Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: Целоснo реконструиран стадионот ССК во Драчево
По децениска запуштеност и негрижа, спортскиот стадион ССК во населбата Драчево, кој некогаш важеше за едно од главните спортски обележја на Кисела Вода, доби целосно нов лик. Со свечена церемонија, синоќа беше пуштен во употреба, благодарение на заложбите на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и поддршката од Фудбалската федерација на Македонија, извести општина Кисела Вода.

Обновениот стадион нуди услови кои се во согласност со современите спортски стандарди. Станува збор за целосна реконструкција што опфаќа девет нови соблекувални, современа теретана, туш кабини, поставена е нова заштитна ограда по целата должина на објектот, а тревната подлога е комплетно санирана. Посебно значајно е и новото осветлување со рефлектори, кое овозможува користење на теренот и во вечерни услови – за тренинзи и официјални натпревари.

Оваа инвестиција значи враќање на животот на еден значаен спортски капацитет во општината, кој во минатото беше дом на многу успешни фудбалски имиња. Со реконструкцијата, ССК повторно станува центар за младите спортисти и фудбалери од Кисела Вода и пошироко, создавајќи услови за нивен развој и афирмација, велат од Општината.

„Заврши долгогодишната негрижа за овој спортски терен во Драчево кој во минатото беше едно од спортските одбележја на Кисела Вода. Вечерва, со свечена церемонија го пуштивме во употреба стадионот кој е белег на нашата општина и од кој во минатото се прославиле доста звучни имиња во македонскиот фудбал. Драго ми е што моите заложби за неопходните реконструктивни зафати на ,,ССК” вродија со плод и што наидовме на разбирање кај ФФМ за што сакам да изразам огромна благодарност, па спортистите сега повторно го добија овој простор за себе, но со услови кои се модерни и современи. Стадионот доби девет целосно нови соблекувални, нова теретана и туш кабини, нова ограда по целата должина, санација на тревната подлога, комплетно осветлување со нови рефлектори – што овозможува одлични услови за тренинг и за одржување на натпревари на фудбалскиот клуб ,,ССК”. Обновата на спортска инфраструктура е поставена високо во листата на моите приоритети како градоначалник и се трудам тоа да им го овозможам на моите граѓани на секој начин – преку инвестирање, преку градење, преку лобирање до надлежните во случај кога друга институција ги има ингеренциите, како што е овој случај. Силно верувам дека обновата на ССК ќе роди нови спортски ѕвезди, чии успеси сите ќе нѐ направат горди. Нека е со среќа“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.













©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

