Спорт
Нејмар ја завршува кариерата?

Бразилската суперѕвезда Нејмар е блиску до крајот на кариерата, тврдат бразилските, но и европските и светските медиуми.
Фудбалерот на Сантос пред неколку дена заработи нова повреда, само 34 минути откако се врати во стартниот состав на својот тим против Атлетико Минеиро во бразилската Серија А.
Нејмар го напушти теренот во солзи, поради болки во бутниот мускул на левата нога, истата онаа поради која претходно го паузираше шест недели.
Тој во пресрет на натпреварот доби специјален дрес со бројот 100, во чест на својот 100-ти настап на стадионот „Вила Белмиро“, но лесно може да се случи тој натпревар да е последен во неговата кариера.
„Сега навистина мораме да се молиме да не е нешто сериозно што ќе го оддалечи долго време од терените“, рече тренерот Цезар Сампајо.
Од неговото враќање од Саудиски Ал-Хилал, Нејмар забележа само осум настапи и постигна три гола за Сантос.
Последен пат за Бразил играше во октомври 2023 година, кога ги повреди вкрстените лигаменти.
Само во последните три години тој пропушти вкупно 249 натпревари, а во тој период одигра само 20 натпревари за Ал Хилал и Сантос.
Уште „полудо“ е што од 2013 година до денес имаше вкупно 42 евидентирани повреди и како резултат на тоа 1.445 дена поминати надвор од теренот.
Само во ПСЖ поради повреди пропушти 136 натпревари.
Поради сето ова, медиумите пишуваат дека 33-годишниот фудбалер дошол до крајот на кариерата и дека тоа и официјално наскоро ќе го објави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Фреди Бобиќ втор пат го доби судскиот спор против поранешниот клуб

По речиси две и пол години правна битка, познатиот германски фудбалер Фреди Бобиќ конечно ја доби пресудата од Окружниот суд во Берлин. Судот одлучи дека Херта Берлин мора да му плати повеќе од 4 милиони евра, што го направи Бобиќ повторно победник во неговиот правен спор против клубот.
„Многу сум среќен што е донесена јасна и фер одлука. Се надевам дека ова е крај, но на Херта е да одлучи дали ќе биде крај. Ова можеше да биде решено многу порано со ист резултат“, рече Бобиќ по пресудата.
Овој случај датира од 2023 година, кога Бобиќ беше отпуштен од Херта, каде што ја извршуваше функцијата спортски директор. Во тоа време, тој не можеше ни да замисли дека тоа ќе стане долг правен процес во кој ќе бара исплата на неговата отпремнина.
За време на постапката, Херта се обиде да го оспори износот на отпремнината и да ја намали платата на Бобиќ за 40 проценти поради испаѓање во втората лига, но судот пресуди дека клаузулата во неговиот договор не е јасна. Барањата на клубот за дисквалификација на судијата и намалување на износот исто така беа одбиени.
Исто така, судот ги отфрли тврдењата на Херта дека Бобиќ открил доверливи информации или дека вербална закана кон новинар можела да биде причина за неговото отпуштање. Ова е веќе втор пат Бобиќ да го добие правниот спор против Херта, а судијата одлучи дека клубот мора да плати повеќе од 4 милиони евра.
Бобиќ ја започна својата кариера во Штутгартер Кикерс, а потоа играше за Штутгарт, Борусија Дортмунд, Хановер, Херта и Болтон Вондерерс, додека кариерата ја заврши во Риека. Во германската репрезентација одигра 37 натпревари и постигна 10 гола, а беше дел и од тимот што го освои Европското првенство во 1996 година.
Спорт
Лоши вести за Реал, Салиба го продолжи договорот со Арсенал

На големо разочарување на Реал Мадрид, Вилијам Салиба реши да остане во Лондон.
Арсенал успеа да постигне договор со стоперот од Франција и да ја продолжи соработката до 2030 година.
Реал Мадрид го таргетираше францускиот репрезентативец, со цел да го доведе следната сезона за малку пари, со оглед на тоа што неговиот договор со Арсенал истекуваше во 2027 година.
Сепак, „Топџиите“ реагираа брзо и му обезбедија на Салиба нов, петгодишен договор.
Заедно со Габриел, Французинот е единствениот стандарден играч во одбраната на Арсенал. Играчите на позициите лев и десен бек се менуваат, во зависност од тактичките барања на играта, но Микел Артета има целосна доверба во двајцата стопери.
Ова не е крајот на добрите вести за Арсенал. Конечните преговори во врска со продолжувањето на соработката со Букајо Сака се во тек. Англискиот репрезентативец исто така треба да остане на „Емирати“ во следните пет години.
Foto/ „X“
Спорт
Руни проговори за проблемите со алкохолот: Сопругата ме спаси

Легендарниот англиски фудбалер Вејн Руни призна дека имал проблем со алкохолизам.
Руни со години беше кошмар за противничките дефанзивци и голамни во дресот на Манчестер јунајтед, Во подкаст со поранешниот соиграч Рио Фердинанд, тој призна дека долго време се борел со голем проблем.
„Ставав капки за очи и џвакав мастика пред тренинг за да не се забележи. Знаев дека ќе пијам без престан два дена, а потоа ќе доаѓам на натпревар и ќе постигнувам голови. После тоа, повторно ќе продолжам да пијам“, рече Руни и додаде:
„Не сакав да ги оптоварувам другите. Мислев дека можам сам да се справам со тоа, но не можев. Бев во сериозна неволја.“
Неговата сопруга Колин, со која е во врска уште од тинејџерските денови, го извлкла од пробелемите со алкохолот.
„Колин ме познава подобро од кој било друг. Од 17-годишна возраст, таа може да види кога не сум во вистинската насока и секогаш знаеше како да ме запре. Таа ме држеше под контрола. Во некои моменти се прашував зошто постојано ми велеше „немој да го правиш ова, немој да го правиш она“, но денес знам дека таа ми го спаси животот. Искрено верувам дека без неа немаше да бидам жив“, искрено се присети Руни и подвлече:
„Моите грешки се добро познати на јавноста, но дваесет години таа е таа што ме враќа на вистинскиот пат. Без неа, одамна ќе залутав.“