Црна хроника
Моторџија без дозвола удри 10-годишно девојче на „Џон Кенеди“
33-годишен скопјанец, возач на моторцикл „Пиаџо Беверли“ со скопски таблички, удрил 10-годишно девојче кое се здобило со тешка телесна повреда – скршеница, информира Основното јавно обвинителство Скопје.
Според обвинителството, возачот управувал со моторциклот без заштитен шлем и без да поседува соодветна возачка дозвола за таа категорија возила.
Несреќата се случила на улицата „Џон Кенеди“, пред влезот на основното училиште „Васил Главинов“, каде што девојчето го преминувало коловозот на обележаниот пешачки премин. Наместо да запре и да им даде предност на пешаците, возачот со предниот десен дел од моторциклот удрил во телото на девојчето.
„Осомничениот како учесник во сообраќајот на јавните патишта не се придржувал кон прописите, со што го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност телото на луѓето“, соопшти Основното јавно обвинителство Скопје.
За да се обезбеди присуство на осомничениот во текот на постапката, јавниот обвинител предложи мерки на претпазливост: забрана за напуштање на живеалиштето, обврска за повремено јавување кај службено лице во судот, како и привремено одземање на патната исправа. Судот ги прифати предложените мерки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Велешанец приведен со 1,62 промили алкохол, нападнал и полицаец
Полициски службеници од СВР Велес ноќеска во 02.10 часот го лишиле од слобода 49-годишниот М.Н. од Велес откако при контрола на ул. „Благој Ѓорев“ утврдиле дека вози со 1,62 промили алкохол во крвта. Откако бил приведен нападнал полициски службеник.
Како што денеска информираат од СВР Велес, при сообраќајна контрола било сопрено патничко возило „рено“ со скопски регистарски ознаки, што го управувал М.Н. и по преземени мерки било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно му биле измерени 1,62 промили алкохол во крвта. Тој бил приведен во полициска станица, каде физички нападнал полициски службеник. Известен бил јавен обвинител и по документирање на настаните, против него ќе бидат поднесени пријави по член 297-а и 383 од Кривичниот законик за „безобѕирно управување со моторно возило“ и „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“, најавија од СВР Велес.
Црна хроника
Почина малолетник, со мопед удрил во бетонски столб
Малолетник починал откако со мопед удрил во бетонски столб во неготинско Тимјаник, информираа денеска од Секторот за внатрешни работи Велес.
– Денеска во ОВР Неготино е пријавено дека во 00:50 часот, во село Тимјаник, неготинско, мопед „лонгија“ со неготински регистарски ознаки, управуван од 17-годишник од село Тимјаник, удрил во бетонски столб. Од здобиените повреди, на местото на настанот починал возачот, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош Неготино. Увид извршиле јавен обвинител и увидна екипа од ОВР Неготино, соопштија од СВР Велес.
По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот малолетник било дадено на обдукција.
Црна хроника
Возач на ауди прегази полицаец и избега
Инцидент се случи вчера во Тетово, кога 28-годишниот Е.А. од село Порој со своето возило „ауди“ удрил во полициски службеник кој се обидел да го запре.
Настанот се случил околу 12:50 часот на кружниот тек кај улиците „Илинденска“ и „Маршал Тито“. Возачот одбил да застане на знакот „стоп“, го удрил полицаецот и избегал, но набрзо бил пронајден и уапсен. На повредениот службеник му е укажана помош во Клиничката болница Тетово.

