Македонија
(Видео) Петровска: Тошковски ја контаминираше истрагата за Кочани
„Трагедијата во Кочани точно е дека е резултат на системски пропусти, ама системот, колеги, има име и презиме или имиња и презимиња и тоа токму на денот на трагедијата. На денот на трагедијата вие министер лично и дел од раководството на Министерството за внатрешни работи покажавте дека не се водите по правото и по законите, туку по основ на брат, братучед, партиски другар и партиска наредба“, истакна пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска при обраќање на собраниската седница, посветена на интерпелацијата на министерот за вантрешни работи Панче Тошковски.
Петровска нагласи дека „Тошковски, како искусен правник, долгогодишен адвокат ги познава законите, особено Законот за внатрешни работи и Законот за полиција, но свесно на денот на трагедијата не посочи одговорност во Министерството за внатрешни работи“.
„Напротив, ги заштитивте тие кои се прво повикани и кои во најмала рака го прекршиле ова што предмалку го прочитав, а го прочитав од закон, не од политички памфлет, не од партиско соопштение, туку од законот за полиција. Според вас полициски службеник кој е пензиониран пред две-три години е виновен за тоа што се случи во Кочани, ама актуелните началници, оние пред да ги разрешите тие не биле виновни. Не знаеле што им се случува на територијата на подрачјата за кои по закон се должни да знаат и истото да го спречат“, нагласи Петровска, додавајќи дека на денот на трагедијата и деновите потоа „Тошковски свесно оддавал службена тајна од истрагата на лице кое не е овластено и му ги направил достапни информациите од истрагата кои беа злоупотребени и се злоупотребуваат до денес за политички цели“.
„Еве со ова вие ја контаминиравте и ја попречивте истрагата и затоа меѓу другото се и нашите тврдења дека истрагата е селективна Исто како што дозволивте од денот на трагедијата до отприлика седум дена подоцна раководните полициски службеници од СВР Штип и полициска станица Кочани да продолжат да доаѓаат на работните места и со тоа им овозможивте да кријат докази, да преправаат записници, се во нивен интерес и во интерес на тие кои треба да ги заштитите. Под притисок исклучиво на експертската јавност тие беа променети. Е затоа денес семејствата на починатите, загинатите и повредените дојдоа во Скопје и затоа побараа средба не само со вас, побараа средба и со нас и со сите пратеници овдека во Собранието, затоа што меѓу другото ние сме нивни избраници“, нагласи пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.

