Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ го понижи културниот сектор и сега нема кредибилитет да зборува за достоинство

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ остро реагираа на денешната изјава на СДСМ, оценувајќи ја како „дрзок обид за дефокусирање на јавноста“ токму на големиот христијански празник Велигден.
„СДС денес, кога се слави Велигден, повторно се обидува дрско да го пренасочи вниманието од катастрофалното наследство што ѝ го остави на Македонија во културата. Јавноста добро памети кој ја газеше културата, кој ја претвори во мрежа на партиски вработувања и кој го користеше Министерството за култура како алатка за наградување на блиски личности и фаворизирани ‘уметници’“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, сегашната власт покажува поинаков пристап, транспарентност и отчетност.
„Извинувањето на именувано лице е коректен гест што јасно покажува разлика во пристапот. За разлика од времето на СДС, кога навредите и дисквалификациите врз уметници и институции беа секојдневие, денес имаме отчетност, одговорност и сериозен однос кон културата“, велат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат дека ќе продолжат да работат во интерес на сите кои навистина придонесуваат во културата.
„Ќе продолжиме да ја градиме културата врз вистински вредности – без партиски кланови и без привилегирани. Ќе има поддршка за сите што творат и вложуваат, а не за политички миленици“, велат од владејачката партија.
Во реакцијата се наведуваат и конкретни критики кон поранешните министри и функционери од СДСМ, обвинувајќи ги за финансиски злоупотреби, непотизам и партиски фаворизирања.
„Во времето на СДС, грантовите се делеа без јасни критериуми, а дел од тие средства завршуваа кај лица блиски до партијата – дури и за проекти што никогаш не се реализираа. Последната министерка за култура беше под лупа поради злоупотреби, а институциите добиваа пари според политичка подобност“, тврдат од партијата.
Во реакцијата се посочува и дека функционерите на СДС користеле државни ресурси за лични цели, додека одговорноста била избегнувана.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) СДСМ: Инфлација од 4,8 отсто, властите да ги прифатат нашите предлози за укинување на ДДВ за храна

Заменик-претседателката на Форумот на жени при СДСМ, Ема Нешковска, на денешната прес-конференција изјави дека инфлацијата од 4,8 проценти на годишно ниво ја доведува економијата во сериозен пад и ја турка населението во сиромаштија. Според неа, ова е резултат на промашените економски политики на владата предводена од Христијан Мицкоски.
Нешковска истакна дека најмногу поскапување има кај храната и основните производи, што го прави животот потежок за граѓаните кои се приморани да прават тешки избори помеѓу плаќање сметки и купување намирници.
Таа ги повика властите да ги прифатат предлозите на СДСМ за укинување на ДДВ за храна, зголемување на минималната плата и покачување на платите во другите сектори како начин за намалување на трошоците и заштита на стандардот на граѓаните.
„Времето на владина незаинтересираност и арчење на парите на граѓаните мора да заврши. Сметката ја плаќаат граѓаните“, порача Нешковска.
Македонија
Влен: Бујар Османи и во МНР спроведувал сомнителни и криминални тендери!?

Државниот завод за ревизија јавно потврди тоа што граѓаните одамна го знаат, дека Министерството за надворешни работи, во време кога министер беше Бујар Османи, спроведувало незаконски тендери поврзани со организацијата на самитот на ОБСЕ во 2023 година, велат од Влен преку соопштение.
„Според ревизорскиот извештај: Потрошени се над 120 милиони денари без јасна евиденција; Не постои документација што точно е испорачано, инсталирано или оставено како трајна опрема во СРЦ „Борис Трајковски“; Договорите и јавните набавки биле спроведувани без транспарентност и со сериозни законски пропусти.
Ова е уште една потврда дека Бујар Османи, каде и да оди, зад себе остава сомнителни и криминални тендери!
Ова не е изолиран случај, истиот Бујар Османи беше осомничен од СЈО за сомнителни набавки уште кога беше министер за здравство во владата на Никола Груевски.
Граѓаните на Чаир добро знаат две работи за Бујар Османи: Прво, никогаш ништо не направил за Чаир, ниту еден проект, ниту една инвестиција, ниту една иницијатива. Второ, секогаш кога бил на функција, се поврзувал со скандали, сомнителни тендери и злоупотреби на јавни пари!“, велат од „Влен“.
„Влен“ додава дека Чаир не заслужува човек чие име се повторува во секој извештај за криминал и злоупотреба.
Македонија
Надлежните со препораки до граѓаните поради најавата за температури до 39 степени во периодот до 13 август

Министерството за здравство информира дека според најновата прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), од 8 до 13 август 2025 година се очекува значително зголемување на дневните температури, кои на некои места ќе достигнат и до 39 степени Целзиусови.
Поради тоа, Министерството апелира до граѓаните да ги почитуваат препораките за заштита од топлотен удар: престој во разладени простории, внесување на доволно течности, избегнување на алкохол и засладени пијалаци, носење лесна и светла облека, како и ограничување на физичката активност во најтоплите часови.
Особено внимание треба да се посвети на ризичните групи — деца, стари лица, лица со хронични заболувања и бремени жени.
Во случај на појава на симптоми како вртоглавица, главоболка, гадење или забрзан пулс, веднаш треба да се побара медицинска помош.
Министерството ја следи состојбата и ќе постапува според потребите.
Според најавата на УХМР, времето денес ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северероисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 30 до 37 степени.