Македонија
„Вреди“: ДУИ како да посакува ВМРО-ДПМНЕ да победи со над 60 пратеници
Најголемите гревови кон сопствениот народ ги прави ДУИ. Ако некој работи против интересите на Албанците во Македонија тоа несомнено се Али Ахмети и Бујар Османи. Само политички аматери не може да предвидат дека на локални заедно со предвремени парламентарни избори, ова ВМРО-ДПМНЕ, во ваква кондиција, со ваква слаба опозиција, ќе биде апсолутен победник. Со мнозинство од повеќе од 60 пратеници, велат од „Вреди“.
„Се додека во парламентарните комбинации нема двотретинско мнозинство без пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, опозицијата СДСМ и ДУИ нема право лажно да плаче за ЕУ перспективите. Малку му беше на ДУИ што меѓудругото и заради нивното криминално поведение во Владата на СДСМ, на минатите парламентарни избори ВМРО-ДПМНЕ од опозиција победи со 58 пратеници, сега и кога се во опозиција со лажните и манипулативни наративи за наводна деалбанизација уште повеќе ги зајакнува.
Албанците не се наивни да веруваат во лагите на ДУИ. Тие бараат предвремени парламентарни избори за да издејствуваат “Пржинска Влада”, во која министер за внатрешни ќе даде нивниот политички контролор СДСМ. Ахмети во тој период од 100 дена гледа шанса да ги уништи доказите за корупција за неговите поранешни функционери“, истакнуваат од „Вреди“.
Според нив, ако нема предвремени парламентарни избори ДУИ не сака да оди само на локални избори.
„Зошто? Затоа што 22 години одеа на избори од позиција на власт, со злоупотреби на МВР, со уцени на вработени во администрација, купуваа гласови со народни пари, полнеа гласачки кутии, ја фаслификуваа волјата на гласачите. Сега се уплашени“.
Коалицијата „Вреди“, како што нагласуваат ќе ги победи на слободни, фер и демократски локални избори.
„Граѓаните ќе ги вратат во реалноста. Конечно, ќе се соочат со за нив многу суровата реалност.
Без програмска и кадровска реформа нема што да бараат од гласачите“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Населбата Бел Камен добива нова водоводна мрежа
Населбата Бел Камен добива нова водоводна мрежа, со што се решава долгогодишниот проблем со водоснабдувањето, изјави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
„По даденото ветување за време на изборниот период, денес започнуваат градежните активности за поставување на нова водоводна мрежа во должина од повеќе од 600 метри, во соработка со Општина Бутел и ЈП „Водовод и канализација“, со што ќе се обезбеди сигурно, квалитетно и континуирано снабдување со вода за пиење за домаќинствата во Бел Камен“, вели Ѓорѓиевски.
Според него, овој зафат значи сигурно, квалитетно и континуирано водоснабдување за домаќинствата во Бел Камен, чиста вода за пиење во секој дом.
Ѓорѓиевски најави дека по поставувањето на новата водоводна мрежа, ќе следува и реконструкција на улиците.
Македонија
Цената на дизелот се намалува
Цената на дизелот се намалува за два денари, одлучи Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ)
Од 20.12.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 71,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 73,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 64,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 65,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,635 (денари/килограм)
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,00 денари за литар.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 20.12.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, соопшти РКЕ.
Македонија
За побрз пристап до услугите, промовирани е-киоск и е-сандаче; Андоновски вели дека дигиталната трансформација мора да биде достапна за сите
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, се обрати на конференцијата за промоција на националната ИКТ-стратегија СМАРТ/МК 2030 нагласувајќи дека дигиталната трансформација се реализира преку конкретни, мерливи решенија, што директно го подобруваат секојдневието на граѓаните.
„Дигиталната трансформација мора да биде достапна за сите, без разлика на дигиталните вештини или пристапот до лична опрема“, истакна Андоновски.
Денеска беа промовирани терминалите за услуги (е-киоск) како практично решение за дигитална инклузија и побрз пристап до услуги. Планот е терминалите да бидат поставени на фреквентни локации во државата и да бидат достапни 24/7, со јасно воден процес и визуелни инструкции, приспособени и за граѓани со пониско ниво на дигитални вештини.
Преку е-киоск граѓаните ќе може да се идентификуваат со лична карта или пасош, да изберат услуга, да извршат плаќање и да го добијат документот веднаш – испечатен на самиот терминал. Терминалите се особено значајни за руралните средини, повозрасните лица, граѓаните без постојан интернет-пристап и за општините со ограничени административни капацитети.
Министерот истакна дека е-сандачето претставува официјален, безбеден и правно валиден канал за комуникација меѓу институциите и граѓаните – централизирано место за прием на службени документи, решенија, известувања и други акти со доказ за прием.
„Важно е да се нагласи: е-сандачето не е обична електронска пошта“, потенцира министерот Андоновски.
Системот овозможува нотификации во реално време, побрза достава без чекање, следење статуси на предмети и поефикасна административна комуникација.
Во завршниот дел министерот нагласи дека со досегашната дигитализација на услуги, документ – менаџмент-систем во голем број институции, интероперабилност, како и со е-сандачето и терминалите за услуги државата води конкретна и мерлива имплементација на дигиталната трансформација, со цел ефикасна, достапна и европска дигитална држава.

