Македонија
Пензионери и студенти би можеле да бидат работно ангажирани со новиот закон, образложи Дурмиши

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска на јавна расправа која се одржа во Собранието го образложи Законот за работно ангажирање на лица.
Тој рече дека Министерството за економија и труд активно работи на мерки за намалување на сивата економија и обезбедување на социјална заштита за работниците, а во таа насока е и предлог Законот за работно ангажирање на лица.
Една од целите на овој закон, рече Дурмиши, е да се спречи иселувањето на младите како и да им се даде на македонските компании легален однос да ангажираат работници.
Со овој закон, како што образложи министерот, се овозможува поедноставена постапка за работно ангажирање на лица за повремени и сезонски работи во одредени дејности.
Со законот би се дозволило да се ангажираат лица со старосна пензија, како и редовни студенти, без притоа тие да ги изгубат другите бенефиции, како што се корисниците на социјалната и детската заштита, евидентирани невработени лица (право на паричен надомест и не се бришат од евиденција на невработени), корисник на старосна и семејна пензија, корисник на право на социјална сигурност, статусот на редовен студент.
Овој закон, додава министерот, помага во борбата против неформалната „сива“ економија, преку формализирање на непријавената работа и е дел од стратешките определби на државата за стимулирање и поддршка на формализацијата на неформалните економски активности преку воспоставување систем на превентивни и стимулативни мерки за поддршка.
Работното ангажирање во поедноставена постапка ќе се врши со пријава на лицето преку регистарот за евиденција на работно ангажирање на Агенцијата за вработување на Република Македонија, додека наплатата на даноците и придонесите ќе се врши преку надградба на системот за наплата на даноците и придонесите на Управата за јавни приходи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Филипче: Изберете луѓе со интегритет, не послушници на Мицкоски

„На овие избори изберете пред сè луѓе кои сакате да ве претставуваат. Изберете ги оние кои се докажани, чесни, кои ќе го исполнат ветеното и кои ќе ви служат пред сè вам, граѓаните,“ порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, од трибината во Бутел.
Тој истакна дека најголемата сила на СДСМ на овие избори се луѓето што ги предлага, кандидати и кандидатки, како што вели, со интегритет и кредибилитет.
„Јас знам дека Оливера за Бутел и Каја за Скопје се вистинскиот избор, силни жени, борци, докажани во својата професија, жени кои искрено и чесно ќе застанат зад граѓаните и нивните потреби“, рече Филипче.
Тој потсети дека општините се најблиската власт до граѓаните и дека токму затоа таму е најважно да се изберат чесни и одговорни претставници.
„Општините се првиот контакт на секој човек со било која власт и тука не смее да има поделби. Тука не смее да се изберат послушници на Мицкоски кои работат само по директиви на партијата“, нагласи лидерот на СДСМ.
„А, ВМРО-ДПМНЕ на овие избори нуди токму такви кадри, бирани по теркот и меракот на претседателот, а не на граѓаните“, додаде Филипче.
Македонија
Доста е со кружење и нервози, време е за ред и за слободни тротоари, Аеродром ќе биде најповрзаната општина, најави Ѓорѓиевски

