Македонија
Родителите на загинатите му кажаа на Тошковски дека не му веруваат и прашаа зошто обвинетите кои се во домашен притвор шетаат по улици
Родителите на загинатите во Кочани успеаја да го извадат надвор министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски откога јавно му порачаа дека ќе чекаат да излезе пред нив. Тој излезе пред Министерството, но не за да разговараат туку да ги покани внатре, па влегоа на средба во Министерството. Министерот Тошковски побара да му веруваат дека истрагата нема да поштеди никого за кого има докази, но родтиелите кои влегоа на средбата речиси во еден глас му кажаа дека не му веруваат.
„Имате право и на тоа, но истрагата не е завршена. Разликата од она кое го правеле претходно до она кое сега го правиме е огромна. Сега 11 обвинители деноноќно работат на предметот. Го знам тоа затоа што го гледам. Неспоредливо е она кое се случувало претходно со она што се случува сега од аспект на процесни дејствија“, рече министерот Тошковски.
Тој објасни дека не поднел оставка од функцијата оти татко на починатиот полицаец, откога го погребал синот, забележал дека министерот се крши, му пришол и му рекол да издржи, да продолжи во борбата, да ја истера работата до крај и да не се повлекува.
Родителите на загинатите ги побараа обдукциските наоди за децата, се пожалија дека никој не знае кога му починало детето. Министерот немаше конкретен одговор, но им кажа дека истрагата е во тек, а прашаа и зошто осомничените кои се во домашен притвор се шетаат по улици на што министерот одговори дека се подготвуваат кривични пријави.
Тошковски неколкупати на родителите им кажа дека го разбира гневот што го имаат кога тие прашаа зошто актуелни функционери и одговорни лица не одговараат, објасни дека и неговите деца плачеле и кажа дека има факти пред кои никој не смее да мижи кога му забележаа дека истрагата се води селективно и вистинските виновници се поштедени.
„Актуелен министер е осомничен, факт. Актуелен командир на полициска станица е осомничен, актуелен директор на Дирекција за заштита и спасување е осомничен, дали е во притвор или не е во притвор е мерка за која одлучува Судот на начин на кој што одлучува, но факт е дека се осомничени. Актуелен градоначалник е осомничен и не само актуелниот туку и тој пред него и тој пред него“ рече министерот Тошковски на што родителите на загинатите му кажаа дека само ги пуштил на заслужен принуден одмор по дома и се побунија зошто не се во затвор.
Тошковски им се извини на родителите на загинатите поради тоа што во овој момент не може да им каже се што знае за случајот оти истрагата е во тек и ако каже нешто повеќе може да ја наруши.
„Не можам да ги соопштам сите детали ама ќе можам за месец и пол или два отсега. Ќе можам. Ветувам. Правда во овој случај мора да има ако сакаме да имаме нормална држава. Овие деца ако сакаме да имаме нормална држава не треба никогаш да бидат заборавени. Само така можеме да имаме правда“, рече министерот Тошковски.
Тогаш некои од родителите, револтирани од кажаното, прашаа затоа ли не направил комеморација за загинатите и зошто кажува дека ги посетил семејствата кога отишол само во семејството чиј зет му бил пријател, па настана мешаница меѓу родителите на загинатите. Се јави и мајката која беше посочена дека министерот ја посетил поради пријателство, но кажа дека првпат го гледа министерот и потсети дека таа ги организирала сите протести и маршеви. Во тој момент министерот Тошковски замоли медиумите и сите освен родителите на загинатите да излезат за да можат тие на само да поразговараат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, ќе дува повремено засилен северен ветер
Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури. Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Дел од Автокоманда денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека за денеска имаат планирано неколку интервенции и тоа:
· поради промена на вентил од 2.5“ на улицата Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво

