Европа
Зеленски: Подготвени сме да разговараме за територија, но само под еден услов

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави денес дека Украина ќе биде подготвена да разговара за територијални прашања како дел од мировните преговори, но само откако Русија ќе се согласи на целосен и безусловен прекин на огнот.
„Целосно и безусловно примирје отвора можност да се разговара за сè“, изјави Зеленски пред новинарите во Киев.
Тој ја коментираше и изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој во интервју за „Тајм“ изјави дека „Крим ќе остане со Русија“.
„Она што го кажува претседателот Трамп е вистина. Се согласувам со него дека денес немаме доволно оружје за да ја вратиме контролата врз Кримскиот Полуостров“, рече Зеленски.
Да потсетиме дека украинските претставници претходно решително ја отфрлија можноста за какви било територијални отстапки во замена за мир со Русија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Главниот соработник на Марин Ле Пен најави претседателска кандидатура

Претседателот на француската десничарска партија Национален собир (RN), Жордан Бардел, потврди дека ќе се кандидира на претседателските избори во Франција во 2027 година доколку неговата менторка Марин Ле Пен, трикратниот кандидат и фаворит, чии амбиции се загрозени од пресудата за измама, биде спречена да се кандидира.
„Јасно е дека Марин Ле Пен е мој кандидат, но ако утре ѝ биде забрането да се кандидира, мислам дека можам да ви кажам дека јас би бил нејзин кандидат“, рече Бардел во интервју за францускиот „Ле Паризиен“.
Бардел, 29-годишниот претседател на групата „Патриоти за Европа“ во Европскиот парламент, долго време се сметаше за наследник во Национален собир, но досега не призна отворено дека е подготвен да се вклучи во претседателската трка доколку е потребно.
Тој се појави како најочигледен кандидат на најголемата крајно десничарска партија во Франција за изборите во 2027 година откако Ле Пен беше прогласена за виновна за проневера и веднаш казнета со петгодишна забрана за кандидирање за јавни функции.
Европа
Премиерот на Украина: Помошта што веќе ја обезбедија САД нема да биде дел од договорот за минерали

Украина постигна договор дека претходната американска помош дадена на Киев нема да биде дел од договорот за минерали што има намера да го потпише со Вашингтон, изјави вчера украинскиот премиер Денис Шмихал.
„Постигнат е договор документот да не ја земе предвид помошта што беше дадена пред неговото потпишување“, рече Шмихал во објава на Телеграм.
Шмихал, кој минатата недела беше во САД за пролетните состаноци на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, изјави дека е постигнат добар напредок во договорот по состанокот со американскиот секретар за финансии Скот Бесент.
„Најважно е што јасно ги дефиниравме нашите црвени линии, договорот мора да биде во согласност со европските обврски и не смее да биде во спротивност со Уставот и законодавството на Украина“, рече тој и додаде дека правни тимови работат на документот.
Американскиот советник за национална безбедност, Мајк Валц, вчера изјави дека ќе биде постигнат договор. Двете страни потпишаа меморандум на 18 април како прв чекор кон постигнување договор за развој на минералните ресурси во Украина, договор промовиран од американскиот претседател Доналд Трамп.
Иако двете страни беа подготвени да потпишат договор за соработка во областа на природните ресурси во февруари, тој беше одложен по судирот во Овалната соба меѓу Трамп и украинскиот лидер Володимир Зеленски.
Европа
Ковчегот на папата Франциско затворен, погребот в сабота наутро

Од средата наутро, кога телото на покојниот папа Франциско беше пренесено во базиликата „Свети Петар“, низ неа поминаа 150.000 луѓе од целиот свет. Ковчегот на папата беше затворен вечерва, а погребот ќе се одржи в сабота наутро.
Пред церемонијата на запечатување, во ковчегот на папата беа поставени 12 монети, по една за секоја година од неговиот понтификат, како и краток запис и извештај за неговото папство. Церемонијата ја водеше кардиналот Кевин Фарел, камерлегно на Светата Римска црква.
Реки верници доаѓаат во Рим за да присуствуваат на утрешниот погреб на папата Франциско, а се очекува и пристигнување на бројни делегации од целиот свет.
Во Рим се воведени строги безбедносни мерки, со илјадници волонтери и полицајци, систем против дронови, снајперисти на покривите и борбени авиони подготвени за полетување.