Македонија
Левица: 102 имота во имотниот лист на ДПМНЕ – која им е вредноста и од каде ви се толку пари?
ВМРО-ДПМНЕ во својот имотен лист има запишано неверојатни 102 имота распоредени на атрактивни локации низ цела држава, велат од политичката партија Левица.
„Кога ќе се погледнат добро 102-та имотни листа, во нив ќе се видат не само објекти, туку и шуми, ливади, пасишта, ниви!? Имајќи ја предвид нивната мегаломанска бела палата и сите овие 102 имота, ВМРО-ДПМНЕ е најбогатата политичка партија не само во Македонија, туку и во Европа!
Од Левица јавно прашуваме и бараме директен одговор од ДПМНЕ:
Колку е вредноста на сите овие 102 имота, запишани на 102 имотни листа и од каде ви се средствата со кои сте ги купиле?
На народот му должите одговори, а не замајување на јавноста со избегнување на одговорот и во вмровски стил – вртење на темата во друга насока.
На народот му должите одговори, бидејќи наспроти луксузот во белата палата на ДПМНЕ, се распаѓаат крововите на болниците. Наспроти вредноста на вашите над сто имота, вие како власт немате пари за лекови! Како власт не водите сметка да има пари за центар за изгореници! Не издвојувате пари за зголемување на минимална плата! Немате пари за противпожарни возила! Немате пари за наставниците, за персонал во градинките, за земјоделците, за стечајците, за работниците!
Ненаситно и бездушно сте насочени кон остварување на вашите капиталистички интереси, кон градење на суров капитал без око да ви трепне за основната егзистенција на народот!“, се вели во соопштението на Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ристоска со реакција на изјавата на Мицкоски дека таа не е во игра за нов државен јавен обвинител
Во врска со изјавата на премиерот, Христијан Мицкоски, дека Ленче Ристоска не е во игра за нов државен јавен обвинител, што ја даде во телевизиско интервју, таа вели дека тоа отвора прашања за природата на критериумите што се применуваат.
„Кога кандидат однапред се исклучува без анализа на неговата програма и професионален пат, тоа отвора прашања за природата на критериумите што се применуваат. Уверена сум дека избор од вакво значење мора да биде заснован на квалитет, а не на подобност“, вели Ристоска.
Според неа, професионалците во системот мора да знаат дека нивниот труд и стручност се единствената валута што треба да одлучува.
„Во спротивно, ризикуваме да испратиме порака дека без разлика на компетентноста, подобноста е примарна — а тоа не е патот по кој треба да се движи едно демократско општество“, вели Ристоска.
Советот на јавни обвинители пред два дена на Владата ѝ достави список со позитивно мислење за четворица кандидати за функцијата државен јавен обвинител, меѓу кои е и Ристоска.
Македонија
Ако сѐ било по пропис, зошто Владата не ги објавува листите со патници во авионот, прашува СДСМ
Доколку користењето на владиниот авион од било целосно согласно законите и прописите, тогаш зошто Владата упорно одбива да ги објави листите со патници, прашуваат од СДСМ.
„Што се крие од јавноста? Според Мицкоски, на Јадранско море прво отишол со комерицијален лет со семејството, па го продолжил одморот, па бил на вечера, поради што го прпошутил комерцијалниот лет за враќање па затоа морал да се враќа со владиниот авион од Сплит. Генералната декларација (General Declaration) е задолжителен документ во меѓународната авијација што се доставува за да се идентификува воздухопловот, неговиот екипаж и патниците и мора да се приложи за секој меѓународен лет. Еве, Владата нека ги објави документите, за да видат граѓаните кој се патувал со владиниот авион и колку тоа ги чинело“, велат од СДСМ.
Од партијата додаваат дека граѓаните го плаќаат авионот, летовите, трошоците за екипаж, одржување и гориво.
„Затоа граѓаните имаат право да знаат: Кој сѐ летал со владиниот авион? Колку точно чинел секој лет?Особено што нема пари за плати, нема пари за 600 евра минимална плата, се кратат 3 милиони евра од пациентите со ретки болести, се кратат 40 милиони евра од земјоделците. Ако сѐ било законски – објавете ги списоците. Ако нема што да се крие – покажете ги документите.Јавноста заслужува одговор“, велат од СДСМ.
Македонија
Наместо празните ветувања од СДС, работниците добија реално повисоки плати, приоритет на Владата е стабилна економија и раст на платите, велат од ВМРО-ДПМНЕ
ВМРО-ДПМНЕ останува цврсто посветена на заштитата на работниците и унапредувањето на животниот стандард на сите граѓани, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Приоритет на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е обезбедување стабилна економија во која трудот се вреднува, платите растат, а институциите функционираат одговорно и транспарентно. Со политики насочени кон реален економски раст, создавање нови работни места и почитување на колективните договори, се поставуваат темелите за долгорочна финансиска сигурност.
Со ВМРО-ДПМНЕ на чело на државата, платите бележат реален пораст, а мерките што се спроведуваат се насочени кон подобрување на куповната моќ и стабилизирање на економските текови. Наместо празни ветувања, се реализираат конкретни политики што носат резултати.
Додека ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција, застанавме на страната на работниците затоа што постоеја сериозни проблеми како доцнење на платите, непочитување на колективните договори и обиди минималната плата да се отстрани од формулата за пресметка“.
Таквата промена, како што додаваат, ќе го прекинеше линеарниот раст и ќе ја ослабеше заштитата на илјадници вработени.
„Заедно со синдикатите поднесовме повеќе од 40 амандмани и го спречивме тој процес. Со тоа обезбедивме минималната плата да остане дел од системот, што овозможува со нејзиниот раст да растат и останатите примања“.
Денес, велат, разликата е очигледна. Според оваа партија, по две години управување со државата, не се зборува за барања, туку за реализирани обврски.
„Отворени сме за разговор за минималната плата, но одлуките мора да се носат институционално, преку Економско-социјалниот совет и со пристап што обезбедува економска стабилност.
Работниците заслужуваат стабилност, сигурни договори и политики што даваат конкретни резултати“.

