Македонија
ДУИ до Мицкоски: Ако целта е уривање на Охридскиот договор, која е алтернативата

Премиерот Мицкоски, со своето однесување, изјави и постапки, постапува на начин кој ги поткопува стандардите и одговорноста што се очекуваат од еден државен лидер, реагираат од ДУИ.
„Однесување што можеби би му се толерирало на претседател на партиска општинска организација, но никако на премиер на мултиетничка држава.
Тој урива сè што е градено со труд и посветеност со години – меѓуетничките односи, довербата меѓу граѓаните, лојалноста и чувството на заедништво во оваа држава.
Со напаѓање на клучните столбови на Охридскиот мировен договор – јазикот, балансерот, правичната застапеност, легитимитетот и Инспекторатот за употреба на јазиците – тој го доведува во прашање унитарниот и интегративен карактер на државата“, велат од ДУИ.
Прашуваат, ако целта е уривање на Охридскиот договор – која е алтернативата?
„Зашто во политиката нема вакуум. Ако толку жестоко се спротивставувате на договорот што донесе мир, интеграција, децентрализација и зачувување на унитарноста, тогаш мора отворено да кажете што нудите на негово место“.
Граѓаните, додаваат од ДУИ прашуваат, и сè повеќе се загрижени.
„Ако има намерна промена на државниот курс, тогаш време е за отворена и искрена дебата за тоа која е алтернативата на Охридскиот договор.
Бидејќи ние не можеме бесконечно да ја носиме одговорноста за неговата неодговорност“, посочуваат во реакцијата од партијата на Ахмети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Хаос на улиците и нарушена безбедност, уште колку луѓе треба да загинат за Тошковски да понесе одговорност“, прашува СДСМ

„Последната криминална престрелка на Бит Пазар со смртни последици е уште еден доказ за сериозното нарушување на јавната безбедност и нефункционирањето на институциите под раководство на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски“, велат од СДСМ.
„Граѓаните на Скопје и цела Македонија се чувствуваат небезбедно на улиците, додека криминалот и насилството се шират на секој чекор.
Наместо ефикасна превенција и реакција, сведоци сме на институционален хаос и нефункционалност на Министерството за внатрешни работи.
Оваа неспособност загрозува човечки животи.
Уште колку луѓе треба да загинат по улиците за Тошковски да понесе одговорност?
Министерот Тошковски мора веднаш да преземе одговорност за загрозената безбедност.
СДСМ бара итна и транспарентна истрага за престрелката, целосно расветлување на настанот и изведување на виновниците пред лицето на правдата.
Дополнително, потребна е промена на безбедносниот систем и засилени мерки за зајакнување на јавната безбедност, особено во чувствителни области.
Граѓаните не заслужуваат да живеат во страв, граѓаните заслужуваат мирен и безбеден живот, а институциите мора да обезбедат сигурност“, соопшти СДСМ.
Македонија
Единствената работа што беше организирана во владеењето на СДС и ДУИ беше криминалот, реагира ВМРО-ДПМНЕ

„А ако станува збор за организираност и наведувањата дека оваа Влада е неорганизирана, би констатирале само дека единствената работа во која што владата на СДС и ДУИ беше организирана беше криминалот, организираниот криминал, затоа и впрочем нема да се чепне или да се направи ревизија на работењето, а да не излезе од тоа некаква форма на организиран криминал правен од претходната влада во таа институција“, реагира ВМРО-ДПМНЕ на изјавата на Венко Филипче.
„Оттука, и логично е што на СДС ние им делуваме неорганизирано затоа што нивниот впечаток и критериум за организираност е исклучиво за организираност во некој криминал, тие не се навикнати на организирана работа на проекти, затворање дупки и реформи, затоа и ваква забуна се создава кај нив.
За нив најорганизиран и за пример е веројатно нивниот партнер ДУИ со кои градат специфичен однос на ниво на политички и коруптивен садомазохизам, што може да е нов правец во политичката култура во државата“, се додава во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Градоначалникот Ѓорѓиевски со жителите на Црниче го одбележа празникот Балаклија

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес беше присутен на местото Балаклија во Црниче, каде заедно со жителите го прослави Источен Петок, значаен православен празник кој секоја година се одбележува на првата недела по Велигден. Тој истакна дека посебно му е драго што ова свето место, на кое се наоѓа изворот, беше ослободено од узурпација, вратено на жителите оплеменето со нови содржини кои овозможуваат вистинско уживање на сите кои го посетуваат, информира општина Кисела Вода.
Го истакна своето задоволство што следната година ќе ја има честа токму тој да биде кум на овој значаен настан.
– Нека е за многу години Источен Петок – Балаклија! Другата година кумството е мое, дар од Бога за што ми е огромна чест! Денес, заедно со мојот народ од Црниче го славиме овој голем празник кој спаѓа во Светлата Недела. Празник посветен на Пресвета Богородица на кој ѝ се оддава признание и се верува дека на овој ден му ги миела раните на Исус Христос, па затоа водите од изворите денеска се лековити и верниците масовно ги посетуваат за да ги измијат очите и лицето. Ова култно место во Црниче на кое има извор и кое до лани беше узурпирано, го ослободивме и го вративме на жителите, оплеменето со содржини за вистинско уживање и рекреација на сите кои го посетуваат. Горд сум на сплотеноста на мојот народ на ваквите денови, затоа Македонија е богата земја која меѓусебната љубов и почит ја одржувала низ вековите.
За многу години да ни е, здравје и бериќет кај сите-изјави градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.