Свет
Португалија ја исклучи можноста дека хакерски напад е причина за прекинот на струјата
Португалскиот оператор на електричната мрежа РЕН објави дека нема информации дека масовните прекини на електричната енергија што го погодија Пиринејскиот Полуостров се предизвикани од кибернапад.
Членот на одборот на РЕН, Жоао Консеисао, изјави дека постои можност прекинот на електричната енергија да е предизвикан од „многу голема осцилација на електричните напони, прво во шпанскиот систем, која потоа се проширила на португалскиот“.
„Може да има илјада и една причина, прерано е да се процени“, рече тој, додавајќи дека РЕН е во постојан контакт со Шпанија.
Консеисао рече дека РЕН се надева дека ќе го врати снабдувањето со електрична енергија во вториот по големина град во земјата, Порто, во следните два часа, а во рок од пет или шест часа во главниот град Лисабон.
„Доколку сè зависеше од РЕН, земјата утре ќе се разбудеше со електрична енергија, но за жал не се важни само РЕН“, рече тој.
Снабдувањето со електрична енергија во Шпанија полека се обновува, а причината се истражува.
Шпанскиот премиер Педро Санчез ги повика граѓаните да останат смирени. „Ќе поминеме неколку критични часови додека не се врати снабдувањето со електрична енергија“, рече тој во телевизиско обраќање кое не можеше да го види целата јавност.
Санчез ги повика луѓето да остваруваат само кратки и итни телефонски повици и да го користат бројот за итни случаи само кога е апсолутно неопходно.
Според весникот „Ел Паис“, кој наведува дека може да бидат потребни 10 часа за целосно решавање на прекинот на електричната енергија, телото за сајбер безбедност INCIBE го истражува инцидентот и не ја исклучило можноста за хакерски напад. Сепак, според претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, во моментов нема индикации дека причината е хакерски напад.
Новинарите на ДПА од Мадрид и Барселона објавија дека прекинот на електричната енергија ги погодил двата најголеми градови во Шпанија, а тенискиот турнир Мадрид Опен е исто така суспендиран.
Инфраструктурата, телефонските мрежи и сообраќајот беа погодени, семафорите се исклучија, а лифтовите се заглавија.
Шпанското Министерство за здравство соопшти дека болниците не биле толку погодени благодарение на резервните генератори.
Имаше прекини во електричната енергија во неколку области во Португалија, објави радиодифузерот РТП.
Шпанските Канарски и Балеарски Острови не беа погодени, додека мракот во соседна Андора траеше само неколку секунди пред мрежата автоматски повторно да се поврзе со француската мрежа, соопшти операторот FEDA во објава на X.
Делови од француската Баскија беа, исто така, погодени кратко време пред да се обнови снабдувањето со електрична енергија.
Европската комисија објави дека е во контакт со шпанските и португалските власти за да се утврди причината за прекинот на електричната енергија. Поставени се протоколи за повторно активирање на системот, изјави портпаролката на ЕК.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
„Се чувтсвувам како идиот“: Лајчак проговори за контроверзните пораки со Епштајн
Поранешниот министер за надворешни работи на Словачка, Мирослав Лајчак, изјави дека се чувствува „како идиот“ по објавувањето на новите СМС-пораки во аферата со осудениот сексуален престапник Џефри Епштајн.
„Искрено, не се сеќавам на тие пораки. Не можам ниту да ги потврдам, ниту да ги негирам. Се чувствувам како идиот“ – рече словачкиот дипломат, откако ги препрочита пораките.
Тој призна дека имал лоша проценка и „несоодветна комуникација“, но негираше вмешаност во какви било кривични дела, нагласувајќи дека пораките биле „само глупави машки разговори“.
Лајчак објасни дека пристигнал во Њујорк во 2017 година на едногодишна функција во Обединетите нации и дека бил запознаен со Џефри Епштајн од страна на висок странски дипломат. Според него, Епштајн бил широко познат и се сретнал со бројни бизнис и политички личности од САД и од странство.
Лајчак рече дека не гледа причина да не се сретне со него, тврдејќи дека воспоставувањето контакти е дел од неговата работа, пишуваат медиумите.
„Зошто јас, човек од Словачка, не би го прифатил тоа? Тој беше вреден контакт“ – рече Лајчак, истакнувајќи дека подоцна дознал за пресудата на Епштајн за сексуален прекршок во 2008 година, но забележал дека многу влијателни личности продолжиле да се дружат со него и по тоа.
Ова, додаде тој, го навело да верува дека „не е проблем да се прави истото“.
– Мојот однос со него се темелел на зборови, а не на дела. Денес ја плаќам цената на комуникацијата и познанството со него – рече Лајчак.
Тој ги осуди злосторствата што излегоа на виделина по апсењето на Епштајн во 2019 година.
Тој, исто така, потврди дека го посетил станот на Епштајн, но рече дека биле присутни и други бизнис и политички личности.
„Немало девојки. Овој дел од животот на Епштајн ми беше непознат. Тој не зборуваше за тоа, а јас не го прашав. Мојата совест е чиста“ – нагласи Лајчак, според написите.
Фото: ЕПА
Регион
Автобус изгоре на автопат кај Солун, патниците навреме евакуирани
Пожар избувна рано утринава во градски автобус што сообраќал на линија во предградието Синдос во Солун, во северна Грција, јавува „Катимерини“.
Пожарот настанал додека автобусот се движел по автопатот Патра–Атина–Солун–Евзони. Сите тројца патници и возачот навреме го напуштиле возилото, додека автобусот целосно бил уништен од огнот.
Противпожарната служба интервенирала за гаснење на пожарот и спроведува истрага за причините за инцидентот.
Фото: илустрација (Depositphotos)
Свет
Зеленски: Русија претпочита да продолжи со нападите отколку да се вклучи во дипломатија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави, по новите руски напади врз Украина, дека Русија претпочита да продолжи со нападите отколку да се вклучи во дипломатија.
Во текот на ноќта, две лица беа ранети во руските воздушни напади врз Киев, објавија властите на главниот град.
„Користењето на најстудените зимски денови за тероризирање на населението“ е поважно за Русија отколку дипломатијата, напиша украинскиот претседател на Телеграм.
Тој додаде дека руските сили извршиле напади со „повеќе од 70 ракети и лансирале 450 напади со беспилотни летала“ во текот на ноќта.

