Свет
Елитните американски универзитети формираат колектив на отпор против барањата на Трамп

Лидерите на неколку престижни американски универзитети се собраа во приватна група за да се спротивстават на нападите на администрацијата на претседателот Доналд Трамп врз финансирањето на истражувањата и академската независност во високото образование, објави „Волстрит џурнал“.
Оваа неформална група моментно вклучува десетина универзитети, вклучувајќи институции од Ајви-лигата и водечки приватни истражувачки универзитети, претежно од држави доминирани од демократите.
Дискусиите за стратегијата добија на интензитет по неодамнешните барања на администрацијата на Трамп за сеопфатни културни промени на „Харвард“, што многу универзитети го сметаат за напад врз нивната независност. Овој колектив, како што некои го нарекуваат, претставува посебен и потенцијално помоќен чекор напред од неодамнешните јавни резолуции од формалните универзитетски здруженија.
Колективот е составен од највисоките претставници на универзитетот, вклучувајќи ги и индивидуалните членови на управните одбори и претседателите. Тие се во постојан контакт, разговараат за црвените линии што нема да ги преминат во преговорите и развиваат стратегии за одговор на различните барања на администрацијата на Трамп.
Владата на САД замрзна или откажа милијарди долари финансирање за истражувања за универзитетите за кои вели дека не биле ефикасни во борбата против антисемитизмот на нивните кампуси во последно време.
Намерата на колективот е да се избегне судбината на некои водечки адвокатски канцеларии, каде што една отстапка доведе до верижна реакција на други, според луѓе запознаени со иницијативата. Овие универзитети сакаат да спречат други универзитети да прифаќаат договори што би поставиле загрижувачки преседан и би извршиле притисок врз другите да го следат нивниот пример.
Администрацијата на Трамп беше загрижена дека универзитетите би можеле да ги здружат силите во отпорот бидејќи е потешко да се преговара со обединет фронт. Во изминатите два месеца работната група на Трамп го предупреди раководството на барем еден универзитет да не соработува со други институции во одбраната од барањата на работната група.
Универзитетските раководители се согласуваат дека една од нивните црвени линии е зачувувањето на академската независност, вклучително и автономијата во однос на запишувањето, вработувањето и содржината на часовите и начинот на кој тие се предаваат. Една од точките што беа дискутирани беше фактот дека некои од овие универзитети постојат веќе 300 години, а претседателот Трамп е на функцијата само три месеци, рече еден од учесниците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Израел денеска ги врати телата на 15 Палестинци во Газа

Израел денеска ги врати телата на 15 Палестинци во Газа, со што вкупниот број на вратени лица се искачи на 135, соопшти денеска Министерството за здравство на Појасот управуван од Хамас.
Според договорот за прекин на огнот постигнат со посредство на американскиот претседател Доналд Трамп, Израел требаше да ги врати телата на 15 Палестинци за секој вратен починат израелски заложник, објави „Тајмс оф Израел“.
Претходно денеска, канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека Хамас мора да го почитува договорот и да ги врати останките од преостанатите 18 убиени заложници кои сè уште се наоѓаат во Појасот Газа.
Израелската војска (ИДФ) претходно го информираше семејството на убиениот Елијаху Маргалит дека Хамас го вратил неговото тело во Израел синоќа.
ИДФ соопшти дека, според разузнавачките информации, Елијаху (75) бил убиен на 7 октомври 2023 година, а неговото тело подоцна било однесено во Појасот Газа од кибуцот Нир Оз.
Смртта на Елијаху Маргалит беше потврдена од израелската војска во декември 2023 година.
Свет
Милиони Американци би можеле да останат без купони за храна

Околу 42 милиони Американци би можеле да останат без купони за храна во ноември поради тековниот прекин на работата на федералната влада, предупреди министерката за земјоделство Брук Ролинс.
Програмата за дополнителна помош во исхраната (SNAP), позната и како купони за храна, е дел од клучната национална мрежа за безбедност на храната и обезбедува просечен месечен надомест од 188 долари по лице, пишува Си-Ен-Ен.
Ролинс рече дека средствата за програмата ќе бидат исцрпени во рок од две недели и ги обвини демократите за блокадата на финансирањето.
Свет
Десетици илјади евакуирани на Филипините, се приближува ураган

Десетици илјади луѓе на Филипините се евакуирани денеска од своите домови на брегот на Пацификот поради опасност од поплави во момент кога тропската бура „Феншен“ го зафати регионот, јавија светските агенции.
Бурата попладнево со брзина на ветрот до 80 км на час ја погоди општина Губат, на југоисточниот врв на главниот остров Лузон, соопшти државната метеоролошка служба.
Откако жителите беа евакуирани од крајбрежните и другите ризични области, локалните власти соопштија дека нема извештаи за сериозни штети или жртви.
„Имаше обилни дождови и силни налети на ветер, иако не толку силни“, изјави Рајан Естреладо, спасувач во Губат.
Ураганот вечер треба да помине во близина на островот Катандуанес, кој има население од 270.000 жители, со брзина на ветер до 90 км/ч. Се очекува „Феншен“ да се засили пред да стигне до копното по втор пат во централен Лузон, соопшти националната метеоролошка служба.