Спорт
(Видео) Филипче: Првпат по 50 години се реконструира спортската сала „Работнички“

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, денеска со градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, ја посетија спортската сала „Работнички“, која во моментов се реконструира. Оваа спортска сала се реконструира за прв пат после 50 години и ќе добие комплетно нов и модерен изглед.
„Објектот кој што го одбележуваше развојот на спортот сега добива ново руво. Целосната реконструкција по европски стандарди ја отвора можноста во салата „Работнички“ да се одржуваат и европски натпревари. Но не е само квалитетот на новата сала, со нови трибини, кров и нова фасада, сметам дека со еден ваков обновен објект се враќа и духот на овој дел од Скопје, посебно на Градскиот парк“, рече Филипче.
Во моментов, во тек е втората фаза од реконструкцијата на салата, во рамки на која се врши целосна реконструкција и проширување на теренот, поставување нова еластична подлога според ФИБА стандардите, обновување на гледалиштето со нови седишта, реконструкција на соблекувалните и туш-кабините, како и поставување на климатизација и подно греење. Во првата фаза се постави нов кров и фасада, и целосно се реновираа канцелариските простории кадешто беа сместени спортските федерации.
Претседателот на СДСМ, Филипче посочи дека реконструкцијата на спортската сала „Работнички“ е само еден од многу проекти на општина Центар кои се од интерес на граѓаните, согласно нивните потреби.
„Општина Центар реализираше уште многу други значајни проекти, како обновувањето на основното училиште „Коле Неделковски“, градинката „Пролет“, претпријатието за производство и продажба на електрична енергија. Тоа се значајни проекти коишто го зголемуваат и сериозно го надградуваат капацитетот на општина Центар“, посочи претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
„Салата Работнички е срцето на македонската кошарка. Таа е дел од нашето колективно паметење, генерации израснале тука – како спортисти, како навивачи, како луѓе. Денес стоиме на прагот на едно ново поглавје. Првата фаза од реконструкцијата е успешно завршена и отпочнавме со втората фаза. Во септември салата повторно ќе биде во функција, а нашиот Работнички се враќа дома – на својот победнички терен”, изјави Герасимовски.
Герасимовски, информираше дека секојдневно е во контакт со тимот на „Работнички“ и знае колку за нив значи ова место.
„Знам колку нетрпеливо чекаат да се вратат на својот терен. Во Центар испишуваме нова приказна – приказна за современа, динамична и просперитетна општина што пулсира со живот и напредок. Работиме посветено, и ја менуваме реалноста – чекор по чекор, проект по проект, заложба по заложба. Работнички е нашата гордост. Нашата сила. Наш поттик за нови победи”, посочи Герасимовски.
За изградбата на салата се обезбедени средства преку јавните повици од претходната и актуелната влада, со финансиска поддршка за двете фази на проектот. Целокупната реконструкција е согласно стандардите и процедурите на ФИБА.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Саша Обрадовиќ и официјално е на клупата на Црвена звезда
Од денеска, Саша Обрадовиќ официјално е на клупата на Црвена Звезда.
Црвено-белите објавија дека Обрадовиќ ја презеде функцијата шеф на тренерскиот штаб и дека потпиша договор со важност до крајот на сезоната 2025/26.
Тој го заменува Јоанис Сфаиропулос, кој неодамна беше отпуштен од црвено-белата клупа.
Саша Обрадовиќ веќе ја тренираше Звезда во сезоната 2020/21, а сега се враќа во клубот каде што играше порано во својата кариера.
Обрадовиќ моментално има скор од 98 победи и 94 порази во Евролигата, преку соработка со четири различни клуба.
Во својата последна епизода во Европа го водеше Монако.
Враќањето на Обрадовиќ доаѓа во време кога Звезда е под притисок, слаб почеток на сезоната и потреба од стабилност на клупата.
Неговата историја во клубот и искуството во европските натпреварувања даваат надеж дека може да ја врати енергијата и авторитетот во тимот.
Останува да се види што ќе се случи овој пат на крилјата на новата енергија што ја донесе Саша Обрадовиќ.
Спорт
Убедлив пораз на Тиквеш кај Бешикташ, пред елиминација е од ЕХФ Европскиот куп

Ракометарите на Тиквеш доживеаја убедлив пораз на гостувањето кај турскиот шампион Бешикташ со 31–20 во првиот натпревар од второто коло во ЕХФ Европскиот куп, со што речиси ги загубија шансите за пласман понатаму.
Кавадарчани отворија добро и поведоа со 2–1 по само три минути игра, но потоа целосно застанаа. До крајот на полувремето успеаја да постигнат само уште еден погодок. Хрватскиот голман Матеј Ашанин блескаше на голот на Бешикташ и покажа зошто своевремено Лино Червар го сметаше за еден од најперспективните млади голмани.
Ниту еден удар на Тиквеш не можеше да мине покрај Ашанин, кој имаше дури 70% успешност во првото полувреме. Во меѓувреме, домашните ракометари лесно ја полнеа мрежата на гостите и на паузата имаа водство од 16–3.
Во вториот дел Бешикташ рутински ја контролираше играта и само ја зголемуваше предноста. Тиквеш успеа малку да го поправи впечатокот, но разликата не падна под десет погодоци.
Со овој резултат, реваншот следната сабота во Кавадарци ќе биде само формалност, а македонскиот претставник ќе може да се фокусира на настапите во Супер машката лига.
Најдобри стрелци кај Бешикташ беа Ханиоглу со осум и Бабачан со пет погодоци, додека Ашанин запиша 12 одбрани. Кај Тиквеш се истакнаа Коцев со пет и Христоски со четири гола.
Спорт
Србија – Албанија: Натпревар со висок ризик и големо значење во квалификациите

Дуелот меѓу Србија и Албанија во Лесковац е најважниот натпревар во Групата К за второто место во квалификациите за Светското првенство. Србија ќе се обиде да ја потврди доминацијата и да обезбеди директен пат во баражот, додека Албанија мора да триумфира за да остане во игра.
Натпреварот е прогласен за со висок безбедносен ризик, а билетите не се во продажба. Албанските навивачи нема да можат да присуствуваат, а Србија веќе има намален капацитет на стадионот по претходни инциденти.
Судискиот тим е од Романија, со четврти судија и VAR поддршка. Натпреварот се очекува да биде напнат и тактички, со многу емоции и голема мотивација на двете страни.
Квалификации за Светското првенство – сабота:
Србија – Албанија 20:45, Латвија – Андора 15:00, Унгарија – Ерменија 18:00, Норвешка – Израел 18:00, Бугарија – Турција 20:45, Естонија – Италија 20:45, Португалија – Република Ирска 20:45, Шпанија – Грузија 20:45