Култура
14 претстави на програмата на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“

Aктерите Соња Михајлова, Снежана Конеска-Руси и Гоце Тодоровски ќе ја добијат наградата за животно дело.
Девет претстави во официјална и пет во независна програма се селектирани за програмата на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, што ќе се одржи од 6 до 13 јуни. Фестивалот ќе се одржи под мотото „Смеј се и осмели се“. Уметничкиот директор на фестивалот, Ана Стојаноска денеска ја објави програмата за претстојниот фестивал.
Собранието на фестивалот, на денешната средба ги избра и наградените за животно дело. Тоа се актерите Соња Михајлова, Снежана Конеска-Руси и Гоце Тодоровски.
За ова издание на фестивалот, од одгледаните претстави (и во институционалните театри и од независната продукција) се воспостави или се наметна впечатокот дека доминираа претстави во кои може да се препознаат ставот на режисерот и потребата да се создава автентична театарска продукција. На репертоарите во македонските театри повторно може да се забележи разногласие во однос на изборот и стилот на театарската продукција, стои во експликацијата на Стојаноска.
Претстави во официјалната селекција се:
„12“ според мотивите на „12 гневни луѓе“ од Реџиналд Роуз, во режија на Синиша Евтимов, продукција на Македонски народен театар, „Парови“ од Ана Ристоска-Трпеноска, во режија на Ивана Ангеловска, продукција на Драмски театар – Скопје, „Ричард Трети“ од Вилијам Шекспир, во режија на Куштрим Бектеши, продукција на Албански театар – Скопје, „Слепци“ од Морис Метерлинк и според „Погубни идентитети“ од Амин Малуф, во режија на Ќендрим Ријани, продукција на Турски театар − Скопје, „Црно семе“ од Ташко Георгиевски, во режија на Андреј Цветановски, продукција на Народен театар − Битола, „Бура“ од Вилијам Шекспир, во режија на Џон Блондел, продукција на Народен театар „Војдан Чернодрински“ − Прилеп, „Рацин“, драматург Сашо Димоски, во режија на Дејан Пројковски, продукција на Народен театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ − Велес, „Сите прекрасни нешта“ според монодрамата на Данкан Мекмилан, од Ана Ристоска-Трпеноска, во режија на Нела Витошевиќ, продукција на Народен театар – Штип, „Пар-распар“ од Нил Сајмон, во режија на Нина Николиќ, продукција на Театар Комедија − Скопје.
Претстави од независна продукција:
„Вампири“ − театарска минијатура за вампирите во театарот, во режија на Милош Б. Андоновски, продукција на „Театар за сите“ − Скопје „Снег“ од Максанс Фермин, во режија на Зоја Бузалковска, продукција на „Штрих“ − Скопје, „Сите најубави нешта“ според Данкан Мекмилан, во режија на Дејан Пројковски, изведба Игор Ангелов, продукција на „ОХО продукција“, „Казабалкан“ од Горан Стефановски, во режија на Дамјан Костовски, продукција на Здружение за развој на театарска продукција „Оска“ − Скопје, „Ла Магбет“ според Шекспир, во режија на Шенај Мандак, во изведба на Хакан Даци, продукција на „Хибрид“ – Скопје.
За фестивалските награди и годинава ќе одлучува меѓународно жири, во состав: Нела Оташевиќ, продуцентка од Црногорско народно позориште, Иван Меденица, театролог и професор од Белград и Лилиа Абаџиева, театарска режисерка од Бугарија.
За мотото на фестивалот, Стојаноска истакна:
-Театарот не’ учи да бидеме храбри, на секоја ситуација да имаме коментар. Театарот ги крие двете маски, трагичното и комичното. Откако го ставивме мотото, моите соработници се шегуваа дека ни се појавија многу предизвици. Наједноставно е во тешките моменти да бидеме нервозни, ама треба да бидеме храбри и да се насмееме – рече Стојаноска.
По иницијатива на семејството на музичарот Филип Стевановски, Собранието донесе одлука наградата за музика ќе ја именува според музичарот, кој што го изгуби животот во пожарот во Кочани. Стевановски беше актуелен директор на Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип.
На програмата повторно ќе бидат детската зона, промоции на книги, разговори на тркалезна маса.
Годинава, наместо досегашната платформа „Автор во фокус“ во која се славеше опусот на еден значаен автор за македонскиот театар, годинава ќе биде ставен фокусот на тројца мошне значајни театарски дејци од Прилеп. Тоа се: актерот и долгогодишен директор на нашиот фестивал Кирил Ристоски, актерот Благоја Спиркоски Џумерко и драмскиот автор и писател Благоја Ристески Платнар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Претставата „Едмонд“ денес премиерно во Битолски театар

