Македонија
Средба Гаши – Фонтана: потврдена поддршката на Италија за евроинтеграциите на Македонија
Денес претседателот на Собранието на Република Македонија, Африм Гаши, во рамки на посетата на Италијанската Република оствари средба со Лоренцо Фонтана, претседател на Долниот Дом на Италијанската Република. На средбата присуствуваа и членовите на Пратеничка група на Собранието на РСМ за соработка со Парламентот на Италијанската Република: Благица Ласовска, Димитар Ковачевски и Мимоза Муса, како и Марина Димовска, генерален секретар на Собранието РСМ.
Гаши истакна дека Италија е посведочен пријател на Република северна Македонија и поддржувач на нашата стратешка цел – полноправното членство во Европската Унија, осврнувајќи се на двете резолуции усвоени во Домот на пратеници на Италијанската Република.
Гаши искажа очекување дека Советот на ЕУ ќе даде јасен сигнал дека започнувањето на преговори со Република Северна Македонија треба да е повеќе од императив за Унијата, особено имајќи ги во вид фрагилните и деликатни геополитички состојби. Соработката меѓу двата парламенти ја оцени како динамична, особено преку Протоколот за соработка кој ќе овозможи размена на искуства, надградба на знаењата и проширување на визиите за парламентарното работење. Несомнено, мост на поврзување меѓу двете држави е и бројната дијаспора во Италија која брои околу 100.000, која е добро етаблирана и ценета во Италија. Во овој контекст ја подвлече важноста од усвојување на Договорот за социјална сигурност од страна на Италија.
Претседателот Фонтана ја потврди поддршката на Италија за евроинтеграциите на Република Северна Македонија и подвлече дека државата веќе направила големи компромиси на тој пат. Искажа надеж дека вратите на Европската Унија ќе се отворат што поскоро затоа што членството во Унијата не е придобивка само за аспирантите туку и за самата Унија.
Соговорниците се согласија дека одлична политичка соработка, како и динамична економска соработка нуди простор за натамошно продлабочување и прширување во сите сфери од замен интерес. Во таа насока изградбата и последователниот развој на Паневропскиот Коридор VIII и вклучувањето во рамката за макро-регионална соработка на ЕУ треба да остане приоритет, како и вклучување во мрежите за интерконективност – инфраструктура, енергија, комуникации, кои се клучни за развојот на целиот регион на Западен Балкан.
Вчеравечер, во Амбасадата на Република Северна Македонија во Рим беше организиран прием на кој се обрати претседателот Гаши. На приемот присуствуваа студенти и професори од Македонија, претставници од малите и средни бизниси, одбраната и безбедноста, религијата и општествениот живот во Италија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Тендер коалицијата ВМРО-ОКГ/ЗНАМ против работниците
„Пратениците на тендер коалицијата ВМРО-ОКГ/ЗНАМ застана против работниците, одбија зголемување на минималната плата на 600 евра и не гласаа за Законот на СДСМ. Се потврди она што го говори СДСМ цело време. За ВМРО-ОКГ/ЗНАМ важни се само криминалните тендери и луксузирањето а работниците и граѓаните се неважни“, соопшти СДСМ.
„Има пари за нивните 161 тендер за една фирма, за 51 тендер за друга, има пари за 74 тендери за трета, има пари за 1,2 милиони евра за фирмата блиска до ЗНАМ преку Пошта.
Нема пари за работниците, има само за луксузирање и криминални тендери.
Владата на Мицкоски постојано се задолжува, пари обезбедуваат врз грбот на народот ама за криминални тендери а не сакаат да обезбедат пари за плати за работниците.
Одбивањето на законот е директен удар врз животниот стандард на граѓаните и на над 200 илјади работници. Во услови кога синдикалната кошничка надминува 67.000 денари, кога храната, струјата и основните трошоци растат од месец во месец, ВМРО-ОКГ ги изневери работниците.
СДСМ понуди реално и одржливо решение – со ребаланс на Буџетот и пренамена на пари од луксузи, како мебел, коли, авион, да се обезбедат пари за 600 евра плата, како што заслужуваат работниците.
СДСМ нема да се откаже. Ќе продолжиме да се бориме за поголеми плати, за работниците, за граѓаните“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Претседателот на Албанија, Бајрам Бегај во официјална посета на Македонија
Претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, од денес до сабота престојува во официјална посета на земјата.
Бегај денеска ќе се сретне со градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, каде што ќе му биде приреден свечен прием. Предвидено е албанскиот претседател заедно со делегацијата да ја посети џамијата „Мустафа Паша“ и Старата скопска чаршија.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, утре, 27 февруари 2026 година, петок, ќе биде домаќинка на Бегај. Албанскиот претседател ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на церемонија во Кабинетот на претседателот, по што ќе следи тет-а-тет средба на претседателите, а потоа и пленарен состанок на македонската и албанската делегација.
Во рамки на официјалната посета, претседателот на Република Албанија ќе положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Најавена е и посети на Тетово, за која информираше градоначалникот Билал Касами во објава на Фејсбук.
„Во сабота, Тетово има чест да го пречека претседателот на Албанија. Оваа посета е посебен момент за зајакнување на соработката и братските врски меѓу Албанците во регионот!“, напиша Касами во објавата.
МВР соопшти дека поради посетата во главниот град деновиве ќе има посебен сообраќаен режим.
Македонија
„Зошто Тренчевска и СДС го штитат Артан Груби и дали поранешните функционери на СДС се исплашени од неговите искази“, прашува ВМРО-ДПМНЕ
„Соработката и партнерството на СДС со екс вицепремиерот Артан Груби излезе на површина. СДС со години молчеа и го толерираа милионскиот криминал на Груби се со цел да останат ден повеќе на власт и да не им се растури коалицијата со ДУИ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Милионски криминали и злоупотреби се случувале во Државна лотарија под покровителство на СДС и ДУИ. По апсењето на Артан Груби, СДС се во целосна конфузија и нервоза пoради стравот од сведочењето на Груби и евентуалните искази што би можело да допрат и до поранешни високи функционери на СДС.
Изјавата на потпретседателката на СДС, Јованка Тренчевска, дека одлуките на Владата биле колективни и дека доколку се утврди вина „сите треба да одговараат“, отвора сериозни прашања. Дали ова претставува индиректно признавање на одговорност? Дали станува збор за обид за релативизирање на индивидуалната вина?
Дали СДС застанува во одбрана на Артан Груби и дали раководството на партијата е подготвено да понесе колективна одговорност за одлуките донесени во време на нивното владеење?
Јавноста има право да знае. Дали СДС го брани Груби во врска со наводите за штета од над 8 милиони евра врз државниот буџет?
Дали поранешните функционери се подготвени да застанат пред органите на прогонот и да ја докажат својата невиност?
Зошто по отворањето на случајот се менуваат ставовите и реториката?
Очекуваме надлежните институции да постапуваат професионално, транспарентно и без селективност. Одговорност мора да има, без разлика на функција, партиска припадност или политичко влијание.
Граѓаните заслужуваат правда, отчетност и целосна транспарентност“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

