Свет
(Видео) 30-годишниот маж, кој газеше луѓе на канадски фестивал, обвинет за убиство
Триесетгодишен маж е обвинет по осум точки за убиство од втор степен, откако со автомобилот се забил во толпа луѓе на улична забава во Ванкувер, Канада, објави Би-би-си. Во нападот на фестивал на кој се слави филипинската култура загинаа 11 лица, а десетици беа повредени.
Синоќа, полицијата сè уште работеше на идентификување на некои од жртвите, а полицијата соопшти дека осомничениот Каи-Џи Адам Ло, жител на Ванкувер, веројатно ќе биде обвинет за дополнителни убиства. Истражителите рекоа дека осомничениот ѝ бил познат на полицијата пред нападот, но ја исклучија можноста за екстремистички мотив, наведувајќи наместо тоа дека имал проблеми со менталното здравје.
The apparent vehicle from the Lapu Lapu tragedy in Vancouver where the SUV drove into a crowd of people.
The Filipino community is one of the warmest, kindest communities ….Whats nut job would this?
— The Great Gats🐝 (@TheGr8_GatsBee) April 27, 2025
Организаторите на годишниот фестивал Лапу Лапу изјавија дека блиската филипинска заедница во Ванкувер е во жалост и дека последиците од нападот ќе се чувствуваат со години.
Претходно, полицијата објави дека жртвите биле на возраст меѓу пет и 65 години. Нивниот идентитет сè уште не е објавен.
Нападот се случил завчера околу 20:14 часот локално време во јужниот дел на Ванкувер. Неколку очевидци го опишаа моментот кога автомобилот се заби во толпата и хаосот што следеше.
„Автомобилот едноставно возеше брзо по целата улица, удирајќи во сè пред себе“, изјави локалната жителка Абигејл Андисо за Асошиејтед Прес. „Видов едно мртво лице, еден човек на земја и се упатив кон крајот на улицата каде што исчезна автомобилот, таму имаше уште жртви, веднаш можеше да се видат можеби 20 луѓе на земја, сите беа во паника, сите врескаа“, опиша таа.
На местото на несреќата, луѓето синоќа почнаа да положуваат цвеќе и да им оддаваат почит на жртвите. Една жена падна на колена, плачејќи, пред да си замине. Друга жена, по име Дона, рекла дека живее во соседството повеќе од 50 години. Таа беше на фестивалот и рече дека бил преполн со млади луѓе и семејства. „Луѓето дојдоа тука да слават и да уживаат. Ова е трагедија“, изјави таа за Би-би-си.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Австрија против бојкот на Израел на Евровизија: Имаме историска одговорност
Австрискиот канцелар Кристијан Штокер изјави дека Австрија се залага за учество на Израел на следното натпреварување за песна на Евровизија, кое ќе се одржи во Виена во мај 2026 година.
„По мое мислење, би било фатална грешка доколку го исклучиме Израел од натпреварувањето“, изјави Штокер за германската агенција ДПА, додавајќи дека таквата одлука би била спротивна на „историската одговорност“ на Австрија, со алузија на нејзината улога во холокаустот.
Штокер нагласи дека Австрија сака да се претстави како „отворен домаќин за целиот свет“.
Неколку земји-членки на Европската радиодифузна унија – меѓу нив Шпанија, Холандија и Ирска – најавија можен бојкот на натпреварот доколку Израел остане во конкуренција. Конечната одлука ќе биде донесена во декември.
Расправа за учеството на Израел се води уште од Евровизијата 2024 во Шведска, одржана неколку месеци по нападите на Хамас врз Израел и почетокот на војната во Појасот Газа, кога некои учесници, меѓу нив и холандскиот претставник, јавно протестираа против израелското присуство на сцената.
Свет
Пукање на универзитет во САД, едно лице убиено, шестмина ранети
Најмалку едно лице е убиено, а шестмина се повредени во пукање на Универзитетот Линколн во Пенсилванија, за време на прослава на поранешни студенти, јави Си-Ен-Ен.
Инцидентот се случил синоќа во близина на Меѓународниот културен центар во кампусот, каде по фудбалски натпревар се одржувала забава. Пукањето предизвикало паника меѓу присутните, а неколку лица биле повредени додека се обидувале да побегнат од местото.
Обвинителот на округот Честер, Кристофер де Барена-Саробе, изјави дека моментално се испитуваат околностите, но засега нема индиции дека станува збор за напад со цел масовно насилство. Едно лице со оружје е приведено, а се проверува дали имало повеќе напаѓачи.
Во истрагата учествуваат локалните, државните и федералните власти, меѓу кои и ФБИ, кој побара од јавноста да достави информации за настанот.
Полицијата изрази жалење што трагедијата ја засенила традиционалната прослава на Универзитетот Линколн — првиот историски универзитет во САД што доделува дипломи на Афроамериканци.
Настанот се случил само еден ден по друго пукање, во близина на Универзитетот Хауард во Вашингтон, каде беа ранети пет лица за време на слична прослава.
Свет
Фицо: Словачка нема да финансира програми на ЕУ за воена помош на Украина
Словачкиот премиер Роберт Фицо изјави дека земјата нема да учествува во ниту една програма на Европската унија чија цел е финансирање на воена помош за Украина.
Фицо потсети дека неговата влада веднаш по доаѓањето на власт во 2023 година ја прекинала државната воена помош, но дозволува комерцијална продажба на оружје. Тој повтори дека „решението не е на бојното поле“.
Словачкиот премиер ги критикуваше и санкциите против Русија, велејќи дека повеќе ѝ штетат на Европа отколку на Москва.
Фицо додаде дека санкциите може да имаат последици и за словачката рафинерија „Словнафт“, која е дел од унгарската група „МОЛ“, откако САД најавија мерки против руските нафтени компании „Росњефт“ и „Лукоил“.

