Македонија
Промовирана Археолошка Брајова азбука – прва литература од ваков тип во Македонија и регионот
Денес, во Домот на култура „Билјана Беличанец“ се одржа промоцијата на „Археолошка азбука“ и „Археолошка Брајова азбука“ – првите книжевни дела од ваков тип во Македонија и пошироко во регионот, наменети за деца и млади, чии автори се професори Антонио Јаќимовски, Елизабета Томевска-Илиевска, Маја Јаневска.
Настанот се реализира со поддршка од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и Општина Кисела Вода, во соработка со Здружението Институт за европски образовни, социо-културни и економски политики ЕВРОПА ЗА ТЕБЕ Скопје и Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“, Скопје. Овие дела имаат длабока едукативна и културна вредност – на интересен, сликовит и инклузивен начин го доближуваат археолошкото наследство до најмладите читатели, вклучително и до оние со оштетен вид.
– Ми претставува особена чест и задоволство што денес сме тука, заедно со почитуваните професори Антонио Јаќимовски, Елизабета Томевска-Илиевска, Маја Јаневска и пратеничката во македонското Собрание Катерина Димитровска, во Домот на култура ,,Билјана Беличанец” за заедно да промовираме едно навистина посебно и вредно издание – „Археолошка азбука“ и „Археолошка Брајова азбука“ – првата литература од ваков вид за деца и млади во нашата земја и пошироко во регионот, поддржана од Кисела Вода. Нашата општина постојано се залага за еднакви можности и права за сите. Грижата за лицата со попречености, а особено за лицата со оштетен вид, не е само обврска, туку и должност која ја исполнуваме со големо внимание и посветеност. Секоја година, на Денот на Брајовото писмо, ја продолжуваме нашата поддршка за учениците од Државното училиште за рехабилитација „Димитар Влахов“, преку донирање на книги напишани со Брајово писмо за нивната библиотека – затоа што веруваме дека знаењето и културата треба да бидат достапни за сите, без исклучок.
Поддршката што ја дадовме на „Археолошката азбука“ и нејзиното издание на Брајово писмо е токму во таа насока – да понудиме литература која истовремено е и образовна и инспиративна, која ги запознава децата со богатата археолошка ризница на нашата земја и ги поттикнува да се чувствуваат горди на своето културно наследство. Посебно радува фактот што „Археолошката Брајова азбука“ ќе им овозможи и на децата со оштетен вид рамноправен пристап до знаење, визуелно адаптирано и внимателно подготвено според нивните потреби.
Затоа, сето ова не е само промоција на книга – ова е потврда за визија, за вредности, за грижа и за инклузија. Ова е пример како културното и образовното може да се спојат во вистинска алатка за градење свест, идентитет и љубопитност кај младите.
Искрено им честитам на авторите – реномирани професори, педагози и археолози – за нивниот труд и посветеност. Им благодарам на сите вклучени во реализацијата на ова дело кое веќе го сметам за културно богатство.
Како општина, ќе продолжиме да поддржуваме вакви проекти кои создаваат инклузивно општество и кои му даваат глас и можност на секое дете да учи, да сонува и да ја гради својата иднина-истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во своето излагање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Андоновски: Помалку чекање, помалку простор за корупција, дигиталната трансформација, реформа насочена кон граѓаните
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, во денешната изјава за медиумите истакна дека повеќе од 40 институции го користат националниот Документ менаџмент систем (ДМС), како дел од процесот на дигитализација на институциите и општините и унапредување на квалитетот на јавните услуги за граѓаните.
„Поврзувањето на институциите и општините значи побрзи, поедноставни и подостапни услуги за граѓаните. Тоа е суштинска реформа во начинот на кој функционира државата“, нагласи Андоновски.
Според податоците што ги објави министерот, за само четири месеци двојно е зголемен бројот на институции што користат електронска архива и електронски систем за управување со документи. Истовремено, преку државната платформа за интероперабилност, во ноември се реализирани 2,6 милиони трансакции, што, како што посочи, претставува значително зголемување во однос на просекот во 2024 година.
