Економија
Мицкоски: Ако работодавачите и работниците се договорат за минималната плата, Владата ќе го прифати договореното
„Ставот наш околу минималната плата е многу јасен и не се темели на никакви импровизации. Ние моравме како Влада, а на предлог на министерството за економија и труд да донесеме минимална вредност на минималната плата, по закон. И врз основа на тој закон луѓето од министерствата ја пресметаа и таа се усвои таква кава што е. Значи моменталната состојба на минималната плата е согласно закон кој што го договорил истиот овој Синдикат кога бил репрезентативен“, вели премиерот Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница одговарајќи на пратеничко прашање.
Мицкоски потенцираше дека тие како Влада мора да го почитуваат законот.
„Ние мораме како Влада да почитуваме закон и сме го почитувале тој закон и сега дали на некој тоа му се допаѓа во вредност или не му се допаѓа, тоа е друго. Лично јас сметам дека треба да биде и 1000 евра минималната плата, и тоа можеби е малку. Лично сметам дека на тој начин приходите на Буџетот ќе бидат поголеми, но дали тоа бизнисот ќе може да го издржи е прашање кое што треба да го одговорат работодавачите.“, изјави тој и додаде:
„До сега надвор од закон се утврдувала вредноста на минималната плата во рамки на Економско социјалниот совет и дијалогот кој што таму го води Владата, работникот и работодавачот. Сега претставници од страна на работниците немаше, бидејќи репрезентативноста на Синдикатот истече. Во меѓувреме министерствата за правда, економија и труд и социјална политика, демографија и млади номинираа свои претставници во комисијата која што треба да определи репрезентативност на синдикатите, таа комисија е комплетна.
За време на состанокот кој што го имавме со синдикатите сите се сложија со еден предлог, а тоа е нивото од 10 проценти кое се утврдува за да се пресмета репрезентативноста од членовите на синдикалната организација да се пушти 5 проценти.
Ние не сме против, ние сме за, и веќе дадов налог да се изготват законски измени со кој што ќе биде на 5 проценти и на тој начин ќе бидат опфатени поголем бројот од синдикатите и ќе бидат дел од Економско социјалниот совет“.
Мицкоски посочи дека откако ќе се формира тој економски социјален совет подготвен е веднаш да се свика седница и доколку работодавачите и работниците се усогласат за минималната плата, тој е подготвен да се интервенира во законот.
„Откако ќе се формира овој Економско социјален совет ние сме подготвени веднаш да организираме седница и на таа седница да се дискутира за утврдување на минималната плата надвор од законскиот оној кој што е донесен, и подготвени сме веднаш да интервенираме во законот доколку работниците и работодавачите се усогласат, дали тоа ќе биде 25.000, 27.000, 30.000 денари, како ќе се договорат, ние така ќе прифатиме“, дециден е Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска – Коњановски: Eнергетскиот развој на Битола важен чекор за поефикасна и одржлива општина
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, на која беа разгледани можностите за продлабочување на институционалната соработка и реализација на заеднички развојни приоритети во наредниот период.
Во фокусот на разговорите беа проектите за енергетска ефикасност како клучен инструмент за намалување на трошоците на локално ниво, модернизација на јавната инфраструктура и создавање поодржлива урбана средина. Соговорниците се согласија дека општините имаат суштинска улога во енергетската транзиција, а државната поддршка мора да се претвори во конкретни и мерливи резултати за граѓаните.
Министерката Божиновска нагласи дека партнерството меѓу централната и локалната власт е предуслов за ефикасна реализација на реформите во енергетиката.
„Енергетската ефикасност е директна инвестиција во квалитетот на живот. Нашата цел е секоја општина да добие реална можност за модернизација, пониски трошоци и одржлив локален развој,“ истакна Божиновска.
На средбата беше договорено продолжување на координираните активности меѓу Министерството и Општина Битола, со имплементација на проекти што ќе донесат долгорочни придобивки за граѓаните и локалната економија.
