Македонија
Тошковски пред матурантите: Безбедното учество во сообраќајот е многу значајно и обврска на сите нас
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска се обрати пред матурантите на средното училиште АСУЦ „Боро Петрушевски“ во Скопје, во рамки на кампањата „Да ја подигнеме сообраќајната свест кај младите – 2025, на матурска вечер без автомобил“.
Ваквите кампањи традиционално ги организираат заеднички Министерството за внатрешни работи, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност – Скопје, со кои се насочува вниманието на потребата од безбеден сообраќај, значењето на човечкиот живот и доследното почитување на сообраќајните правила од сите учесници во сообраќајот и како пешаци и како возачи.
Пораката што ја пренесе министерот Тошковски до младите матуранти е дека безбедното учество во сообраќајот е многу значајно и е обврска на сите нас.
„Немојте да си дозволувате да управувате возило и да бидете учесници во рамките на сообраќајот, а притоа да не ги почитувате правилата. Правилата се напишани и се создадени за да ги заштитат човечките животи. Ако сите ние при секое застанување на црвено, поминување на улица, при секое влегување во возилото, ги почитуваме правилата, верувајте ми дека сите овде ќе имаме подобар живот. Секој што се огрешил пред законот, а притоа има докази за тоа, ќе одговара. Никој не е и не може да биде над законот и правилата. Почитувајќи ги правилата, секој еден што го гледаме околу нас, ќе биде побезбеден во рамки на сообраќајот“, потенцираше министерот Тошковски.
Министерот на крај истакна дека само младите луѓе ја имаат енергијата, силата и знаењето да ја донесат позитивната промена на подобро за нашата убава Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 6, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер претежно од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на стабилна воздушна маса следува период на суво и стабилно време. Утринската температура ќе се спушти под нулата, а во одредени котлини ќе има услови за појава на магла.
Македонија
Центар наскоро ќе стане првата општина во земјава со систем за мерење на бучава, рече Герасимовски
Општина Центар наскоро ќе стане првата општина во земјава со систем за мерење на бучава во реално време, најави градоначалникот Горан Герасимовски. Според него, јавната набавка е завршена, а веднаш по изборите ќе бидат поставени 30 мерни единици на различни локации.
„Заврши јавната набавка, чекаме да поминат изборите за да ги поставиме мерните единици – првично 30. Преку мобилна апликација, секој граѓанин ќе може да провери каква е фреквенцијата на бучава на одредена локација“, изјави Герасимовски.
Системот, како што објасни, ќе им овозможи на граѓаните докази при пријавување во Министерството за внатрешни работи или до општинските инспекциски служби. Целта е брза и ефикасна реакција на прекршителите, особено во зони каде што постојат проблеми со прекумерна бучава од угостителски објекти и сообраќај.
Во вториот дел од изјавата, Герасимовски зборуваше за следниот голем проект на општината – постепено затворање на Дебар Маало за моторен сообраќај, со што ќе се намали хаосот со паркирањето и ќе се создаде подобар квалитет на живот за жителите.
„Имаме ревидиран проект за затворање на Дебар Маало. Тој е доставен до Министерството за внатрешни работи и веќе имавме два состанока со МВР за да го подобриме и да добиеме одобрување. Така и беше договорено на последниот состанок“, рече Герасимовски.
Планот е Дебар Маало да се затвора дел по дел, почнувајќи веднаш по завршувањето на изборниот процес, а првата рампа веќе е поставена.
„Веќе поставивме рампа на почетокот на Боемска улица. Разговараме за начинот на кој таа зона ќе функционира, и тоа ќе биде пример за затворање и на други населби каде што сообраќајот и паркирањето се хаотични“, додаде градоначалникот.
Македонија
Николоски го претстави планот за Николиќ во Дојран: Уредена плажа, патека и подобро електроснабдување
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, при посетата на дојранското место Николиќ, најави повеќе инфраструктурни и развојни проекти за локалното население и туристите.
Николоски посочи дека приоритет е решавањето на проблемот со снабдувањето со електрична енергија, бидејќи местото брзо се шири со нови куќи и викендици.
Како втор проект го најави уредувањето и осветлувањето на пешачката патека што ќе води од населбата до плажата, која, според него, ќе стане туристичка атракција.
Трет приоритет е уредувањето на плажата Николиќ, која ќе добие концесионер со обврска да ја трансформира во современо туристичко место.
Николоски додаде дека се разговара и за изградба на културен дом и решенија за предучилишно згрижување на децата.
„Убеден сум дека Илија Николиќ ќе биде новиот градоначалник на Дојран и дека заедно ќе ги реализираме овие проекти со поддршка од Владата“, изјави Николоски.

