Македонија
Таравари: Успешно извршена нова петта трансплантација на црн дроб и бубрези
Министерот за здравство, Арбен Таравари, на денешната прес-конференција информираше дека успешно е извршена трансплантација на црн дроб и бубрези, земени се и материјали за коскени ткива.
Тој им се заблагодари на сите здравствени работници кои, и покрај бројните предизвици, продолжуваат да постигнуваат резултати.
-Благодарност на семејствата, кои во најтешките моменти на загуба, покажуваат големина и хуманизам, благодарение на што се спасуваат човечки животи, а се подобрува и квалитетот на живот на пациентите. Огромна благодарност и за сите здравствени работници, вклучени во овој процес кој траеше речиси 48 часа, посочи министерот Таравари на денешната прес-конференција, заедно со директорот на ФЗО, Сашо Клековски, директорот на Дигестивна клиника, проф. д-р Огнен Костовски, проф. д-р Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација, деканот на Медицински факултет, проф. д-р Светозар Антовиќ, како и доктори од тимовите за трансплантација.
Директорот на Клиниката за дигестивна хирургија, проф. д-р Огнен Костовски, информираше дека на Клиниката за дигестивна хирургија на 12 и 13 март се извршени две сложени интервенции: успешно е трансплантиран црн дроб и два бубрега од кадаверичен дарител, а дополнително се експлантирани коскени ткива и лигаменти. Станува збор за петта трансплантација на црн дроб во Македонија – додаде Костовски.
Тој посочи дека иако јавноста беше фокусирана на несреќата во Кочани, екипите во Скопје тивко, но посветено, продолжија со работа, успешно изведувајќи интервенции кои спасуваат животи.
Исто така, на Клиниката за дигестивна хирургија е направена првата баријатриска интервенција кај пациент со зголемена телесна тежина која е целосно покриена од буџетот на Фондот за здравствено осигурување. Станува збор за пациент кој тежел 130 килограми, а кому индексот на телесна маса изнесувал 40.
Националниот координатор за трансплантација, професорката д-р Билјана Кузмановска, потсети дека зад секоја статистика стојат човечки приказни.
– Тие што донираат се тивки херои. Ние сме тука да им дадеме признание, бидејќи тие го продолжуваат животот на другите – рече таа, посочувајчи дека нституциите соработуваат со странски здравствени системи за едукација на кадарот, со цел зголемување на капацитетот на домашните тимови.
Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, изјави дека Фондот од јули досега има испратенио пет пациенти во странство за трансплантација од жив донор. Целта, е во Македонија да се достигне просек од 10 трансплантации, годишно, со живи дарители.
Проф. д-р Антовиќ посочи дека кога станува збор за трансплантација од жив донор, се зема половина црн дроб од здрав човек, најчесто некој од семејството на пациентот, додавајќи дека тоа е сложена процедура. За таа цел, во завршна фаза е набавката на нов микроскоп, кој е клучен за сложени интервенции кај жив дарител.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

