Европа
Масовен руски напад врз украинскиот регион, девет загинати, 30 повредени

Руско беспилотно летало удрило во автобус со работници во украинскиот град Марханец рано утринава, при што загинале најмалку девет лица во бранот напади чија цел била цивилната инфраструктура во источна, јужна и централна Украина, соопштија официјални лица.
Целосниот обем на нападот, кој ги држеше будни Киев и источната половина на Украина неколку часа во текот на ноќта, не беше веднаш познат.
„Русите нападнаа автобус со вработени во компанијата кои одеа на работа во Марханец“, изјави на Телеграм Микола Лукашук, претседател на регионалниот совет на Днепропетровск.
Серхи Лисак, гувернер на регионот Днепропетровск, кој го опфаќа Марханец, во централна и јужна Украина, рече дека девет лица загинале, а најмалку 30 се повредени во нападот.
Украинската служба за итни случаи соопшти дека имало и напад на квартот Синелникевски во областа Дњепропетровск, во кој две лица се повредени, а избувнал пожар во земјоделско претпријатие.
Русија, исто така, изврши „масовен“ напад со беспилотни летала врз централниот украински регион Полтава, при што беа повредени најмалку шест лица, соопшти службите за итни случаи во објава на апликацијата за пораки Телеграм.
„Само цивилната инфраструктура на градот беше под непријателски напад“, објавија службите за итни случаи на Телеграм.
Избувнале неколку пожари кои оштетиле станбени згради, деловни објекти, магацини и гаражи, информираат од службите за итна помош, објавувајќи фотографии од пожарникарите кои ноќе се борат со пламените јазици.
Две лица се повредени во напад со беспилотно летало врз цивилна инфраструктура на периферијата на пристанишниот град Одеса на Црното Море, кој исто така предизвика неколку пожари, изјави на Телеграм Олех Кипер, гувернер на јужната украинска област Одеса.
Големи пожари избувнаа и како резултат на напад на руски дрон врз вториот по големина град во Украина, Харков, изјави градоначалникот Ихор Терехов на Телеграм.
Единиците за противвоздушна одбрана исто така беа ангажирани во одбивањето напади врз регионот на Киев, но нема извештаи за потенцијална штета.
Засега нема коментар од Русија за нападите.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека нејзините единици за противвоздушна одбрана во текот на ноќта уништиле 11 украински беспилотни летала над неколку руски региони и над Кримскиот Полуостров. Регионалните гувернери изјавија дека нема извештаи за непосредна штета.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Русија очекува да се договори за датум за третата рунда мировни преговори со Украина

Русија очекува да се договори за датум за третата рунда мировни преговори со Украина следната недела, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Функционерот на Кремљ, Владимир Медински, кој ја предводи руската делегација, е во контакт со својот украински колега, изјави Песков.
Обновувајќи ги разговорите по повеќе од три години, двете страни се сретнаа лице в лице во Истанбул на 16 мај и на 2 јуни, што доведе до серија размени на затвореници и враќање на телата на загинатите војници.
Сепак, не е постигнат никаков напредок кон прекин на огнот за кој Украина се залага со поддршка од Западот. Русија вели дека сака конечно решение, а не само пауза во борбите, и инсистира на територијални и други барања за кои Украина вели дека би значеле капитулација.
Конфликтот се интензивира во последните неколку недели, при што Русија изврши некои од своите најтешки воздушни напади во војната, а Украина користеше беспилотни летала за да ги изненади воздушните бази и ѝ нанесе голема штета на руската флота бомбардери способни да носат нуклеарно оружје.
Европа
(Видео) Пропалестински активисти упаднаа во британска база, велат дека оштетиле два авиона

Пропалестински активисти упаднаа во воздухопловната база „РАФ Бриз Нортон“ и испрскаа два воени авиони со црвена боја. Снимките објавени на веб-страницата на „Палестинската акција“ покажуваат две лица во воздухопловната база во Оксфордшир.
Едно од лицата вози скутер до танкер за полнење гориво во воздух „ербас војаџер“ и се чини дека прска боја во неговиот млазен мотор. „Палестинската акција“ соопшти дека авионите за полнење гориво биле исклучени од употреба, а активистите успеале да ги избегнат обезбедувањето и апсењето.
BREAKING: Palestine Action break into RAF Brize Norton and damage two military aircrafts.
Flights depart daily from the base to RAF Akrotiri in Cyprus.
From Cyprus, British planes collect intelligence, refuel fighter jets and transport weapons to commit genocide in Gaza. pic.twitter.com/zzmFqGKW8N
— Palestine Action (@Pal_action) June 20, 2025
Британското Министерство за одбрана остро го осуди „вандализмот врз имотот на Кралските воздухопловни сили“ и изјави дека тесно соработува со полицијата, која го истражува инцидентот.
„Палестинската акција“ е вклучена во слични активности уште од почетокот на војната во Газа, а нејзините акции првенствено се насочени кон компаниите за оружје. Во мај групата ја презеде одговорноста за боењето на американски воен авион во Ирска со спреј.
Европа
(Видео) Украина: Руските напади со дронови врз станбени згради предизвикаа огромни пожари

Едно лице загина, а најмалку 14 други беа повредени кога руски беспилотни летала го нападнаа украинскиот град на Црното Море, Одеса, во текот на ноќта оштетувајќи високи згради и железничка инфраструктура, соопштија денеска локалните власти и обвинителите. Одеса, најголемото црноморско пристаниште во Украина, клучен центар за увоз и извоз, е под постојани руски ракетни и беспилотни напади од почетокот на војната.
„И покрај активната воздушна одбрана, оштетена е цивилна инфраструктура, вклучувајќи станбени згради, универзитет, гасовод и приватни автомобили“, изјави локалниот гувернер Олех Кипер на „Телеграм“. Кипер објави фотографии од запалени куќи и високи згради.
🔴 One killed and 14 injured, including 3 rescuers, in overnight Russian attack on Odesa. pic.twitter.com/Xe0JOL5yE4
— UNITED24 Media (@United24media) June 20, 2025
Локалните служби за итни случаи соопштија дека имало најмалку 10 напади со беспилотни летала врз станбени згради предизвикувајќи огромни пожари. Украинските воздухопловни сили денес соопштија дека Русија лансирала 86 беспилотни летала во Украина во текот на ноќта.
Војската соопшти дека нејзините сили за воздушна одбрана собориле 34 беспилотни летала, а 36 беспилотни летала биле изгубени, што укажува дека украинската војска ги пренасочила користејќи електронско војување или дека станува збор за симулатори на беспилотни летала што не носеле бојни глави.
Војската објави дека беспилотните летала погодиле осум локации. Украинската државна железничка компанија „Укрзализниција“ објави дека железничката станица во Одеса била оштетена за време на нападот, со оштетени далноводи и пруги. Неколку приватни и повеќекатни куќи биле оштетени во напад со беспилотни летала во Харков, североисточна Украина, во текот на ноќта, соопштија властите на Харков.