Македонија
Обвинение против вкупно 10 лица за злоупотреби во РЕК Битола
Основното јавно обвинителство Битола поднесе обвинение против 7 лица кои се осомничени дека како соизвршители сториле кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик со дејствија со кои на Буџетот на АД ЕСМ-Подружница РЕК Битола му предизвикале значителна имотна штета во износ од 178.370.319 денари. Обвинение е поднесено и за 3 службени лица од Бирото за јавни набавки, кои како соизвршители во кривично дело Несовесно работење во службата од член 353в став 4 од Кривичниот законик со пропуштање на должен надзор, очигледно несовесно постапиле во вршењето на своите овластувања и должности при вршење на управна контрола на постапката за јавна набавка.
Од обвинетите за злоупотреби, тројца се службени лица – членови на Стручната комисија со овластување да извршат евалуација на понудите на јавна набавка за избор на фирма за ископ на јаловина во РЕК Битола, кои спротивно на Законот за јавни набавки донеле одлука со која незаконито ја елиминирале понудата на еден економски оператор од понатамошна евалуација. Иако фирмата доставила доказ дека ги исполнува условите за техничка и професионална способност од тендерската документација, тие сепак ги оцениле ваквите докази како неприфатливи и ја отфрлиле понудата.
Тројца членови на Комисијата за јавни набавки за спроведување на отворена постапка за јавна набавка го прифатиле ваквото стручно мислење, иако спротивно на одредбите од Законот за јавни набавки и на електронската аукција поканиле само два други економски оператори кои имале понудено повисоки почетни цени од елиминираната фирма.
Обвинетиот директор на РЕК Битола го прифатил предлогот за избор на најповолна понуда содржан во Извештајот на Комисијата за спроведување на јавната набавка иако бил спротивен на одредбите од Законот за јавни набавки и на 03.10.2022 склучил договор за ископ на инвестициска откривка во Рудникот Брод Гнеотино со РУД-КОП увоз-извоз ДООЕЛ Битола во износ од 708.000.000 денари со ДДВ. Потоа, во септември 2023 година, директорот склучил и анекс кон договорот со кој вредноста на јавната набавка ја зголемил за дополнителни 20% односно за 120.000.000 денари, со што исто така постапил спротивно на Законот за јавните набавки, бидејќи претходно не извршил дополнителна анализа на исплатливост и не ги дообезбедил потребните парични средства кои според законските одредби требало да бидат обезбедени во целост пред склучување на договорот.
Службените лица од Бирото за јавни набавки, обвинети за несовесно работење, извршиле увид во целокупната документација поврзана со јавната набавка и требало да утврдат дека понудата на еден економски оператор е незаконски отфрлена, но тие пропуштиле тоа да го сторат и на договорниот орган противправно му дале инструкции да продолжи со постапката за јавна набавка и да го склучи договорот.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Битола достави предлог за одземање на противправно прибавената имотна корист од 178.370.319 денари која како резултат на сторените кривични дела од обвинетите била исплатена на правното лице ДПТУ РУД-КОП увоз-извоз ДООЕЛ Битола. Оваа имотна корист во текот на постапката, по барање на Основното јавно обвинителство Битола е предмет на привремена мерка за обезбедување имот и средствата се замрзнати на сметка до донесување пресуда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Никој во тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не живее од плата туку на грбот на граѓаните, велат од СДСМ
„Антилогика – ЗНАМ го напаѓа СДСМ затоа што Максим Димитриевски призна дека не живее од плата.
Па СДСМ само ја објави вистината, не може да им бидеме криви ние за признанието на Максим.
Никој во тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не живее од плата туку на грбот на граѓаните.
Тоа веќе сите го знаат“, велат од СДСМ.
Според опозициската партија, со ваквата политика, како што велат, сè да биде приватен бизнис на тендер коалицијата, веќе недостигаат две милијарди евра.
„Што се однесува на времето на ковид кризата државата се задолжуваше за да им помогне на граѓаните, бидејќи СДСМ и тогаш и сега, се грижи за граѓаните. За разлика од тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ кои се луксузираат на грбот на народот и вратат тендери.
Таков е примерот со тендерот од 1,2 милиони евра Пошта, за фирмата блиска до ЗНАМ. Додека вработените во Пошта со месеци им доцнат платите.
Работниците да гладуваат, а тие да живеат во луксуз. Така е составен и буџетот, само за нивните потреби“.
Македонија
Снег на Попова Шапка, магла на одредени патни правци, сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови,по претежно влажни коловози.
Врнежи од снег на Попова Шапка со задржување на коловоз од с.Лисец-Попов Шапка.
Намалена видливост поради појава на магла до 80 метри на патниот правец Штип – Неготино кај Серта, во Крушво до 50 метри, на планинскиот премин Стража до 100 метри и кај Маврово до 50 метри.
Сите патни правци во државата се проодни.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Утре променливо облачно и релативно топло
Времето утре ќе биде променливо облачно и релативно топло.
Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има врнежи од дожд. На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 5, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови следува период на променливо време. Во недела претпладне ќе има локални врнежи од дожд, а на планините во северозападните делови од снег. Врнежи од дожд ќе има и во понеделник кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови, а на планините ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух врнежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а нови врнежи повторно се очекуваат од четврток.

