Култура
Во Кинотеката на Македонија се одржа пролетното издание Ecoscop на Мрежата на фестивали од јадранскиот регион
Со проекција на филмот TeraForma, во Кинотека на Македонија се одржа Пролетното издание Ecoscop на Мрежата на фестивали од јадранскиот регион, заеднички проект на водечките регионални филмски фестивали (Сараево филм фестивал, Фестивал на авторски филм Белград, Љубљански меѓународен филмски фестивал, Загреб филм фестивал, Филмски фестивал Херцег Нови и ИФФК Браќа Манаки).
– Денешниот ден, 22 април, не случајно е избран за оваа проекција, бидејќи денес се одбележува Денот на планетата Земја и на овој начин ние се приклучивме на акцијата за одбележување на овој ден, истакна директорот на ИФФК Браќа Манаки, Димитрија Доксевски, кој им посака добредојде на присутните и ги покани по проекцијата да ја проследат панел дискусијата со експертот по екологија Ханес Јекл и Ѓорѓи Митревски, координатор на програмата за заштита на реките во „Еко-свест“.

Публиката ја исполни салата во Кинотека и сведочеше на приказната насловена TerraForma која говори за оддалечениот вулкански остров Вознесение, кој тлеел милиони години сè до неговата радикална трансформација со процес на „тераформирање“ во тропски рај.
Тоа е приказна за тоа што таа трансформација може да значи за нашата планета во иднина каде што може да дојде до тераформирани пејзажи создадени од човекот кои го искривуваат нашето разбирање за самата „природа“. На овој остров има повеќе отколку што се гледа. Новата средина, навидум рај, всушност е фатаморгана- огледална слика на нивната амбиција, нивната империја и нивното разбирање за светот…

-Започнавме со 10 општини и 1.000 волонтери, но за пет години „Генералка викенд“ прерасна во огромна акција во која сега се вклучени 81 општина и 45.000 волонтери, раскажа Ханес Јекл, извршен директор и ко-основач на „Man and Mountain“, компанија со седиште во Скопје, која креира проекти за еколошка свест – ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД – СОНЧЕВА ГОРА, зелени градови , развој на Национални паркови и природни локалитети, зелена економија, органско земјоделство, рурален развој – економски, културен и социјален развој, туризам, зелена енергија…
Тој посочи дека верува оти Македонија може да се исчисти од ѓубре до 2031 година, и е среќен што тоа не е само негово ентузијастичко верување, туку дека таква мисла имаат сите учесници во акциите кои ги спроведуваат. Посочи дека следната акција ќе се организира за чистење на Аквадуктот на 9 мај и повика за поголемо учество.

-Сметам дека е наша обврска да ја исчистиме оваа земја, бидејќи ова е наша земја, полна со талентирани, креативни и љубезни луѓе и ако сакаме навистина можеме да ги решиме сите наши проблеми бидејќи ова е мала држава, истакна Јекл.
Од луѓето кои учествувале во акциите кои ги организираат слушнал бројни искуства и смета дека денеска тие не ја познаваат повеќе својата земја.
-Ова пред се поради тоа што во филмот гледавме реалност која луѓето сакаат да ја пресоздадат, која ним им одговара. Во Македонија сега луѓето не ја познаваат сопствената земја. Пред 20 години немало толку отпад, немало загадување на воздухот, но ова тераформирање не се однесува само на животната средина, туку и на општеството. Сметам дека филмот и филмската сцена и овој проект на ИФФК Браќа Манаки се исклучително важни, бидејќи уметничкото влијание е неверојатно и затоа сакам сета наша енергија да ја вложам во тоа Македонија да стане земја во која сите ние сакаме да живееме, рече Јекл.
На панел дискусијата покрај Ханес Јекл учествуваше и Ѓорѓи Митревски од Еко-свест.
-Соработката со уметници и културни центри сметам дека е најдобра. Таа е поврзана и со вечерашнава тема, но и со филмот кој го гледавме, едноставно поради тоа што на овој начин ги комуницираме пораките, идеите кои сакаме да ги пренесеме, рече Ѓорѓи Митревски, кој е координатор на програмата за заштита на реките во Еко-свест.
Тој посочи дека пред пет години одлучиле директно да комуницираат со независни културни центри, фестивали, уметници итн. со цел да ја подигнат свеста за заштита на природата и животната средина.

-Уметноста или културата во една поширока смисла е можеби најмоќниот медиум за пласирање на идеите за подигање на свеста за животната средина, рече Митревски, кој како продуцент, активно соработува со независни културни колективи и уметници, креирајќи филмови, театарски претстави, изложби и инасталации со цел да ја прошири еколошката порака и да поттикне поширока јавна поддршка.
Во својата работа тој ги промовира принципите на граѓанската наука, развивајќи алатки и методологии што овозможуваат активно учество на граѓаните во мониторингот на реките. Преку ваквиот интердисциплинарен пристап ја обединува науката, уметноста и заедницата во заедничка заложба за заштита на природата и одбрана на живиот свет.

-Кога го гледав филмот мене најмногу ми остави впечаток еден од говорниците кој рече дека природата е социјален конструкт и ние во јавните комуникации ја реконструираме таа идеја цело време. Тоа во голем мера е вистина. Еве на пример кога говориме за реките во Швајцарија, таму има изградено повеќе од 3.600 мали хидроцентрали и не постои ниту една река со слободен тек и ниту еден природен автохтон систем. За разлика од тоа, неколку земји на Балканот – Македонија, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина и дел од Косово се единствени места на Европскиот континет каде постојат реки кои се слободни од извориштето до одлевањето, комплетно недопрени…, раскажа Митревски, посочувајќи дека Македонија е можеби последното упориште на недопрени речни екосистеми на Европскиот континент и тоа е битката што тие ја водат.