Министерот информираше и дека за 20% е зголемен бројот на институции и компании приклучени на платформата за интероперабилност, што директно влијае на намалување на административните бариери и потребата граѓаните да доставуваат документи „од шалтер на шалтер“.
„Овие бројки значат помалку хартија, помалку чекање и помалку простор за корупција. Дигиталната трансформација не ја гледаме како ИТ-проект, туку како реформа насочена кон граѓаните – со јасни, следливи и фер процедури“, порача Андоновски, додавајќи дека обврска на системот е да му служи на граѓанинот брзо, разбирливо и еднакво за сите.
Министерството за дигитална трансформација останува посветено принципот „граѓаните на прво место“ да стане стандард на функционирање на државата, преку конкретни и мерливи резултати, велат од таму.
Македонија
Директорот на Царина од Брисел: Македонија чекор поблиску до ЕУ, потпишан Mеморандум за електронска размена на податоци со Бугарија
На највисоко ниво и во присуство на еврокомесарот за проширување Марта Кос, денеска во седиштето на Европската комисија во Брисел, директорот на Царинска управа, Бобан Николовски и директорот на Националната царинска агенција на Република Бугарија, Георги Димов, потпишаа Меморандум за разбирање со кој се овозможува електронска размена на податоци. Целта е забрзување на легалната трговија и спречување на обиди за царинска измама, со што директно ќе се придонесе за зајакнување на конкурентноста на македонската економија на пазарот во ЕУ.
Николовски вели дека со овој чекор Царинската управа јасно ги покажува силните заложби на институцијата за забрзување на интеграцијата на нашата држава во ЕУ.
„На овој начин го трасираме патот напред, при што нашата интенција е забрзана интеграција во единствениот пазар на ЕУ и подобрување на конкурентноста на македонската економија. Од ЕУ имаме силна поддршка, за што доказ е и денешниот настан“, истакна Николовски од Брисел.
На потпишувањето беа присутни директорите на Царинските управи од земјите од Западен Балкан и ЕУ, како и директорите на ЦЕФТА и Транспортна заедница.
Македонија
Бомбата на Кузеска е петарда која и пукна во рака, следен пат нека излезе на прес со проверени информации, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Според ВМРО-ДПМНЕ, тоа што Кузеска го нарекува бомба е петарда која и пукна во рака.
Не е јасно, велат од партијата на власт, како по којзнае кој пат некој од СДС ја пушта низ вода, да излетува со недоволно проверени информации.
„Да го тргнеме настрана фактот дека јавните набавки се јавни и транспаренти и другиот факт дека Кузеска не го разбира ИТ светот, туку Кузеска обвинува за сомнителни тендери со фирма на која власта на СДС и ДУИ им делеле тендери и грантови од Фондот за иновации.
Така фирмата СИГМОИД која не постои две години, туку многу повеќе само го сменила името од ДОО во ДООЕЛ во 2019 година добила грант од ФИТР од над 1,4 милиони денари.
Потоа повторно добила грант од ФИТР и во 2020 година од над 25 илјади денари.
Згора на тоа, фирмата добивала и тендери на кои се склучувале анекси со АЕК во 2021 година кога на власт беа СДС и ДУИ од скоро 700 илјади денари на кој потоа склучувале анекси.
Потоа тендер од Агенција за пошти предводено од СДС и ДУИ во 2020 од над 120 илјади денари, од ТИРЗ во 2021 од 720 илјади денари, повторно Агенција за пошти во 2021, од Државен завод за ревизија во 2022 над 600 илјади денари, од Агенција за супервизија на осигурување во 2022, и така натаму се до пред паѓање од власт во 2024 кога со АЕК склучиле два тендери од над 2,3 милиони денари. Еден куп тендери во времето на СДС“.
Воедно, истакнуваат од партијата на Мицкоски, очекувале дека Кузеска ќе го пофали новото раководство составено од Заев, но очигледно според нив, нема што да се пофали.
„Нека не се секира Кузеска, одговорност има и ќе има, ама за сите криминали на Венко и Заев“.

