Економија
Состојбата со електричната енергија под постојан надзор – координирана акција на клучните институции

На денешниот состанок на ресорската група за енергетика, што се одржа во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, беа разгледани моменталните состојби со снабдувањето со електрична енергија и тековните активности на главните актери во системот. Групата, која ја сочинуваат сите релевантни институции и компании – АД ЕСМ, МЕМО, МЕПСО, Регулаторната комисија и други партнери од секторот, е формирана по иницијатива на министерката Сања Божиновска и има задача да обезбедува постојана координација и брза реакција при какви било ризици во снабдувањето.
Главна тема на состанокот беше анализата на потрошувачката за време на претходните празници и подготвеноста на системот за следниот викенд за време на првомајските празници. Заклучено е дека мрежата успешно го амортизирала зголемениот притисок, без поголеми нарушувања, а сите капацитети остануваат мобилизирани и за претстојниот период.
Од страна на АД ЕСМ беше посочено дека водостојот, кој на крајот на минатата година беше на критични 11%, сега е стабилизиран над 30%, благодарение на внимателното и штедливо управување со ресурсите. Се работи, како што истакнаа од компанијата, со „домаќински и одговорен пристап“ кој веќе дава резултати.
Се разговараше и за напредокот на тековните енергетски проекти, фазите во кои се наоѓаат и предизвиците со кои се соочуваат. Дел од нив се одвиваат според динамиката, додека за некои се иницирани интерни постапки за надминување на забавувањата. Во фокусот беа и идните планови за инвестиции со кои би се зголемила сигурноста и отпорноста на електроенергетската мрежа.
Според министерката Божиновска, ваквата редовна координација е суштинска:
„Секоја проценка, секоја анализа и секој чекор што го правиме има една цел – стабилно и безбедно снабдување за граѓаните и стопанството. Континуираниот дијалог меѓу институциите е гаранција дека навреме ќе ги адресираме сите можни ризици.“
Ресорската група ќе продолжи со редовни состаноци и известувања до јавноста, со акцент на транспарентност и професионален пристап во управувањето со националниот енергетски систем.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Исплатени 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица за предадени јаболка

Денеска се исплатија 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица од подмерка 1.9 за јаболка предадени кај регистрирани откупувачи или регистрирани преработувачки капацитети, од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година, извести Министерството за земјоделство.
Од таму најавуваат дека продолжува поддршката кон производителите на јаболка.
Економија
УЈП со повик: Платете го веднаш достасаниот данок по ДЛД-ГДП и избегнете присилна наплата

Управата за јавни приходи ги повикува сите даночни обврзници, кои во законскиот рок не ја платиле даночната обврска по ДЛД-ГДП 2024, да го исполнат својот даночен долг.
Во согласност со евиденцијата на УЈП, 3.155 даночни обврзници ја немаат намирено разликата за доплата на данокот на личен доход утврдена во годишната даночна пријава за данокот на личен доход (ДЛД-ГДП) за 2024 година, што требаше да се исполни во законскиот рок до 30 јуни.
„Во следниот период УЈП ќе премине кон опоменување и присилна наплата на достасаните неплатени долгови по овој основ, што ќе доведе до дополнителни трошоци по основ на камата за задоцнето плаќање од 0,03 % дневно и еднократна посебна такса во постапка на присилна наплата“, информира УЈП.
Дополнителни информации се објавени на страницата на УЈП, во делот плаќање даноци на следниот линк http://www.ujp.gov.mk/mk/plakjanje.
Економија
Меџити: Поддршка со 227 милиони денари за 43 проекти во 33 општини

Министерството за животна средина и просторно планирање денеска ги потпиша договорите за реализација на 43 капитални проекти во 33 општини во државата.
За овие проекти се обезбедени над 227 милиони денари директна финансиска поддршка од Министерството, со што се овозможува имплементација на конкретни решенија во областа на канализацијата, водоснабдувањето и управувањето со водните ресурси.
„Убеден сум дека ова е најправилниот и најефикасен модел на соработка – директно партнерство меѓу Владата и општините, со цел да им донесеме на граѓаните конкретни придобивки“, изјави министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.
Тој исто така ја потенцира важноста од навремената и квалитетна реализација повикувајќи на одговорност и посветеност од страна на сите општини.
„Немаме време за губење. Секој ден што ќе го добиеме во овој процес е еден ден повеќе во служба на граѓаните“, изјави Меџити нагласувајќи дека преку ова партнерство се поставуваат нови стандарди во справувањето со инфраструктурните и еколошките предизвици.