Свет
Путин прогласи прекин на огнот за Велигден, Киев тврди дека Русите сѐ уште напаѓаат

Украинскиот претседател Володимир Зеленски утрово ја обвини Русија дека продолжува со нападите во текот на ноќта и покрај едностраното прогласување на прекин на огнот за велигденските празници.
„Генерално, на Велигденското утро можеме да кажеме дека руската војска се обидува да создаде општ впечаток за прекин на огнот, додека во некои области продолжува да се обидува да напредува на теренот и да нанесува загуби на Украина“, напиша Зеленски на X, цитирајќи информации од врховниот командант Олександр Сирски.
Зеленски наведува дека биле забележани 387 случаи на гранатирање и 19 напади на руските сили, а тие користеле беспилотни летала 290 пати.
„Нашите борци одговараат на непријателот на заслужен начин, врз основа на секоја борбена ситуација. Украина ќе продолжи да дејствува асиметрично“, додаде Зеленски во објавата на социјалната мрежа.
Рускиот претседател Владимир Путин им нареди на своите сили да ги прекинат нападите од 18 часот. Московско време во сабота до крајот на неделата. Католичките и православните верници годинава го слават Велигден на ист ден, што не е секогаш случај бидејќи Католичката црква го користи Грегоријанскиот, а Православната црква Јулијанскиот календар.
Зеленски и другите украински официјални лица беа скептични за краткорочниот прекин на огнот што Путин го објави во последен момент во саботата. Потоа на сите руски борци на украинските фронтови им го честита Велигден.
Во неделата Зеленски го повтори својот предлог за продолжување на прекинот на огнот за 30 дена за „да му се даде шанса на мирот“.
„Ќе дејствуваме во согласност со ситуацијата на теренот“, рече тој.
Руското Министерство за одбрана во саботата соопшти дека сите руски сили ќе го почитуваат прекинот на огнот под услов и украинската страна да го почитува.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Зеленски се договорил со Трамп за зајакнување на заштитата на украинското небо

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека за време на телефонскиот разговор со неговиот американски колега, Доналд Трамп, се согласил да „ја зајакне заштитата“ на украинскиот воздушен простор по новиот масовен напад од страна на руски беспилотни летала и ракети.
„Разговаравме за опциите за противвоздушна одбрана и се согласивме да работиме заедно за зајакнување на заштитата на воздушниот простор“, рече Зеленски на Телеграм и додаде дека разговорот бил значаен.
Шефот на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак, изјави претходно денес дека телефонскиот разговор меѓу Зеленски и Трамп „бил многу важен и богат“.
Трамп претходно разговараше по телефон со рускиот претседател Владимир Путин, но немаше напредок кон прекинување на руската војна во Украина, пренесуваат светските агенции.
Свет
Мелони: Трамп сè уште го поддржува Киев, само го преиспита видот на оружје што го испраќа

Соединетите Американски Држави не престанаа да снабдуваат оружје за Украина и да ја поддржуваат, туку ја преиспитаа одлуката за снабдување на одредени компоненти, изјави денес италијанската премиерка Џорџа Мелони.
Таа оцени дека ова е „релевантен факт“, но дека станува збор за поинаква одлука во споредба со тврдењата за целосно повлекување на САД, пренесува Анса.
„Лично разговарав со Доналд Трамп за Киев, а исто така и за царината, и се надевам на позитивен развој на настаните во тоа прашање“, изјави Мелони на средбата во Месина.
Во исто време, порталот Аксиос објави дека Трамп му рекол на претседателот на Украина, Володимир Зеленски, дека е подготвен да му помогне со воздушната одбрана, пренесува Танјуг.
Свет
Голем број земји ги предупредуваат своите граѓани за ризици од патување во САД

Неколку земји, вклучувајќи ги и долгогодишните сојузници на САД како што се Австралија, Канада и Обединетото Кралство, почнаа да ги предупредуваат своите граѓани за ризиците од патување во САД, пишува Yahoo.
Австралија го ажурираше своето предупредување во јуни, предупредувајќи за насилство со оружје, граѓански протести и непредвидливо спроведување на имиграциските закони. Иако предупредувањето останува на ниво 1 („преземете вообичаени мерки на претпазливост“), австралиските власти им советуваат на патниците да бидат дополнително внимателни на места како што се трговски центри, транспортни центри и јавни простори.
Тие, исто така, предупредија за Програмата за ослободување од виза на САД, истакнувајќи дека американските власти можат да одбијат влез во земјата без никакво објаснување.
Нов Зеланд го зголеми нивото на тревога на ниво 2, поради случаи каде што неговите граѓани биле приведени или им бил одбиен влез поради несовпаѓања во документацијата.
Канада го следеше примерот, додавајќи предупредувања за насилен криминал и масовни пукања во големите градови, вклучувајќи ги Лос Анџелес, Њујорк и Чикаго. Канадските власти дополнително предупредија за растечкиот проблем со шверцот со дрога во близина на границата меѓу САД и Мексико.
Германија, Франција, Данска и Финска издадоа предупредувања за новите политики на САД за маркерите за род, што би можело да влијае на патниците кои користат „X“ или небинарни маркери. Од јануари, во некои случаи, на лицата чии патни документи не се совпаѓаат со полот доделен при раѓање им е одбиен влез.
Обединетото Кралство отиде чекор понатаму. Министерството за надворешни работи предупреди дека дури и малите пропусти во влезот во САД би можеле да доведат до притвор или депортација, истакнувајќи дека законите значително се разликуваат меѓу американските држави.
Светскиот совет за патувања и туризам (WTTC) предвидува пад на приходите од меѓународен туризам во САД од 12,5 милијарди долари во 2025 година, делумно поради овие предупредувања.
Ова може да биде сериозен удар за градовите кои зависат од странски гости за полнење ресторани, хотели и туристички атракции.