За оние кои не беа во можност да ја проследат бесплатната проекција во Кинотека, филмот ќе биде достапен една недела онлајн на ондеманд платформата на линкот: https://ondemand.kinomeetingpoint.ba/.
фото: ТатјанаРанташа
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Премиера на новата детска претстава „Металковци патуваат“ на Малата сцена во МОБ
На 7 март во 11:00 часот, на Малата сцена на Македонската опера и балет, премиерно ќе биде изведена новата интерактивна музичко-сценска претстава „Металковци патуваат“, дел од проектот „Фамилија Металковци“. Истата ден ќе следи реприза во 13:00 часот, а следните изведби се закажани на 14 март во 11:00 и 13:00 часот.
Станува збор за нова продукција наменета за деца од 4 до 10 години, во изведба на брас квинтет составен од музичари од Македонската опера и балет. Претставата трае речиси еден час и комбинира музика во живо, сценска игра и постојана интеракција со публиката.
„Металковци патуваат“ ги носи најмладите на музичко патување низ различни култури, при што децата активно учествуваат, учат за дувачките инструменти и ја откриваат нивната звучна палета.
Проектот има јасна едукативна и културна мисија – поттикнување интерес за запишување во музички училишта и развивање културна публика од најмала возраст.
„Со проектот ‘Фамилија Металковци’ сакаме да создадеме одржлива културна публика уште од најрана возраст. Нашата цел не е само да поставиме нова претстава, туку да изградиме движење што ќе ја доближи класичната музика до децата на природен и современ начин. Доколку барем едно дете по претставата посака да запише музичко училиште, тогаш знаеме дека мисијата е исполнета.“
Со капацитет од 200 посетители по изведба, се очекува значителен интерес од семејната публика.
„Кога Металковци зборуваат – дечињата слушаат.
Кога Металковци свират – дечињата патуваат.“
Претставата е во организација на здружението Мак Брас, во копродукција со Македонската опера и балет.
Билетите се достапни онлајн на: https://mktickets.mk/event/metalkovci/ како и во сите книжарници на Литература.
Култура
Последна, 30. по ред изведба на „Ноќта кога ја убив месечината“ во Битолски театар
На 04.03.2026 во 20:00 часот, сцената на Народен театар Битола ќе ја пречека 30-тата и воедно последна изведба на „Ноќта кога ја убив месечината“, во режија на Марјан Георгиевски, кој и настапува во истата заедно со актерот Александар Копања.
По тој повод, билетите се со 50 проценти попуст, по цена од 100 денари.
„Ова не е само промоција. Ова е покана. Покана да бидете дел од една завршница што се случува само еднаш. Последните изведби имаат посебна енергија – актерите играат со срце што знае дека за последен пат ја раскажува приказната, а публиката станува сведок на момент што повеќе нема да се повтори“, велат од битолскиот театар.
Претставата отвора суштински теми за човековата егзистенција, осаменоста, слободата, маските што ги носиме и загубените вредности во современото општество. Тоа е психолошка и филозофска драма која патува од интимно до општествено, од реалност до апсурд.
Култура
Љутков во Брисел на средба со Нела Рајхл: Фокус на младите, дигитализацијата и развојот на креативните индустрии
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, во рамките на посетата на Брисел, денеска оствари работна средба со Нела Рајхл, претседателка на Комитетот за култура и образование при Европскиот парламент.
На средбата, Љутков ја истакна цврстата заложба на Министерството за култура и туризам за унапредување на културните политики, со акцент на младите, дигитализацијата и современата промоција на културното наследство, како и на системски развој на креативните индустрии.
Министерот ја потенцираше активната вклученост на Македонија во користењето на европските инструменти за помош и програмите за соработка со земјите членки на Европската Унија, вклучително и ТАЕКС (TAIEX) и другите ИПА-инструменти за претпристапна помош. Тој рече дека Министерството за култура и туризам ги имплементира програмите „Креативна Европа – Култура и Медиа“, кои овозможуваат поддршка за копродукции, мобилност на уметници, европски мрежи и градење институционални капацитети, додека Министерството за образование и наука ги спроведува програмите „Хоризонт“ (Horizon) – за истражувања во технологиите за дигитално наследство и „Еразмус +“ (Erasmus+) – насочена кон образовна и младинска мобилност.
Љутков нагласи дека Македонија ја препознава сѐ поголемата економска и општествена вредност на креативните индустрии, кои претставуваат стратегиски двигател на економскиот раст, иновациите и меѓународната видливост. Во таа смисла, ќе се интензивира соработката со европските земји кои ги препознаваат културните и креативни индустрии како приоритетен сектор.
Според министерот Љутков, акцент е ставен врз дигитализацијата и дигиталната трансформација, особено во заштитата и промоцијата на културното наследство. Тој рече дека како земја со исклучително богато културно наследство, Македонија посветува големо внимание на зачувувањето на јазикот, фолклорот, традиционалните занаети, фестивалите и музиката како континуитет на културниот идентитет.
Дополнително, тој информираше дека Министерството за култура неодамна го презеде и секторот туризам во својата институционална структура, со што се отвораат нови стратегиски цели за развој на културниот туризам и за воспоставување рамнотежа меѓу заштитата на наследството и современиот креативен развој.
На средбата соговорниците ја потврдија заедничката заложба за понатамошно продлабочување на соработката, со цел унапредување на европските културни политики и зајакнување на улогата на културата во процесите за европска интеграција.

