Македонија
Новинарите сè уште без правда за нападите на 27 април: ЗНМ со реакција на одлуките на Апелациониот суд
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) изразува сериозна загриженост поради последните одлуки на Апелациониот суд Скопје од април 2025 година, со кои беа одбиени жалбите на новинарите нападнати за време на насилствата во Собранието на 27 април 2017 година.
„Овој датум останува запаметен како ден кога брутално беа прекршени правата на новинарите и медиумските работници. Наместо да биде потврдено дека нападите и заканите кон новинари се неприфатливи, судот испраќа порака дека ваквите дела може да поминат неказнето. Ваквите одлуки го поткопуваат правото на безбедно и слободно новинарство.
ЗНМ укажува и на контроверзните ставови во образложението на судот, каде што се тврди дека слободата на изразување не важи кога има насилни настани. Овој став е спротивен на претходните три одлуки на Уставниот суд, како и на Европската конвенција за човекови права и на Уставот на државата. Уставниот суд веќе еднаш пресуди дека ваквото толкување е погрешно и го нарушува правото на изразување“.
ЗНМ смета дека е особено проблематично што судот ја минимизира обврската на државата да ги заштити новинарите сугерирајќи дека таа заштита не треба да биде „преголем товар“ за институциите. Ваквиот пристап, како што велат, остава впечаток дека институциите се повеќе загрижени за сопствениот комодитет отколку за заштита на основните човекови права.
Според ЗНМ, иако конкретните одлуки на Уставниот суд се однесуваа на друг предмет, тие се конечни, обврзувачки и важат за сите институции – вклучително и за Апелациониот суд. Непочитувањето на овие обврски е сериозен удар врз владеењето на правото.
„Последните пресуди на Апелациониот суд Скопје се однесуваат на колегите Наташа Стојановска, Билјана Николовска, Игор Јанковски и Томе Ангеловски – новинари кои и по осум години чекаат правда. Овие одлуки покажуваат дека правната заштита на новинарите и натаму е слаба, а неказнивоста на насилниците создава страв и несигурност кај сите оние што секојдневно известуваат за прашања од јавен интерес“.
ЗНМ апелира до судските и до другите надлежни институции да ги преиспитаат овие одлуки и да осигурат дека новинарите ќе добијат соодветна правна заштита. Како што нагласуваат, нападот врз новинар е напад врз демократијата и секој таков чин мора да биде истражен и санкциониран.
Најавуваат дека ЗНМ ќе продолжи будно да го следи развојот на овие случаи и ќе се залага за целосна правда за сите новинари жртви на насилство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Центар, Сопиште и Бутел
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 07:30 до 15:00 часот, корисниците на блокот на згради од булеварот Партизански Одреди бр.17 кон улица Максим Горки, општина Центар.
· во периодот од 07:45 до 15:30 часот, корисниците на селата Јаболци, Ново Брезница, Патишка Река, Држилово, Малчиште, Црн Врв, Елово, Осинчани, Карст с.Јаболци Викендици Држилово, Сателитски Центар, Ново Брезница, Рудпроект, Јаболци, Патишка Река, општина Сопиште.
· во периодот од 08:30 до 10:30 часот, корисниците на улицата Тале Христов, Поликлиника ВФВ и Објектите околу ВРВ Поликлиник, општина Бутел.
· во периодот од 09:00 до 12:00 часот, дел од корисниците на улицата Елисие Поповски – Марко бр.21,47 и други корисници во непосредна близина, општина Центар.
Македонија
Делови од Центар и Аеродром денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска:
– поради изведување на водоводен приклучок ф-80 мм на улицата Франклин Рузвелт бб, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, односно потегот од Орце Николов до Благој Давков, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.
– поради промена на вентил во шахта ф-2“ на улицата Венијамин Мачуковски бб, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица, општина Аеродром.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Утрото претежно ведро и студено, преку денот сончево со мала до умерена облачност
Утрото претежно ведро и студено, преку денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 4, а максималната ќе достигне од 15 до 20 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на стабилно и суво време. Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на магла или ниска облачност. Поради разведрувањето утринската температура наместа ќе се спушти под нулата, а дневната ќе бележи тенденција на благ пораст.

