Македонија
(Видео) Јанчев: Кадровата политика на оваа влада го доуништува здравството
Пратеникот од Левица, Сашко Јанчев во Собранието за време на седницата за пратенички прашања, упатувајќи прашања до министерот за здравство, реагираше на кадровските злоупотреби, мобинг и недоследности во здравствените установи.
„Нема подобра политика од кадрова политика. Државните институции не се зградите фасадите и ентериерот, туку луѓето, кадарот кој работи во нив. И ако има добар кадар, ќе има и функционални институции“, рече Јанчев.
Тој алармираше за постапките на Бурим Идризи, раководител на сектор во Институтот за трансфузиона медицина, кој според кажаното, изготвувал фалични анекси на договори за вработување со кои неовластено го менувал датумот на засновање на работниот однос. На вработени со повеќедецениски стаж им вметнувал одредба дека засновале работен однос лани, во 2024 или 2023 година. Раководителот таквите анекси им ги давал на вработените и непотпишувањето на истите го третирал како отказ, односно прекин на работниот однос.
„Овој лош кадар, Бурим Идризи, не само што е награден, туку е пренаграден – тој е одговорен на четири одделенија, правно-административно техничко одделение, општи работи, ИТ системи, е во комисија за „Мој термин“ и други комисии. Значи, тој зема поголема плата од што земаат специјалистите“, истакна Јанчев.
Посочи дека и директорот на Институтот за трансфузиона медицина, Елези, непотпишувањето на наштиманите анекси го третирал како раскинување на договорот за вработување и на огласна табла им се заканувал со такви известувања. Јанчев истакна дека директорот Амир Елези не ги исполнува законските услови да раководи со ваква установа, односно да биде директор. Истото поради фактот што Законот предвидува дека директорот мора да биде специјалист по трансфузиологија и да има работно искуство најмалку две години од областа на трансфузиологијата, додека пак актуелниот директор специјализирал рентген и го нема потребното искуство.
Беше изнесен и случај на искусна медицинска сестра со 38 години стаж во болницата во Неготино, која наместо да се награди за нејзината посветеност, била преместена на работно место со помала плата. На нејзиното место е поставена вработена со само неколкумесечен курс.
„Тоа е таа владина кадрова политика. Кога 38 години стаж и работно искуство е помалку од неколкумесечен курс и неискуство. Таа е таа владина кадрова политика која ја уништува Македонија“, потенцира Јанчев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Повторно во прекин сообраќајот на „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 17:00 часот повторно е во прекин, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
Во 15 часот повторно беше нормализиран, а сега повторно е затворен.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.
Македонија
Левица: Очекуваме власта утре да покаже доблест и да се појави на Анкетна комисија за Кочани
Во пресрет на утрешната седница на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, повторно апелираме до пратениците од владејачкото мнозинство и поканетите претставници од власта, да не измислуваат изговори и да се појават на седницата, велат од Левица.
„Повторуваме дека оваа седница е свикана по претставка на родителите на трагично загинатите деца од Кочани, а датумот е успгласен токму со нив, бидејќи единствено утре не е закажано судско рочиште за „Пулс”. Оттука, утре е единствен ден кога родителите би можеле конечно да се обратат од Собранието кон претставниците на институциите од кои зависат одговорноста и промената на системот“, велат од партијата.
Од Левица наведуваат дека три пати се обиделе да закажат седница за трагедијата во Кочани.
„Три пати беше блокирана со директна улога на спикерот Гаши и ДПМНЕ. Власта која не најде сила ниту за комеморативна седница во Собранието, сега нема никаков легитимен изговор да ја кочи расправата. Досегашните изјави на власта дека токму утре било предвидено да се започне расправата за Предлог-буџетот, наоѓајќи алиби за повторно избегнување на седницата, е несоодветен и невистинит. Буџетската расправа трае пет дена, што е повеќе од доволно за да се исцрпи целата дискусија, а рокот за донесување на Буџетот е најдоцна до 31 декември“, велат од Левица.
Од таму упатија апел утре да не се повтори уште еден институционален срам.
„Седницата мора да се одржи, без одлагања, празни изговори и политички калкулации. Родителите доаѓаат да го кажат она што државата со месеци одбива да го слушне. Од власта и државниот врв се очекува, најмалку, да се појават и да погледнат во очи луѓе кои бараат правда, одговорност и промена. Секое ново бегање и саботирање би било уште една навреда за семејствата, но и народот, како и уште еден чекор кон одржување на системот кој дозволува да се повторуваат трагедии“, се наведува во соопштението.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на ГП „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 15:00 часот е нормализиран во двата правци, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.