На денешниот народен митинг во Аеродром во рамки на изборната кампањата со слоган „Вистинскиот избор! Со твојот човек! За твоето место! За твојата иднина!“ се обрати и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски претставувајќи ги проектите од програмата кои ќе се реализираат во општина Аеродром.
Ѓорѓиевски истакна дека, во соработка со градоначалникот на Аеродром, Дејан Митески прво ќе се зафатат со решавање на сообраќајниот хаос и поврзување на Аеродром како никогаш досега.
„Конечно ќе го завршиме булеварот „АСНОМ“ и ќе ве поврземе со Гази Баба преку новиот мост. Ќе го изградиме и булеварот „Февруарски поход“ со нов мост преку Вардар, со што отвораме целосно нов коридор кон Гази Баба и кон новиот мега парк Вардариште. Предвидуваме реконструкција на улицата Фрањо Клуз, и пробивање на булеварот Борис Кидрич. Аеродром нема повеќе да биде сообраќаен остров, туку најповрзаната општина во Скопје“, рече Ѓорѓиевски.
Додаде дека ќе го решат секојдневниот урбан хаос и дека, пред сè, ќе се воведе ред со ставање крај на опасниот сообраќај кај „Тобако 2“ со изградба на модерен двоен кружен тек, зошто безбедноста на децата кои одат во училиште е на прво место.
„И конечно, го решаваме хроничниот проблем со паркирањето. Ќе изградиме монтажни катни гаражи во Ново Лисиче, Јане Сандански и Мичурин. Доста е со кружење и нервози, време е за ред и за слободни тротоари“, истакна Ѓорѓиевски.
Исто така, додаде Ѓорѓиевски, ќе инвестираме во здрава животна средина, за здравјето на нашите семејства.
„Ќе го решиме деценискиот еколошки проблем со Усјанскиот канал, со негово целосно затворање и претворање во уредена, зелена пешачка зона со нова урбана опрема. Ќе го решиме проблемот со Вардариште. Јас ви ветувам на сите аеродромци дека, конечно, проблемот со Вардариште ќе биде во нашиот четири годишен мандат. На крајот на мојот мандат тоа ќе биде модерен парк, а кејот на Вардар ќе биде направен до Долно Лисиче“, се заложи Ѓорѓиевски.
Македонија
Митески: Лисиче ќе добие топлификација, ветување што станува реалност

Дејан Митески, кандидат за градоначалник за општина „Аеродром“ од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на денешниот митинг одржан во рамките на изборната кампања, под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, се обрати и посочи дека Аеродром ќе продолжи да се развива, и да се реализираат важни проекти, безбедни училишта и градинки, паркови полни со зеленило, спортски сали, културни центри.
„Мојот претходник, Тимчо Муцунски постави високи стандарди, кои не обврзуваат да следиме. Заедно реализиравме важни проекти, но ова е само почеток. Она што следува е уште поважно да ја градиме иднината заедно, по мерка на секој жител на нашата општина. Оваа програма не е напишана во некоја канцеларија. Ја создадовме заедно, со вас граѓаните на Аеродром. Ќе имаме безбедни училишта и градинки, паркови полни со зеленило и радост, спортски сали, културни центри, можности за образование, работа и простор сите да ги реализираат своите идеи. Убава средина, безбедни улици, достапни услуги, секојдневие што е поквалитетно и посреќно. Во исто време градиме училиште, градинка и спортска сала нешто што не се случило никогаш претходно, а се случува благодарение на поддршката на претседателот Христијан Мицкоски“, рече Митески.
Митески истакна дел од проектите на изборната програма.
„Без поддршка од градот и без централна власт ние работевме. Чистевме, садевме, градевме затоа што љубовта кон Аеродром не може да се запре. Во секоја населба од Мичурин до Долно Лисиче, предвидуваме нови инвестиции во инфраструктурата, културата, образованието и спортот. Зелената офанзива е нашето знаме, Аеродром е најзелената општина нашата гордост, и таква и ќе остане. Секое дете во градинка да, тоа е реалност и ќе биде остварена. За првпат добиваме кино и театар место за култура, радост и талент, Лисиче ќе добие топлификација ветување што станува реалност благодарение на поддршката на претседателот Мицкоски, а спортот останува наш белег, МЗТ и Вардар се симболи на љубов, традиција и успех, воведуваме нула комуналии за изградба на прв дом за сите млади. Но пред се Аеродром ќе остане мирно, сигурно и достоинствено место за живеење“.
Ги повика граѓаните да гласаат за бројот 9, за Аеродром да биде уште поубаво место за живеење.
„На 19 октомври, направете го изборот што значи работа, чесност и иднина, ајде заедно да го направиме Аеродром уште поубаво место за живеење, Со твојот човек! За твоето место! За твојата иднина“, дециден е Митески.