извршува напади.
Абас Арагчи напиша на Икс дека иранската војска „прецизно“ елиминирала израелски штаб на команда, контрола и разузнавање и „уште една витална цел“. Тој истакна дека „ударниот бран“ предизвикал „површинска штета“ на блискиот медицински центар Сорока, за кој тврди дека лекувал повредени израелски војници во Газа.
Израел тврди дека Иран директно ја нападнал болницата, додека Иран вели дека нападнале команден центар во близина на медицинскиот центар. „Стотици невини Иранци се убиени ладнокрвно откако Израел ја започна својата нелегална војна против иранскиот народ минатата недела“, рече Арагчи.
„Нашите моќни вооружени сили ќе продолжат да напаѓаат криминалци кои го напаѓаат нашиот народ сè додека не престанат и не платат за нивната криминална агресија против нашата нација“, додаде тој.
Министерот за надворешни работи на Иран утре ќе отпатува во Женева, Швајцарија, за да се сретне со европските колеги на разговори. Дипломат за Си-ен-ен изјави дека разговорите ќе се фокусираат на „што може да се постигне“ за да се стави крај на конфликтот.