Македонија
Љутков во Кјото: Напредок во културната соработка со Јапонија

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кој е дел од владината делегација која е во посета на македонскиот павилјон во рамките на „ЕКСПО 2025“ во Осака, Јапонија, денеска во Кјото, заедно со Игор Јанушев, генерален секретар на Владата на Македонија, и Андријана Цветковиќ, прв амбасадор на Македонија во Јапонија, оствари работна средба со комесарот за културни врски на Јапонија, Шуничи Токура.
На средбата беа разгледани можностите за унапредување на соработката во областа на културата и туризмот меѓу двете земји.
Од Министерството соопштија дека Љутков и Токура изразија подготвеност за дефинирање конкретни идни активности што ќе придонесат за зближување на македонскиот и јапонскиот народ преку културна размена и туристичка промоција.
Во тој контекст, министерот Љутков потсети дека минатата година во Скопје беше потпишан билатерален документ кој, како што истакна, претставува значаен импулс во продлабочувањето на културните врски меѓу Македонија и Јапонија.
„Меморандумот претставува прв билатерален договор во оваа сфера меѓу нашите држави и има цел да овозможи поблиско запознавање и соработка на двете култури и чекор што отвора нови хоризонти за креативна размена, заеднички проекти и долгорочно пријателство“, потенцираше Љутков.
На средбата Љутков подвлече дека меѓународната соработка и презентација на вредностите на македонската култура се приоритет во културната политика на Владата и на Министерството за култура и туризам. Во таа смисла, тој укажа дека нашата држава и во иднина ќе настојува континуирано да биде присутна на големите настани во Јапонија, вклучително и да организира и комплексни манифестации преку кои ќе ѝ се овозможи на јапонската јавност да се запознае со нашите автори, репродуктивни уметници, нашето творештво и културно наследство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ѓорѓиевски доби поддршка од Меџити и Бакиу

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, кој влезе во вториот круг од изборната трка, објави дека добил поддршка од новоизбраниот градоначалник на Чаир, Изет Меџити, и од кандидатот на коалицијата ВРЕДИ, Башким Бакиу.
„Подадена рака! Денес остварив средба со новиот градоначалник на Чаир, Изет Меџити и со кандидатот за градоначалник на Скопје од Коалицијата ВРЕДИ, Башким Бакиу. Од нив добив искрена и силна поддршка за вториот круг во Скопје, поддршка која дава дополнителна енергија и мотив да продолжиме напред. Благодарам на сите кои ја препознавте визијата, дадовте доверба и избравте иднина за Скопје. Заедно ќе го направиме нашиот град повторно горд, модерен, достоинствен и отворен за сите што живеат во него. Скопје го правиме заедно. По скопски! Победата ќе биде историска!“, напиша Ѓоргиевски на „Фејсбук“.
Македонија
(Видео) Трајановски: Да покажеме дека Аеродром заслужува вистинско лидерство

Кандидатот за градоначалник на Општина Аеродром од СДСМ, Александар Трајановски, им се заблагодари на граѓаните за поддршката.
„Благодарам за укажаната доверба и поддршка која ми ја дадовте во првиот круг од локалните избори. Вашиот глас е потврда дека промените за кои се залагаме во нашата програма се неопходни, и дека нашата визија за подобар Аеродром е заедничката цел која нè обединува. Ни претстои втор круг, во кој уште посилно, со уште повеќе енергија и работа на терен, ќе се бориме за иднината на нашата општина“, вели тој.
Трајановски најави дека во деновите што следуваат ќе продолжи активно да биде меѓу гласачите, затоа што, како што кажа, секој предлог е важен.
„Ве повикувам повторно, со истата решителност и верба, да се обединиме и да ја направиме промената што ја започнавме. Да покажеме дека Аеродром заслужува вистинско лидерство, отворена општина и работа во интерес на сите граѓани“, рече тој.
Македонија
Мојсова: Идниот градоначалник ќе го следам будно зошто веќе ги познавам проблемите кои го тиштат Карпош

Поминав една долга и реално неправедна борба со идеја за подобра иднина на мојата општина. Им благодарам на сите што гласаа за мене зошто веројатно ме препознаа како исполнителна и посветена кандидатка со визија и чесни намери према граѓаните и работењето на општината, вели Маја Мојсова која беше кандидатка за градоначалничка на општина Карпош од редовите на СДСМ.
„За мене беше ова едно одлично искуство и запознав прекрасни луѓе кои веројатно зачаурена во медицинскиот свет можеби никогаш немаше да ги запознаам. За жал можам да кажам дека шоуто подобро се продава и бизнис интересите се секогаш на прво место.
Им посакувам среќа во втор круг на кандидатите и се надевам дека ќе ги исполнат очекувањата на граѓаните зошто Карпош заслужува најдобро.
Идниот градоначалник ќе го следам будно зошто веќе ги познавам проблемите кои го тиштат Карпош и секако ќе го потсетувам на ветувањата кој ги дал“.