Економија
(Видео) Тренчевска до власта: Намалете од луксузот и зголемете ја минималната плата на 600 евра
Минималната плата е еден од клучните механизми преку кои државата директно влијае врз животниот стандард на граѓаните, врз пазарот на труд и социјалната кохезија. Нејзината динамика на раст и начинот на усогласување се директно поврзани со борбата против сиромаштијата, намалувањето на нееднаквоста и обезбедувањето достоинствени услови за работа на работниците, рече потпреседателката на СДСМ, Јована Тречевска, на денешната собраниска седница на којашто на дневен ред е предлог-законот на СДСМ за изменување и дополнување на Законот за минимална плата, со кој се предлага минималната плата да се зголеми на 600 евра.
Таа посочи дека Владата во одредени услови мора да носи политички одлуки. Таков бил и случајот со зголемувањето на минималната плата во 2022 година, за време на владеењето на СДСМ, од 15.000 на 18.000 денари, направено во дијалог со работниците и работодавачите.
„Често слушаме дека сегашната Владата остава работодавачите и работниците сами да се договорат, но социјалниот дијалог во државата е трипартиски: во него се вклучени Владата, работниците и работодавачите. Владата не може да биде само модератор, туку е активен учесник и партнер во социјалното договарање, слушајќи ги барањата на работниците и поддржувајќи ги и работодавачите,“ посочи Тречевска.
Таа рече дека во времето кога СДСМ ја предводеле Владата платите тројно се покачиле.
„Минималната плата речиси тројно се покачи, од 8.000 на 22.500 денари, благодарение на добрите политики на СДСМ . Истовремено, како што растеше минималната плата, растеше и просечната плата, од 23.850 денари во 2024 година, скоро до 40.000 денари. Во однос на синдикалната кошничка, таа изнесува 67.382 денари во февруари 2026 година, споредено со февруари лани, што значи зголемување од скоро 1.000 денари. А во однос на 2022 година, таа е зголемена за повеќе од 30.000 денари. Овие аргументи јасно покажуваат зошто треба да се излезе во пресрет на барањата на работниците за минимална плата од 36.000 денари. Предлог-законот дава јасни насоки за финансирање на ова зголемување, преку намалување на луксузните расходи и пренасочување на средствата кон повисока минимална плата,“ рече Тречевска.
Економија
Зголемување на прагот за ДДВ-обврзници и зголемување на повратот преку „Мој ДДВ“, предлага Левица
Пратеничката група на Левица ќе поднесе измени на два закони, со заедничка цел – финансиско растеретување на физичките лица и малите економски субјекти, вклучително семејните бизниси, занаетчиите и регистрираните земјоделци, информираше на денешната прес конференција пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил – Хактан.
Тој појасни дека предлогот предвидува двојно зголемување на максималниот износ за поврат на ДДВ по физичко лице на тромесечје – од 2.100 на 4.100 денари, како и зголемување на процентот на поврат преку апликацијата „Мој ДДВ“: од 20% на 40% за македонски производи и од 10% на 20% за останатите.
Дополнително, се предлага зголемување на прагот за задолжителна регистрација за ДДВ-обврзник од 2 на 4 милиони денари годишен промет, со цел да се намали административниот и финансискиот товар врз малите фирми.
„Со оваа мерка сакаме да го растеретиме даночниот товар кој во моментов е непропорционално распределен – на штета на малите бизниси, додека големите компании користат бројни олеснувања и субвенции. Административните трошоци и за УЈП и за малите субјекти често се поголеми од самата даночна обврска. Со овој пакет отвораме суштинска дилема – кој навистина го носи товарот на даночниот систем во Македонија? Нашата цел е јасна: прогресивен и праведен даночен систем. Оттука, и во иднина ќе предложиме други мерки од овој тип за остварување на оваа цел”, рече Исмаил – Хактан.

