Црна хроника
Мртво новороденче донесено на Детска клиника, мајката се породила дома

Вчера во 07.15 часот во СВР Скопје, од Детската клиника при Комплексот клиники „Мајка Tереза“ во Скопје било пријавено во полиција дека околу 06.20 часот кај нив било донесено мртво новороденче.
Лекар констатирал смрт, а, според пријавеното, 25-годишната мајка од Скопје во раните утрински часови се породила во својот дом во Скопје, по што таа и бебето биле пренесена на клиниката.
За настанот бил известен јавен обвинител, а телото на бебето било дадено на обдукција, велат од МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
34-годишен мотоциклист почина по судир со трактор

34-годишен мотоциклист од Јосифово го загуби животот по сообраќајна несреќа што се случила вчера околу 14 часот на регионалниот пат од селото Јосифово кон селото Пирава, на местото викано „Железен мост“ во Валандово.
Според информациите од полицијата, во несреќата учествувале трактор „ИМТ“ со приколка, управуван од В.Т. (75) од Пирава, и мотоцикл „Сузуки“ управуван од С.К. (34) од Јосифово. При судирот, мотоциклистот се здобил со тешки телесни повреди.
Повредениот бил веднаш пренесен во болницата во Валандово, а поради сериозноста на повредите бил транспортиран во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ во Скопје, каде околу 17:30 часот починал.
По наредба на јавен обвинител телото е дадено на обдукција, а увид на местото на несреќата извршила екипа од ОВР Валандово.
Црна хроника
Се обиделе да вадат бакар со оган, па завршија со лисици на рацете

Полицијата во Струга поднесе кривична пријава против две лица кои предизвикале пожар на градската депонија. Станува збор за 38-годишниот Е.В. од Прилеп, со привремен престој во Струга, и 61-годишниот Ф.Н. од Струга, кои се сомничат за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, на 2 август 2025 година двајцата биле затекнати на депонијата во Струга додека ваделе бакарни жици од разни предмети. За да дојдат до металот, тие ги запалиле предметите, при што избувнал пожар.
Навремена реакција имало од страна на Територијалната противпожарна единица од Струга, чии екипи успеале да го изгаснат огнот и да спречат негово ширење. По интервенцијата, Е.В. и Ф.Н. биле лишени од слобода, а против нив е поднесена кривична пријава.
Црна хроника
Двајца приведени, еден во бегство по упад во маркет во Чаир

Двајца млади разбојници утринава завршија во полициски раце откако се обиделе насилно да ограбат маркет на улицата Џон Кенеди во скопската општина Чаир.
„Околу 04:50 часот беше пријавено дека три лица насилно влегуваат во маркетот. Веднаш реагираа екипи од Единицата за интервентна полиција и Полициската станица Бит Пазар“, соопшти МВР.
Кога ги забележале полицајците, напаѓачите се дале во бегство, по што еден полициски службеник бил принуден да испука предупредувачки истрел во воздух за да ги запре.
„Со брза акција на полицијата, од слобода беа лишени лицата А.Х. (23) и Е.А. (19), додека едно лице е во бегство и се преземаат мерки за негово пронаоѓање“, информираа од Министерството за внатрешни работи.
По целосно расчистување на случајот, против уапсените ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.