Македонија
Меџити: Општините се клучен партнер во еколошката трансформација

Првиот вицепремиер и Министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска оствари работна средба со претседателството на ЗЕЛС – Заедницата на единиците на локалната самоуправа, на која беше детално презентиран јавниот Конкурс за финансирање на проекти од областа на животната средина за 2025 година.
Меџити ја истакна важноста на локалната самоуправа како столб во реализацијата на клучни инфраструктурни и образовни проекти поврзани со животната средина.
Преку Програмата за 2025 година, Министерството обезбедува 229 милиони денари, од кои најголемиот дел се наменети за поддршка на водоводна и канализациона инфраструктура – области каде што голем број општини сè уште се соочуваат со сериозни предизвици.
„Општините се нашите најважни сојузници на терен. Тие најдобро ги познаваат локалните проблеми и потреби, и затоа сакаме директно да ги поддржиме со средства за решавање на тие предизвици“, истакна министерот Меџити.
Во рамки на средбата, беа презентирани и критериумите, постапките за аплицирање и поддршката што Министерството ја нуди за успешно подготвување и спроведување на проектите. Беше потенцирано дека секоја општина може да аплицира со еден или повеќе проекти, и дека се охрабруваат и заеднички регионални иницијативи.
Претставниците на ЗЕЛС изразија подготвеност за активно информирање и ангажирање на општините-членки, како и интерес за одржување дополнителни информативни сесии и работилници во наредниот период.
Конкурсот е отворен до 29 април, а сите информации, критериуми и апликациски обрасци се достапни на веб-страницата на Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Манасиевски: Мојсоска од Левицата си инкасирала над 600 илјади денари од партијата додека ги напаѓала колегите за патни трошоци

Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, денеска на прес-конференција обвини дека пратеничката Маја Мојсоска од Левица за четири години добила над 600 илјади денари од сопствената партија, иако во јавноста жестоко ги критикувала колегите за патни трошоци.
„Лицемерието на Мојсоска и Левица не престанува, тие се тотално демаскирани. Продаваат скромност и неподмитливост пред народот, а позади нивниот грб ги полнат сопствените џебови“, изјави Манасиевски.
Тој истакна дека во периодот од 2021 година до денес, Мојсоска од партијата инкасирала повеќе од 600 илјади денари, иако во Собранието ги напаѓала колегите пратеници за законските патни трошоци што ги добиваат.
„Врз кој основ ги добила Мојсоска овие пари? Дали овие пари се партиски патни трошоци? Колкаво е лицемерието на Мојсоска и Левица – да ги напаѓа колегите пратеници, а од другата страна од сопствената партија да зема над 600 илјади денари?“, праша Манасиевски.
Тој додаде дека, според него, и Мојсоска и Левица се „прочитани пред јавноста“.
Македонија
Зајкова: 102 молкa, 1 живот помалку – електронска белезица за сторителите на насилство

Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова се огласи на Фејсбук по повод грозоморното двојно убиство и самоубиство кои го завија Велес во црно изминатите неколку денови.
„Предложив на 1-ви април да превенираме, за никогаш повеќе да не санираме штети кои се ненадоместливи. Кога зборував, молчеа. Молчеа и без аргументи го отфрлија предлогот за електронска нараквица за превенција на жртвите од насилство. Дали денес мирно спиете сите 102 што пратеника што не дадовте поддршка?!? Доволно е“, пишува во својата објава на социјалната мрежа Фејсбук.
На седницата во Собранието, одржана на 1 април, ЛДП поднесе предлог за изменување и дополнување на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, со кој ќе се доуреди привремената мерка забрана за приближување на сторителите до жртвите.
Предлогот значеше дека покрај забраната за приближување, сторителот на себе треба да има електронска нараквица која ќе ја предупредува жртвата дека сторителот се приближува до одредено место, односно на оддалеченост помала од 100 метри.
Предлог законот не се изгласа, односно на седницата доби подршка само од 12 пратеници/чки, додека 102 пратеника воопшто не се изјаснија, велат од ЛДП.
Македонија
(Видео) Жените не смеат да живеат во страв, институциите мора да преземат мерки за превенција и спречување на насилството, вели Тренчевска

Пратеничката од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Јована Тренчевска, на денешната прес- конференција во Собранието, во име на Клубот на жени пратенички, повика на доследно почитување на законите, навремена и ефикасна реакција од сите надлежни институции за заштита, спречување и превенција од насилство врз жените.
Тренчевска посочи дека Клубот на пратенички едногласно ги поддржа измените на Кривичниот законик, со кои фемицидот за првпат се препознава и третира како кривично дело.
„Бараме од надлежните институции да ги преземат сите мерки за заштита на жртвите и превенција на фемицидот. Бараме од судските органи да ја имаат во предвид ратификуваната Истанбулска конвенција и одредбите од Кривичниот законик којшто се усогласени со истата“, изјави Тренчевска.
Реакцијата доаѓа по двојното убиство во Велес, како и зачестените насилства врз жените што се случија во државата.
“Фемицидот е најтежок облик на насилство врз жените само затоа што се жени. Жените мора да се чувствуваат безбедно и сигурно а тоа треба да го обезбедат сите институции во државата“, рече Тренчевска.
Во своето обраќање, таа посочи дека насилството врз жените мора да биде јавно осудено и институционално санкционирано.
„Ние, жените од парламентот, едногласно, остро и силно ги осудуваме зачестените случаи не само на свирепо насилство, туку и на фемицид. Ова реакција на Клубот на жени пратеничкисакаме да допре до сите граѓани и до сите институции во државата со цел ефикасна превенција, заштита и спречување на насилството врз жените“, изјави Тренчевска.