Спорт
Јуниорите на ШК Алкалоид импресионираа на државното Екипно првенство во шах
Три екипи од Младинската шаховска школа на „Алкалоид“ станаа државни прваци на Екипното младинско првенство за 2025 година, кое заврши вчера во Скопје.
Импонира тоа што трите титули се освоени во сите највисоки старосни категории, односно за јуниори до 18 години (ЖФМ Моника Жежовска, Никола Павлески, Стефан Мелник, Никола Бошковски и Михаил Маркушески), за јуниори до 16 години (Кирил Николовски, Андреј Иванов, Никола Радоњанин, Петар Ачкоски и Лука Ѓоргиев) и за јуниори до 14 години (Благоја Миновски, Андреј Божиновски, Славен Блажевски, Стилијан Стојковски, Александар Аврамовски, Јована Котушевска). Многу малку недостигаше во оваа група да се најдат и јуниорите до 12 години (Илијана Велева, Лука Симоноски, Марко Стојановиќ, Матеј Диванисов и Марко Кметовиќ-Младеновиќ), кои се најдоа на делба на првото место, речиси сосема изедначено, а титулата беше одлучена дури по четвртиот тај-брејк критериум.





– Турнирот за играчи до 18 години беше исклучително квалитетен, особено за македонски услови. Квалитетот беше сконцентриран во неколку клубови и имаше интересни партии кои заслужуваат да бидат и повторно разгледани, бидејќи беше демонстрирана зрела игра, особено од талентите на клубовите надвор од Скопје, кои дадоа неверојатно силен отпор против фаворитите. За првпат имав можност да бидам капитен на екипата во оваа старосна категорија и бев позитивно изненаден од изедначеноста, како и од зрелоста во играта, особено на првата табла. На турнирот до 12 години беше подеднакво возбудливо. На оваа возраст веќе распознаваме кои се оние кои можат да бидат идната македонска гордост во светот на шахот, се насетуваат идните мајстори и добро е што беше демонстрирано „фајтерство“, кое ќе ги стимулира да продолжат и да се развиваат во светот на квалитетниот шах – рече ВМ Влатко Богдановски, кој беше еден од капитените на јуниорските тимови.



– На екипните натпреварувања не е чест случај да се видат такви посветени, борбени и фокусирани јуниори, а овојпат заслужија честитки затоа што го дадоа својт максимум. Беа присутни од првиот до последниот момент и покажаа дека со работа и со труд и чудата се можни, што би важело за турнирот до 14 години, на кој нашите јуниори немаа фаворитски статус, но покажаа карактер и стигнаа до пехарот за првото место – додаде ИМ Дејан Стојановски, тренер посебно задолжен за јуниорскиот шах во клубот.
Дополнително, и екипата на ШК Алкалоид до 10 години го освои второто место, а девојчињата до 10 години третото место.
Со долгогодишната работа во шаховските школи, ШК Алкалоид ја потврдува својата посветеност на младинскот шах, а со континуираната и систематска работа, со наставата насочена кон постојан развој на најталентираните млади играчи, со градењето позитивен тимски дух и со вложувањето во најдобрите македонски шахисти како тренери, кои преку групни и индивидуални часови се фокусирани на издигнувањето на новите македонски шаховски таленти, се дојде до овие успеси, кои даваат индикации дека се оди по вистинскиот пат.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
РФМ и Лазаров ја продолжија соработката до 2029 година
Ракометната федерација на Македонија ја информира јавноста дека со заедничка визија, доверба и јасна стратегија за развој на македонскиот ракомет, ја продолжува соработката со селекторот на машката сениорска репрезентација, Кирил Лазаров.
„Официјално, ќе ја продолжам соработката со тренерот на нашата машка сениорска репрезентација, Кирил Лазаров, со договор до 2029 година“, рече првиот човек на РФМ Александар Стефанов и дополни.
„Веруваме дека континуитетот и стабилноста се клучни за напредокот на репрезентацијата и на македонскиот ракомет во целина. Се надеваме на успешна и плодна соработка во наредниот период, во кој со заеднички труд, посветеност и јасна визија, ќе продолжиме да постигнуваме добри резултати и да го развиваме нашиот спорт.“
„На заедничко задоволство, ќе ја продолжам соработката со Ракометната федерација на Македонија. Водењето на репрезентацијата, особено во мојата земја, е голема чест и одговорност. Благодарен сум за довербата и поддршката што ми е укажана.“
Пред нас е период исполнет со сериозна работа, јасни цели и високи очекувања. Со заеднички труд, дисциплина и целосна посветеност, ќе продолжиме да работиме на напредокот на репрезентацијата и достојно претставување на Македонија, со фокус на стабилност и долгорочни резултати., рече селекторот Лазаров.
Foto/ EPA/Christopher Neundorf
Спорт
Чефениг победи во Бишофсхофен, Домен Превц ја освои Новогодишната турнеја
Словенецот Домен Превц влезе во историјата како трет Словенец, а втор член на семејството Превц, кој триумфираше на Новогодишната турнеја, Четири скокалници. Тој го освои Златниот орел, со освоени 1195,6 поени и беше подобар од Австријците Јан Херл (-42,3) и Стефан Ембахер (-45,0) во генералниот пласман.
Превц го освои второто место на последната скокалница, во Бишофсхофен со скокови од 138 и 138,5 метри кои „вредеа“ 299,8 поени, а минатогодишниот победник на турнејата, Даниел Чофениг, победи на последната станица од Турот. Австриецот застана на 137, а потоа на 140,5 метри, доволно за 303,9 поени.
Иако тоа не е вообичаена практика – Чофениг, како минатогодишен победник и победник во Бишофсхофен, му го врачи трофејот на 26-годишникот од Крањ, а подиумот во вторник вечерта го пополни Јапонецот Рјоју Кобајаши, трикратен победник на Четири скокалници, со 299,8 поени по скокови од 137 и 138 метри.
Ова е 12-ти пат Превац да освои место на подиумот по ред и 13-ти пат во оваа сезона во Светскиот куп.
Само во две изданија (на премиерата во Лилехамер, Норвешка, беше четврти, а три дена подоцна во Фалун, Шведска, беше на 13-то место) не се искачи на подиумот.
foto/ EPA
Спорт
Розениор тренер на Челзи до 2032 година
Досегашниот тренер на Стразбур, Лиам Розениор, е назначен за тренер на Челзи.
41-годишниот Англичанец ќе го замени Енцо Мареска, кој го напушти клубот на Нова година. Розениор и Челзи договорија соработка до 2032 година.
„Не можев да ја одбијам оваа можност да се приклучам на неверојатен клуб и неверојатен тим кој го освои Светското клупско првенство“, рече Розениор.
Стразбур е дел од групацијата „BluCo“, во сопственост на Тод Боли и „Клирлејк Капитал“, која исто така управува со Челзи.
„Ќе го сакам овој клуб до крајот на животот, но не можам да го одбијам Челзи“, рече новиот стратег на двократните европски шампиони.
Лиам Розениор претходно го водеше Хал Сити и беше привремен менаџер во Дерби Каунти. Својата тренерска кариера ја започна како тренер на младинскиот тим на Брајтон.
Како фудбалер играше во Бристол Сити, Фулам, Рединг, Хал и Брајтон.
Челзи моментално е на петтото место во Премиер лигата.
Foto/ EPA

