Македонија
Кривична пријава против двајца поранешни вработени во МВР за злоупотреба на службената положба
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи, до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје, поднесе кривична пријава против Б.Д. и В.В., поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
БД., пензиониран работник, а во време на извршување на кривичното дело на работно место началник на Регионален центар за гранични работи Север, иако знаел дека еден работник со правосилна пресуда бил ослободен од прекршочна одговорност, не изготвил ургенција до Комисијата за вршење на психолошко советување и давање мислење за способноста на работникот во МВР да му се врати одземеното службено оружје, кое му било одземено до завршување на постапката, туку изготвил предлог за негово времено распоредување врз основа на кој работникот бил времено распореден на друго работно место, а за времено упразнетото работно место доставил предлог за времено распоредување на друг работник. Исто така, на распишан интерен оглас не ги известил членовите на Комисијата дека работното место за кое е распишан интерниот оглас е времено упразнето и дека за ова работно место не можело да биде распишан интерен оглас.
Второпријавената В.В., пензиониран работник, а за време на извршување на делото помошник директор во Оддел за заеднички работи и управување со човечки ресурси во БЈБ, без барање од првопријавениот и без да утврди дека работното место не е слободно, објавила телеграма за интерен оглас. Исто така, како член на Комисијата за распоредување и унапредување, не ставила забелешка и покрај тоа што била запознаена дека работното месо е само времено упразнето и се согласила со изборот на работникот за кој имало предлог за времено распоредување од началникот на Регионалниот центар за гранични работи Север.
Со ваквото дејствие, пријавените на работникот кој времено го распоредиле му причиниле штета во износ 310.268 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно и релативно топло
Времето утре ќе биде променливо облачно и релативно топло.
Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има врнежи од дожд. На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 5, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови следува период на променливо време. Во недела претпладне ќе има локални врнежи од дожд, а на планините во северозападните делови од снег. Врнежи од дожд ќе има и во понеделник кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови, а на планините ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух врнежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а нови врнежи повторно се очекуваат од четврток.
Македонија
Трипуновски: Работиме на стабилен откуп и цена на суровото млеко
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски оствари средба со претставниците на поголемите млекарници во државата, на која се разговараше за стабилен откуп и цена на суровото млеко, покрај тоа што европскиот пазар и регионот се соочуваат со вишок на млеко.
На средбата се договори дека откупната цена на суровото млекото ќе биде стабилна, како и дека нема да има неоткупено млеко од страна на млекарниците.
Ќе се засилат контролите на пазарот со фокус на безбедноста и квалитетот на млекото и млечните производи, како и на добиточната храна.
Министерството останува посветено на унапредување на млекопроизводниот сектор и обезбедување на одржливи услови за фармерите и млекарниците, велат од таму.
Македонија
ЗНАМ до СДСМ: Димитриевски нема „златни визи“, не е вмешан во скандали и не оди на журки во Дубаи
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија обвини дека СДСМ со нападите врз Максим Димитриевски и партијата се обидува да ја дефокусира јавноста од сопствената политичка и економска катастрофа. Во соопштението, ЗНАМ ги нарекува обвинувањата на СДСМ „политичка манипулација и замајување“, оценувајќи ги како „неосновани, тенденциозни и без докази“.
Од партијата велат дека Димитриевски има лична и професионална кариера надвор од политиката и дека не бил поврзан со корупциски скандали.
„За разлика од двоецот Заев-Филипче кој ги троши народните пари по луксузни јахти низ светот, тој не поседува ‘златни визи’ и не оди на журки во Дубаи“, се наведува во соопштението.
Според ЗНАМ, сите јавни набавки и финансиски постапки се спроведуваат законски и под надзор, а партијата останува доследна на принципите на отчетност и јавна одговорност. „Политиката за нас не е приватен бизнис, туку јавна одговорност во интерес на граѓаните“, велат од движењето.

