Македонија
Движење што менува – „Халк еко“ како двигател на екосвеста

Денот на планетата Земја, кој секоја година се одбележува на 22 април, е глобален повик за заштита на животната средина и потсетник дека грижата за планетата е заедничка, неотповиклива одговорност. Токму на ова поле, Халкбанк АД Скопје се истакнува како лидер во еколошката трансформација преку својата зелена платформа – ХалкЕко.
ХалкЕко не е само мобилна апликација, туку симбол на одговорно, одржливо живеење. Со едноставна, но моќна порака – повеќе движење, помалку CO₂ – платформата ги мотивира корисниците да пешачат, трчаат или возат велосипед. Секоја помината километража се претвора во конкретна еколошка акција, бидејќи Халкбанк засадува дрвја во име на секој активен корисник, претворајќи ја личната одлука во заедничко добро.
Покрај поттикнување физичка активност, ХалкЕко ги поврзува луѓето со мисија – да го намалат својот еколошки отпечаток и да придонесат кон позелени урбани и рурални средини. Секоја садница претставува симбол на надеж, а секој корисник – амбасадор на промената. Денот на планетата Земја, во оваа визија, не е само симболичен датум, туку секојдневна животна филозофија.
Во изминатите пет години, преку ХалкЕко се засадени над 60.000 дрвја, уредени се јавни простори, обновени мостови и организирани еколошки настани како велосипедската трка Халк Вело Грин. Банката вложува и во едукација преку различни програми и работилници, градејќи свест кај младите и возрасните за важноста на одржливиот развој. Како дел од глобалната иницијатива „Прајслес планет“ на Mastercard, таа дополнително го зајакнува својот придонес во ова поле.
Во 2024 година, Халкбанк ја започна и својата најамбициозна еколошка акција досега – „Еден милион садници за пет години“, проект што го одбележува петгодишниот јубилеј на ХалкЕко и ја засилува борбата против климатските промени, зголемените емисии на CO₂ и заканата по биодиверзитетот.
Оваа акција не е само бројка, туку вистински залог за иднината. Преку платформата ХалкЕко, Халкбанк не само што поставува стандарди за корпоративна еколошка одговорност, туку создава движење што ги обединува луѓето околу една заедничка цел – здрава планета.
Денот на планетата Земја е шанса за акција. А со ХалкЕко, таа акција добива смисла, резултати и долгорочна вредност. Заедно можеме повеќе – да зачуваме, засадиме и да оставиме зелено наследство за генерациите што доаѓаат.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Клиниките за Токсикологија, Неврологија и Кардиологија добија нови директори

Министерството за здравство информира дека се именувани нови в.д. директори во четири јавни здравствени установи.
На Универзитетската клиника за токсикологија за в.д. директор е именуван д-р Арѓенд Имери, на местото на д-р Андон Чибишев.
На Универзитетскиот институт за клиничка биохемија за в.д. директор е именувана д-р Мимоза Бафќари-Бакији, на местото на д-р Николина Граздановска.
На Универзитетската клиника за неврологија за нов директор е именуван д-р Игор Кузмановски, на местото на д-р Фатмир Меџити.
На Универзитетската клиника за кардиологија за нов директор е именувана д-р Даница Петкоска Спирова, на местото на д-р Беким Поцеста.
Новоименуваните директори ја извршуваат оваа функција почнувајќи од вчера.
Македонија
СДСМ: Осуда за скандалозната одлука за именување на училиште во Студеничани со името на Азем Морана

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија најостро ја осудува, како што велат, скандалозната одлука на Владата за именување на општинското основно училиште во Општина Студеничани со името на Азем Морана, според СДСМ, познат балист и соработник на фашистичкиот окупатор за време и по Втората светска војна.
„Ова именување е историски неосновано и претставува директно понижување на антифашистичката борба на македонскиот и албанскиот народ. Тоа е навреда за сите борци од НОБ, за жртвите од фашистичкиот терор, за вредностите врз кои е изградена нашата држава, слободна, демократска и европска Македонија. Преку рехабилитација на фигури поврзани со балистичкото движење што ја прават ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН се нарушуваат темелите на идеологијата врз која е изградена македонската државност: антифашизмот, народниот суверенитет и демократските вредности. Според десничарската матрица, тие свесно и систематски го бришат антифашизмот од колективната меморија заменувајќи ги партизанските имиња со имиња на балисти, соработници со фашистичкиот окупатор“, велат од СДСМ.
Од партијата додаваат дека бескомпромисната борба против фашизмот не е само дел од нашето историско наследство, туку е структурна вредност на нашиот уставен поредок, на нашиот идентитет и на нашата евроинтегративна определба.
„Срамно е една влада којашто тврди дека е за Европа да дозволува вакви опасни чекори. Наместо да ги едуцира младите за вистинските херои на слободата, таа ги учи да ги слават соработниците и поддржувачките на фашистичката идеологија. Тоа е образовно и морално злосторство за едно деморкатско општество коешто се стреми кон европските вредности“, велат од СДСМ.
Партијата ја повикува Владата итно да ја преиспита одлуката, водејќи се од почитта кон борците и да поднесе итна иницијатива до надлежните институции за нејзино укинување. Од СДСМ велат дека ќе побараат и отворена расправа во Собранието, како и поддршка од Сојузот на борците и од сите прогресивни сили во државата.
„Нема да дозволиме ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН да ја поткопуваат идеологијата на антифашистичката борба и македонската историја. Македонија е изградена врз темелите на антифашизмот, а не врз ревизионизам и така мора да остане“, велат од СДСМ.
Македонија
ЦУК повторно ќе го тестира системот за масовни известувања на граѓаните

Во текот на попладневните часови граѓаните ќе добијат тест-СМС порака преку системот cell broadcasting, со цел проверка на техничките можности за испраќање масовни известувања и аларми во случаи на кризни состојби, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од таму појаснуваат дека станува збор за систем кој овозможува итни пораки да бидат испратени до сите корисници на мобилни телефони што се наоѓаат во одредена географска област, без разлика на мобилниот оператор. Целта е навремено и ефикасно информирање на населението при пожари, поплави, земјотреси, опасни временски појави или други вонредни ситуации.
Од ЦУК велат дека воспоставувањето на овој систем е национална потреба и воедно законска обврска согласно регулативите на Европската Унија, кои бараат сите земји да располагаат со механизам за масовно информирање и алармирање на граѓаните во услови на криза.