Претставата „Едмонд“ според текстот на Дејвид Мемет, а во режија на Оливер Мицевски, денес премиерно ќе биде одиграна на големата сцена на Битолскиот народен театар. Се работи за петта по ред премиера за оваа година. Директорот Васко Мавровски вели дека во периодот септември 2024 / јуни 2025, е постигнат е апсолутен рекорд на премиерно изведени претстави, 12, а следи и премиерата на “Рибарски караници” која ќе се одигра на 25.07.
„Во овој период одиграни се 129 претстави, или на секои 2.5 дена се изведувала по една претстава. Во салите на НТБ, не посетиле 25.141 гледач, или во просек сме имале по 194 гледачи по претстава“, рече директорот Мавровски.
„ Јас сум радосен што работам овде, бидејќи не сум работел во земјава од 2011, и е убаво да се работи на својот јазик. Ние имавме многу убави осум недели работа и веруваме дека завршивме одлична работа. Беше задоволство да се работи со талентираниот ансамбл на Народен Театар Битола, предводен од Огнен Дранговски, еден од најдобрите актери во Македонија и Балканот. Верувам дека ЕДМОНД ќе стане значајна точка во несомнено богатата историја на Народен Театар Битола“, рече режисерот Оливер Мицевски.
Претставата го следи вртоглавото / спирално патување на бизнисменот Едмонд Бурк и неговите кошмарни 48 часа во њујоршкото подземје, каде што барајќи возбуда и среќа, од баналноста на неговата канцеларија и монотон семеен живот завршува како убиец и подоцна како затвореник, најверојатно осуден на доживотен затвор. Богат со многу параболи, референци на Хамлет и Библијата, прошаран со несекојдневно брутален јазик и агресивни сцени, главното прашање коешто Едмонд го отвора е прашањето на слободата. Што е слободата всушност? Дали потрагата по слобода прави всушност, незабележително да станеме робови на својата (потрага по) слобода. Дали откажувањето / лимитирањето на своите желби го олеснува патот кон слободата? Не случајно, мотото на Едмонд е : “Внимавај што посакуваш.”
Покрај Дранговски во претставата играат Валентина Грамосли, Соња Михајлова, Марјан Георгиевски, Ана Грамосли, Борче Ѓаковски, Александар Стефановски, Филип Мирчевски, Викторија Степановска-Јанкуловска и Маја Андоновска-Илијевски. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски, а музиката на Марјан Неќак.
Култура
Скопско лето: В понеделник џез концерт на Ѓорги Шаревски трио во Сули ан

Дирекцијата за култура и уметност на Скопје в понеделник повикува на џез концерт на Ѓорги Шаревски трио во Сули ан со почеток во 20.30 часот. Покрај Шаревски, ќе учествуваат и Акира Накамура од Окинава, Јапонија на тапани и Оливер Јосифовски на контрабас.
„Извонредна интеркултурна соработка, каде што триото на Георги Шаревски се обединува со еминентниот јапонски тапанар Акира Накамура за динамичен настап што умешно ја обединува источната прецизност со европската џез естетика.Предводено од македонскиот гитарист и композитор Георги Шаревски, фокусот на ова посебно трио се автентични авторски композиции, прецизна меѓусебна комуникација и соврмени хармонски структури. Со приклучувањето на Накамура и неговиот изразен ритмички јазик и смела импровизациска визија, овој исклучителен настап претставува возбудливо музичко патување исполнето со спонтаност, експлозивна енергија и бесконечен грув“, велат од Дирекцијата за култура и уметност.
Публиката ќе има можност да слушне внимателно избрана програма составена од авторски композиции, кои ги прошируваат хоризонтите на современиот џез израз.
Култура
Џез концерт на 30 јуни – Георги Шарески Трио во Сули ан

Во рамки на програмата на Скопско лето на 30 јуни (понеделник) во 20:30 часот во Сули ан (Стара Чаршија) ќе се одржи концерт на Георги Шарески Трио.
Организаторите велат дека овој концерт претставува извонредна интеркултурна музичка соработка, каде што триото на македонскиот гитарист и композитор Георги Шарески се обединува со врвниот јапонски тапанар Акира Накамура, како и со истакнатиот контрабасист Оливер Јосифовски. Настапот нуди динамична комбинација на автентични авторски композиции, ритмичка прецизност, импровизација и бесконечен џез грув.
Програмата опфаќа внимателно избрани композиции кои ја истражуваат границата помеѓу современиот џез и традиционалната музика, исполнета со енергија, спонтаност и иновативност. Ова е прво гостување на Акира Накамура во Македонија – музичар со светска кариера, кој има соработувано со имиња како Хироми Уехара, David Fiuczynski и BIGYUKI.
Билетите се продаваат по цена од 400 денари, и можат да се набават на влезот од Сули ан, на денот на настанот и онлајн преку платформата Купи карти: https://www.karti.com.mk/skopsko-leto.nspx.