Македонија
Исени на средба со бугарскиот амбасадор

Заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени оствари работна средба со амбасадорот на Република Бугарија во земјата, Жељаско Радуков.
На средбата беа потврдени заложбите за одржување и унапредување на односите меѓу двете соседни земји, а особено беше потврдена одличната соработка меѓу министерствата за внатрешни работи, и исто така заеднички беше констатирано дека работат врвни професионалци.
Со посебен фокус се разговараше и за можностите за дополнително унапредување на веќе воспоставената плодна соработка како од аспект на билатералните договори така и оперативната меѓусебна соработка на Министерствата за внатрешни работи на двете земји. Притоа и заменик-министерот за внатрешни работи Исени и амбасадорот Радуков изразија безрезервна отвореност за нејзино натамошно продлабочување.
Воедно, на состанокот стана збор и за меѓусебната соработка во рамките на меѓународните организации и регионалните иницијативи, кои се од заеднички интерес и придонесуваат за одржување и зајакнување на регионалната безбедност, стабилност и просперитет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
(Фото) Левица: Учениците во „Ѓорѓија Пулевски“ учат во подруми со влага и смрдеа

Учениците од шесто одделение во основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ во општина Аеродром наставата ја следат во подрумски простории со влага, непријатна миризба и без природна светлина, реагираат од партијата Левица.
Од таму посочуваат дека ваквите услови се недостоинствени за било кое училиште, а не за основци кои треба да учат во здрава средина.
„Овие услови се недостоинствени дури ни за затворски ќелии, а камо ли за деца кои треба да растат во здраво и безбедно училишно опкружување. Загрижени родители алармираат дека на некои ученици им се слошило и повраќале поради неподносливата миризба на мувла и влага“, соопштија од Левица – Аеродром.
Според нив, локалната власт ја сноси целата одговорност за понижувањето на најмладите и изложувањето на здравствен ризик.
„Дополнителен скандал е фактот што ДПМНЕ пред четири години ветија целосна реконструкција на училиштата во општината, но во изминатиот мандат не направија ништо. Наместо елементарни услови, децата се приморани да учат во простории со влага и смрдеа“, додаваат од партијата.
Левица бара итно преместување на учениците во други училници и обезбедување нормални услови за образование.
Македонија
Земјотрес ги разбуди струмичани, епицентарот бил во Валандово

Телеметриската сеизмолошка мрежа на Македонија ноќеска во 02:13 часот регистрираше земјотрес со локална магнитуда 2,2 степени според Рихтеровата скала, со епицентар во епицентралното подрачје Валандово, на околу 116 километри југоисточно од Скопје.
Според Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, потресот бил почувствуван во Струмица и околните места со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
„Се работи за послаб земјотрес кој нема потенцијал да предизвика материјални штети, но поради блискоста на епицентарот, граѓаните во дел од југоисточниот регион го почувствуваа потресот“, велат од Сеизмолошката опсерваторија.
Надлежните апелираат дека ваквите земјотреси се вообичаени за нашето подрачје и дека нема простор за паника.
Македонија
Македонци заминуваат кон грчките плажи, продолжениот викенд предизвика хаос на „Богородица“

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено и по суви коловози, но зголемената фреквенција на возила поради летните одмори и продолжениот викенд во Македонија предизвикува гужви на граничните премини.
Најголеми задржувања моментално се бележат на ГП Богородица, каде за излез од државата се чека околу 40 минути до 1 час. На ГП Табановце, пак, времето на чекање за влез и излез изнесува околу 30 минути. Од другите гранични премини од македонска страна не се евидентирани подолги задржувања.
АМСМ ги потсетува возачите да возат со прилагодена брзина, да ја почитуваат сигнализацијата и да бидат особено внимателни на делниците низ котлини, речни долини и клисури каде е можна појава на одрони. Како критични делници се наведуваат Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Воедно, возачите треба да бидат подготвени за времен режим на сообраќај. Од 3 септември започнуваат градежни истражувачки работи на делницата Гостивар – Тетово, што ќе траат две недели и ќе се одвиваат под изменет режим. Дополнително, во тек е и санација на мостот Здуње на државниот пат А2 (Гостивар – Стража), каде е воспоставена семафоризација и наизменично пропуштање на возилата во период од шест месеци.