Македонија
Сиљановска Давкова: Делчев беше и ќе биде дел од нас, од нашата историја, сегашност и иднина

Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова денеска положи цвеќе во црквата „Св. Спас“ по повод 122-годишнината од смртта на великанот Гоце Делчев, но и на својот фејсбук профил искажа почит кон македонскиот револуционер.
Како што наведува Сиљановска Давкова, Делчев беше и ќе биде дел од нас, од нашата историја, сегашност и иднина.
-Со длабока почит, по повод 122-годишнината од смртта на великанот Гоце Делчев, положив свежо цвеќе на неговиот вечен дом во дворот на црквата „Св. Спас“.
Денот на смртта на најмаркантната и најсветлата фигура на македонското револуционерно национално дело, втемелувачот на македонскиот републиканизам, апостолот на ВМРО, учителот Гоце Делчев, нè потсетува на жртвата којашто нашите предци ја дале за македонскиот народ да живее во сопствена држава за да може културно да се натпреварува со другите народи. Тој не случајно почива тука, во дворот на прекрасната црква „Св. Спас“, на македонска почва и под македонското небо, туку по сопствен аманет да биде закопан во независната македонска држава. Гоце Делчев беше и ќе биде дел од нас, од нашата историја, сегашност и иднина, пишува претседателката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Петрушевски: Обвинителството да не молчи, итна истрага за прислушкувањето на Мицкоски, новинарите и бизнисмените

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, побара од Јавното обвинителство итна истрага за случајот со следење и прислушкување на претседателот на партијата Христијан Мицкоски, новинари и бизнисмени.
„ЈО да не молчи, истрага за следењето и прислушкувањето веднаш, и одговорност за извршителите и наредбодавачите“, изјави Петрушевски.
Тој праша дали обвинителот Љупчо Коцевски молчи затоа што бил задолжен за следење на издавањето на ПИ мерките и дали знаел за случајот.
„СДС ги вплетка службите и ЈО во своја шема за опстанок на власт. Пет години следеле се што мислеле дека го загрозува нивниот опстанок. Одговорност за случајот мора да има. ЈО и Љупчо Коцевски да не молчат, туку да почнат да даваат одговори“, додаде Петрушевски.
Македонија
Андоновски: Преку дигитализацијата го забрзуваме и олеснуваме процесот за студентите

Министерството за дигитална трансформација во соработка со Државниот завод за статистика денеска официјално ја претстави најновата електронска услуга достапна на Националниот портал за е-услуги „образецот ВОИ20 за запишани студенти на додипломски студии (прв циклус) на факултетите и високите стручни школи“.
На денешната прес-конференцијата, министерот Стефан Андоновски изјави дека оваа услуга претставува значаен чекор во насока на дигитализација на јавните услуги, со фокус на младите и студентите како клучни корисници на услугата.
„Оваа услуга е наменета за сите студенти и високообразовни институции со цел да се поедностави, забрза и дигитализира процесот на поднесување и обработка на податоците. Наместо долгите процедури и хартиените документи, сега образецот може целосно да се пополни и испрати онлајн – брзо, ефикасно и без административни бариери“, изјави министерот.
Андоновски потенцираше дека со новата дигитална алатка студентите и универзитетите заштедуваат време и трошоци, како и тоа дека Државниот завод за статистика добива точни и навремени податоци, се зголемува административната ефикасност, а се намалува можноста за грешки.
Министерот најави дека во координација со ДЗС, во наредниот период се планира целата група на услуги поврзани со студирањето да бидат интегрирани и исклучиво достапни преку Националниот портал за е-услуги – www.uslugi.gov.mk.
„Со ДЗС размислуваме и за целата група на услуги кои се однесуваат на студирањето да бидат исклучиво достапни на Националниот портал. Ги повикуваме сите високообразовни установи и студенти да ја користат новата услуга на www.uslugi.gov.mk. Нашата цел е да создадеме систем каде административните обврски нема да бидат товар, туку поддршка за образованието и развојот.,“ истакна министерот.
Оваа иницијатива е дел од пошироката стратегија на Владата за целосна дигитализација на јавните услуги, со што се овозможува побрз, потранспарентен и подостапен јавен сектор за сите граѓани.
Македонија
(Видео) СДСМ: Неетички чин на министерот Филков, судир на интереси или кражба на труд?

„Министерот за правда, Филков, има намера да магистрира на тема „Креирање на стратегии во сферата на правосудството како надлежност на министерот за правда“. Овој скандалозен потег, иако навидум е академски, е всушност крајно непримерен и не споив со високата јавна функција што тој ја извршува. Министерот за правда магистрира на тема за сопствени надлежности“, рече Јовица Јанковиќ, потпретседател на СДММ.
„Ова е директен судир на интереси, кој го разобличува неговиот личен и институционален интегритет.
Постапката на министерот отвора прашања за неговата свест за Законот за спречување на корупција и судир на интереси и неговите одговорности како службено лице.
Со користење на службени документи и информации до кои има пристап како министер, за да ги искористи за лична академска добивка, Филков директно го прекршува членот 62 од истиот закон, кој забранува какво било користење на службената положба за лични цели.
Ова не е ништо друго освен злоупотреба на службената должност.
Изјавата на министерот дека „не постои конфликтна или не конфликтна тема за магистерска работа“ е не само арогантна, туку и скандалозна.
Со тоа тој ги игнорира сите етички и законски принципи.
Токму креирањето на стратегии во правосудството е законска надлежност на Министерството за правда. Тие се дело на државни службеници и експерти, и никој нема авторски права над нив, па дури ни министерот.
Со овој чин, министерот Филков, всушност, си присвојува државен труд за своја лична корист.
Ова не е само неетички чин, туку и ја доведува во прашање суштината на академската чесност и интегритет.
Господине Филков, со овој потег, Вие го изгубивте моралниот и професионален интегритет за да ја извршувате функцијата министер за правда.
Очекуваме реакција на Антикорупциската комисија. Поттикнувањето на сомнежи за судир на интереси и злоупотреба на службената положба не смеат да бидат дел од дејствувањето на еден министер.
Јавноста бара одговорност, а не оправдувања и ароганција“, изјави Јовица Јанковиќ, потпретседател на СДММ.