Свет
Се самоуби жената што ги обвини принцот Ендрју и Епштајн за сексуална злоупотреба
Вирџинија Џуфре, жената која ги обвини покојниот осуден сексуален престапник Џефри Епштајн и принцот Ендрју за сексуален напад, почина, соопшти нејзиното семејство, во Ниргаби, Австралија, каде што живееше во последните неколку години.
„Вирџинија го загуби животот со самоубиство, откако целиот свој живот беше жртва на сексуална злоупотреба и трговија со луѓе. Таа беше бестрашен борец против сексуалното насилство и трговијата со луѓе. Таа беше светлина што им даде моќ на многу преживеани. И покрај сите тешкотии низ кои помина, таа блескаше со неверојатна сила. Ќе ни недостигаш повеќе отколку што зборовите можат да опишат. Светлината на нејзиниот живот беа нејзините деца – Кристијан, Ноа и Емилија“, рече нејзиното семејство.
Портпаролката на полицијата на Западна Австралија, Шелби Брејди, потврди дека службите за итни случаи одговориле на повик од куќа во Ниргаби во петокот вечерта, каде што го пронашле безживотното тело на 41-годишна жена. Ѝ била укажана прва помош, но на лице место била прогласена за мртва. Според властите, „првичните наоди укажуваат дека смртта не е сомнителна“, а истрагата ја водат детективи од Одделот за сериозни кривични дела.
Вирџинија Џуфре била злоставувана од Џефри Епштајн и принцот Ендру
Вирџинија Џуфре беше многу отворена за злоупотребата што ја доживеа. Кога имала 16 години (во 2000 година), Џилијан Максвел ја регрутирала да работи за Џефри Епштајн. Вирџинија Џуфре тврдеше дека двајцата систематски ја договарале и ја принудувале на сексуални односи со Епштајн и други моќни луѓе како дел од сложена мрежа на сексуална експлоатација, од која успеала да избега во 2002 година. Џефри Епштајн изврши самоубиство во август 2019 година во затвор во Њујорк додека чекаше судење по обвинението за трговија со деца за сексуална трговија со деца.
Вирџинија Џуфре, исто така, тврдеше дека Епштајн и Максвел ја подведувале кај богати и моќни мажи, вклучувајќи го и принцот Ендрју, кој постојано негираше каква било вмешаност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
На социјалните мрежи е објавена фотографија од апсењето на Мадуро, не се знае дали е реална
На социјалните мрежи е објавена фотографија од апсењето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро од страна на американски специјалци.
Засега нема официјална потврда за автентичноста на фотографијата, ниту кој е изворот.
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска објави дека САД извршиле воздушни напади врз Венецуела и рече дека венецуелскиот лидер Николас Мадуро е „заробен и изнесен од земјата“.
– Соединетите Американски Држави успешно извршија голем напад врз Венецуела и нејзиниот лидер, претседателот Николас Мадуро, кој, заедно со неговата сопруга, беше заробен и изнесен од земјата“, напиша Трамп на својот профил на Truth Social.
Според американските медиуми, апсењето на Мадуро го ивршиле припадници на специјалната единица „Делта форс“.
Свет
Срби, Италијанци, Швајцарци… загинаа во пожарот во Кран Монтана
Швајцарската полиција го објави идентитетот на првите жртви на катастрофалниот пожар што се случи на новогодишната прослава во бар во зимскиот центар Кран Монтана, во кој загинаа најмалку 40 луѓе, а 119 се повредени. Телата на две Швајцарки на возраст од 21 и 16 години и на двајца Швајцарци од 18 и 16 години им се предадени на нивните семејства, кажа полицијата.
Досега е потврден идентитетот на 113 од повредените и меѓу нив се 71 Швајцарец, 14 Французи, 11 Италијанци, четворица Срби и по еден државјанин на БиХ, Белгија, Луксембург, Португалија и Полска. Се верува дека една од најголемите трагедии во историјата на Швајцарија била предизвикана од прскалките поставени на шишиња шампањ кога премногу биле приближени до плафонот на преполниот бар. Јавната обвинителка на регионот Вале, Беатрис Пилу, изјави дека истрагата ќе се фокусира на материјалите што се користеле на локацијата, мерките за противпожарна безбедност во барот, неговиот капацитет и бројот на луѓе внатре во моментот на пожарот.
„Истрагата ќе утврди дали ќе бидат потребни обвиненија. Доколку е тоа случај и ако тие луѓе се живи, ќе биде отворена постапка против нив“, рече Пилу.
Еден од сопствениците на барот изјавил за локалните медиуми дека објектот бил прегледан од инспектори трипати во последните десет години и дека сè било според прописите.
Свет
Властите во Каракас не знаат каде се Мадуро и неговата сопруга
Властите во Каракас денеска соопштија дека не знаат каде се наоѓаат претседателот на Венецуела Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес.
Венецуелската потпретседателка Делси Родригез, зборувајќи на државната телевизија, кажа дека не знае каде е Мадуро. Таа рече дека владата бара „итен доказ дека се живи“ и за Мадуро и за неговата сопруга.
Изјавата доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп претходно објави дека САД извршиле голем воен напад врз Венецуела и ги заробиле претседателот Мадуро и неговата сопруга.
Трамп во објава на социјалната мрежа Truth Social изјави дека Мадуро и Флорес биле заробени и изнесени од земјата во операција спроведена со учество на американските агенции за спроведување на законот.

