Спорт
Пјастри ја покори Џеда и ја презеде лидерската позиција во шампионатот
Возачот на Мекларен, Оскар Пјастри, триумфираше на Големата награда на Саудиска Арабија, петта трка од овогодинешниот шампионат во Формула 1.
Австралиецот ја извојува втората победа по ред на улиците на Џеда, откако победи во Бахреин пред една недела, а трета сезонава.
Најблиску до Пјастри беше Макс Ферстапен во болидот на Ред Бул, кој заостана речиси три секунди, додека возачот на Ферари, Шарл Леклер се најде на третото скалило на подиумот.
До трката во Џеда, лидерот во генералниот поредок Ландо Норис успеа да се пробие до четвртата позиција откако стартуваше од 10. место, бидејќи во саботата направи голема грешка во квалификациите.
Пјастри на стартот го мина Ферстапен, кој со прекршок се врати на првото место, но не ја врати позицијата. Набргу потоа, трката беше забавена поради излегувањето на безбедносното возило на патеката, а управата на трката го казни Верстапен со додавање пет секунди бидејќи стекна неправедна предност, што го чинеше испад од борбата за триумф.
Покрај победата на Пјастри, петтата трка сезонава ја одбележа и инцидент на самиот старт, но и неколку маестрални претекнувања. Инцидентот што доведе до излез на безбедносното возило на патеката петта година по ред се случи помеѓу Јуки Цунода во болидот на Ред Бул и возачот на Алпин, Пјер Гасли. Болидот на Французинот беше смачкан по контактот, додека Цунода ја продолжи трката, но многу брзо се повлече во боксот.
По грешката во квалификациите, Норис имаше поинаква стратегија во споредба со повеќето возачи, бидејќи стартуваше со тврди гуми и го извлече максимумот од тоа. Слично направи и Шарл Леклер, кој извлече максимум од средно тврдите пенвматици, а кога се префрли на тврди лесно го мина Џорџ Расел.
Расел заврши петти, 18 секунди зад Леклер и седум и пол пред Кими Антонели. Бодови освоија и Луис Хамилтон, Карлос Саинц јуниор и Алекс Албон, како и Исак Хајар од Расинг Булс.
По новиот триумф, Пјастри го презеде водството во генералниот поредок со 99 бодови, Норис е втор со 10 помалку, додека заостанувањето на Ферстапен во однос на Австралиецот е 12 бода.
Овогодинешниот шампионат во Формула 1 продолжува со Големата награда на Мајами од 2 до 4 мај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Кол Палмер се повредил дома
Кол Палмер навистина нема среќа со повредите оваа сезона. Токму кога се врати во тренажен процес, по двомесечна пауза поради проблеми со препоните, асот на Челзи мора да направи уште една пауза. Палмер, во својот дом скршил прст на ногата.
„За жал, имаше несреќа дома, скрши прст на ногата. Не е толку лошо, но сигурно нема да игра следната недела, а имаме натпревари против Барнли, Барселона во Лигата на шампионите и Арсенал. Ќе видиме следниот викенд, пред натпреварот со Арсенал, но да не шпекулираме сега “, објасни менаџерот на Челзи, Енцо Мареска.
Палмер одигра само четири натпревари оваа сезона, три во Премиер лигата и еден во Лигата на шампионите, постигнува два гола за вкупно 235 минути на теренот.
Спорт
Куртоа: Барселона не нè почитуваше кога победуваше, а камоли сега
Помина речиси еден месец од Ел Класико, во кое Реал Мадрид ја победи Барселона со 2:1 на Сантијаго Бернабеу. Дербито беше полно со тензии од двете страни, а долгогодишниот голман на Реал, Тибо Куртоа, проговори за она што се се случуваше.
Белгиецот беше вмешан во инцидент со Ламин Јамал, кој претходно се расправаше со капитенот на Реал, Дани Карвахал.
Пред натпреварот, Јамал ја „вжешти“ атмосферата, со изјавата дека играчите на Реал постојано се жалат дека се ограбени. Минатата сезона Реал остана без трофеј, но оваа сезона играат најдобро во првенството и имаат три бода предност пред Барселона.
„Ламин Јамал кажа секакви работи и го разгоре огнот пред натпреварот, а новинарите го искористија тоа. Видов дека разговараше со Карвахал на натпреварот. Секако, ако почне да зборува нешто, ќе реагирам. Веќе споменав дека атмосферата беше напната. Тензиите беа високи, адреналинот работеше. Понекогаш се кажуваат непотребни зборови во такви услови. Ел Класико е такво, ни треба таква атмосфера. Минатата сезона загубивме од Барселона четири пати. Тие се наши ривали. Не нè почитуваа ниту еднаш кога победуваа, не нè почитуваат ниту сега. Немам проблем со Јамал, конфликтите се нешто што се случува на теренот.
Да го видам утре во ресторан, би го поздравил. Нема проблеми меѓу мене и него, но конфликтите понекогаш се случуваат во фудбалот. Она што го направи пред натпреварот беше да додаде масло на огнот. Нè мотивираше во Ел Класико уште повеќе од вообичаено“, изјави Куртоа за КОПЕ.
Спорт
Македонија би можела да одигра неважен и бесмислен пријателски натпревар
Ждрепката за дополнителните квалификации за Светското првенство во 2026 година, вчера се одржа во седиштето на ФИФА во Цирих.
Плејофот ќе се игра во март 2026 година, се игра по еден натпревар во полуфиналето и финалето, по што Европа ќе добие уште четири учесници на Светското првенство.
Македонија во полуфиналето ќе и гостува на Данска на 26 март. Доколку ја победи Данска, во финалето повторно ќе гостува, на 31 март во Чешка или Република Ирска.
Како што известува новинарот Гевин Куни, ФИФА потврди необична одлука: екипите елиминирани во полуфиналето ќе мора да играат меѓусебно на истиот ден кога ќе се играа фналето, иако натпреварот нема никакво значење.
Причината е чисто комерцијална: ФИФА мора да испорача одреден број натпревари според договорот за ТВ права, па затоа ќе добијат четири дополнителни натпревари.
На пример, доколку Македонија биде елиминирана од Данска, а Чешка од Република Ирска, натпреварот за пласман на Светското првенство Данска-Република Ирска би се играл на 31 март, додека Македонија и Чешка, во исто време би одиграле сосема неважна и „најбесмислена пријателска средба“ поради одлука со која повторно профитот е пред спортот.
Европски плејоф, полуфинале:
Патека А: 1. Италија-Северна Ирска , 2. Велс- Босна и Херцеговина
Патека Б: Украина-,Шведска Полска-Албанија
Патека Ц: Турција-Романија, 2. Словачка-Косово
Патека Д: Данска-Македонија, 2. Чешка-Република Ирска
Foto/ EPA

